Г. ВИНЧИЌ: СО ГОЛИТЕ ЖЕНСКИ ТЕЛА САКАМ ДА ЈА ИСКАЖАМ СЛИЧНОСТА НА АЗБУКАТА СО ЖЕНСКАТА МИСТИКА
На 18 април во 20.00 часот во „Колектив Галерија” на плоштад Македонија, ќе биде отворена самостојна изложба „Емо Азбука” на уметничката Гордана Винчиќ. Изложени ќе бидат 31 уметничкo делo изработени во јаглен и пастел. На отварањето, нашата актерка Јелена Мијатовиќ, инспирирана од поезијата на Драган Таневски и изложените дела ќе изведе уметничка перформанца. Младиот музички продицент Александар Миличевиќ ја компонираше музиката за настанот. Куратор на изложбата е ликовниот уметник Игор Љубовчевски-Љубац.
Како ти дојде инспирација за изложбата „Емо Азбука”?
Ништо не е случајно, обично внимателно ги следам симболите и случките со кои се соочувам во секојдневието. Го набљудувам нивниот синхроницитет и со помош на интроспекција се обидувам да ја разоткријам поврзаноста со животот и моето творење. Читав една интересна книга во која буквата „К” ми го привлече вниманието. Почнав подлабоко да истражувам, потекло, значење, симболика и пронајдов дека буквата „К” меѓу другото резонира со спиритуалност, релации и соработка. Истражувајќи понатаму се разгори љубопитноста за мистиката на азбуката, помистична е од што можеме да претпоставиме. Според прастарите записи во манускриптите, секоја буква крие магично зборче кое може да инициира: богатство, просветлување и повраток од „темнината”. Денешната азбука влече длабоки корења од хиероглифитe а пак тие од семитскиот систем.
Која е пораката до гледачите и што можат тие да очекуваат на изложбата?
Сакам да поттикнам љубопитност кон таинственоста на азбуката и емоциите кои таа визуелно може да му ги побуди. Со голите женски тела сакам пак да ја искажам сличноста на азбуката со женската мистика која често се спојува со емоциите. Гледајки ги цртежите, вниманието на набљудувачот ќе му го земат и буквите, воден од својата асоцијативна претстава ќе се подзамисли. Тие сликовито ќе го асоцираат на: личност, предмет, настан и слично а со тоа и ќе побудат цела палета на емоции.
Кои се твоите планови после изложбата?G
Сега во мај патувам за Бугарија на покана од професорот Светозар Надев од Тракискиот Универзитет. Ќе учествувам на меѓународната ликовна колонија во Стара Загора. Во тек е и планирањето за интернационалната ликовната колонија која ќе се одржи во јуни во Валандово. Носители на проектот сме јас и колегата Игор Љубовчевски.