| | |

(Галерија) Во Софија беше одржана научна конференција за бугарските заедници на Балканскиот полуостров

На 12 јуни во хотелот „Рила“ во бугарскиот главен град Софија се одржа научна конференција под наслов „Бугарските заедници на Балканот (1878 – 2025 г.)“, со учество на претставници на бугарските заедници од Северна Македонија, Косово, Романија, Албанија, Турција, Грција и Србија.

Конференцијата е дел од научноистражувачкиот проект „Бугарите на Балканот надвор од границата по 1878 г. Кодот на опстанокот“, финансиран од Фондот за научни истражувања при Министерството за образование и наука на Бугарија.

Настанот го отвори проф. д-р Стојан Денчев, претседател на Наставниот совет на Универзитетот за библиотекарство и информациски технологии. Меѓу официјалните гости беа министерот за внатрешни работи на Република Бугарија, Иван Демерџиев, претставници на Секретаријатот на претседателот, како и Рајна Манџукова, претседателка на Извршната агенција за Бугарите во странство.

Раководителката на проектот, проф. Борјана Бужашка, ги претстави главните цели, задачи и резултати од истражувањето. Учесниците говореа за состојбата, проблемите и перспективите на бугарските заедници надвор од Бугарија, со посебен акцент на зачувувањето на јазикот, историската меморија, културното наследство и улогата на локалните бугарски здруженија.

На конференцијата говореше и Владимир Перев од порталот „Трибуна.мк“, кој детално се осврна на, како што посочи, тешката положба во која се наоѓаат македонските Бугари во моментов. Според него, станува збор за состојба што трае со децении, но сега е заострена до крајни граници.

„Напорите на бугарската држава и дипломатија се огромни и сигурен сум дека резултатите нема да изостанат“, истакна Перев.

Христо Копано, член на Управниот совет на Бугарската Егзархија во Цариград, зборуваше за проблемите со кои се соочуваат цариградските Бугари во врска со употребата на бугарскиот јазик во литургиите и начинот на управување со двете цркви во Одрин. Тој изрази оптимизам за натамошно унапредување на односите меѓу Егзархијата и Вселенската патријаршија.

Софика Мале говореше за културата, образованието и останатите предизвици пред бугарската заедница во Албанија.

Бианка Василе од Романија говореше за напредокот на бугарската заедница во Романија, додека Столе Велков од Кочани го претстави своето видување за унапредување на културно-образовните процеси меѓу двете држави.

Кај сите учесници беше видлив оптимизмот и заложбата за натамошен позитивен развој на бугарските заедници, како и за продлабочување на соработката со институциите на државите во кои тие живеат.

Во рамките на конференцијата беше отворена и изложбата „Бугарите на Балканот надвор од границата по 1878 г. Кодот на опстанокот“, која преку сведоштва го претставува минатото и сегашноста на бугарските заедници во Албанија, Грција, Косово, Северна Македонија, Србија, Романија и Турција.

Слични Објави