ГДУ: ВЛАДАТА „НИЖЕ“ УСПЕСИ И ОСВЕН ВО „ХИБРИДЕН РЕЖИМ”, НИЕ ЖИВЕЕМЕ ВО КОРУМПИРАНА ЗЕМЈА
Тазе податок од прва рака- Македонија е на 93-тото место од 180 држави според нивото на корупција, во последниот годишен Извештај на перцепција на корупцијата на Транспаренси Интернешнал. Пред десетина дена, етаблираниот британски неделник „Економист“, нѐ постави во друштвото на држави од типот „хибриден режим”. И сега пак има нешто добро, позитивно, како и секогаш ние ја наоѓаме светлата страна. Што би кажале позитивците-барем не сме „најдобри“ т.е. на последното 180 место, се вели во соопштението на политичката партија Граѓанско Демократска Унија.
Од земјите од Западен Балкан сме во група со Албанија и Косово, со кои очигледно делиме исти вредности-корупција, непотизам, партиски вработувања. (Не)демократијата кај нас на овие простори е толку изразена што веќе никој не ја смета државата за своја. Секој гледа на неа како на нешто отуѓено, страно, нешто што треба да се смени, ама без наш допринос.
Граѓанско Демократска Унија не може да го премолчи овој факт, овој непобитен доказ дека сме далеку од европските и светски вредности, кон кои како општество тежнееме. Изгледа сега сме сѐ подалеку од нив и за нас се само недостижни идеали.
До кога корупцијата ќе ни биде проблем број еден за напредокот?
До кога нашата власт ќе истакнува дека се бори со корупцијата со сите свои сили, а таа сепак да продолжува да цвета и да „паѓаме“ на листата на Транспаренси Интернешнл?
Зарем заложбите на сите наши чинители дека корупцијата е обуздана и во најмала рака веќе има тенденција на опаѓање, се само популистички изјави на власта да му се додвори на народот и да претстави дека нешто се работи и се оди на подобро?
Дајте веќе еднаш да ја согледаме реалноста во вистинско светло. Дајте да ги отвориме очите и наместо ширум затворени, барем еднаш да ни бидат ширум отворени. Проблемот постои. Да не се минимизира, туку да се фатиме во костец со него.
Соседна Србија бележи пад за два поени, и тоа што нивниот премиер, г-ѓа Сендвич, им ја прави розева реалноста на своите граѓани, му се враќа како бумеранг каде што веќе има народно незадоволство, изразено преку граѓаните на улиците и борбата на медиумите за својата новинарска слобода на изразување.
Кај нас револтот уште е на пониско ниво, зад ѕидовите на нашите домови. Но бидете сигурни дека расте и дека граѓаните веќе не можат да ја трпат олигархијата и моќта на малата елита, која без осет и граници, без скрупули, граба кон таложење на богатството.
Граѓанско Демократска Унија е секогаш на страната на граѓаните. Ние сме коректив на власта и не можеме да си дозволуваме вакви крупни работи да ги оставиме сами од себе да се решаваат. Сакаме да го отвориме прашањето на корупцијата на највисоко ниво, затоа што хиерархијата кај државните органи постои, па се надеваме дека истата веќе еднаш и ќе почне да функционира.
Затоа од ГДУ конкретно ви го поставуваме прашањето. Одговорот е ваш. Нека биде барем еднаш во корист на нашите напатени граѓани, се вели во соопштението на политичката партија Граѓанско Демократска Унија.
