| |

Генчовска: Ќе продолжиме да го следиме прашањето за пристапот до архивите на Бугарската егзархија во РС Македонија

Во координација со компетентните бугарски институции, МНР на Бугарија, ќе продолжи да го следи прашањето за пристапот до архивите на Бугарската егзархија во РС Македонија со засилено внимание поради значајноста на целосниот контекст на заштита на бугарскиот национален интерес во односите со РС Македонија. Ова го изјави шефицата на бугарската дипломатија Теодора Генчовска во бугарскиот Парламент како одговор на пратеничко прашање за слободниот пристап на бугарски државјани до црковните регистри на Бугарската егзархија, кои во моментот се наоѓаат на територијата на денешна РС Македонија.

Министер Генчовска посочи дека до моментот на интернет страницата на Државниот архив на РС Македонија стои дека црковни фондови на бугарската егзархија се чуваат во централата на архивот во разделот „Архивска мрежа- централен оддел“. Архивски фондови на Православната црква се чуваат уште во подрачјата на Државниот архив во Скопје, Охрид, Прилеп, Тетово, Штип.

Генчовска кажа дека не располага со информација дали сите архивски фондови се оригинални или се копии дадени на Државниот архив на РС Македонија од бугарските архиви, каде што исто така се чуваат документи на Бугарската егзархија донесени во Бугарија во периодот од 1918- 1944 година.
Такви архивски документи биле пренесени во Белград од страна на српската Православна црква.

Генчовска појасни дека по информација на Министерството за надворешни работи, државјани на РС Македонија чуваат такви документи и во своите домови.

Генчовска претстави информација од Државна агенција архиви дека документи за Бугарската егзархија на територијата на денешна РС Македонија се зачувани во архивскиот фонд на централниот Државен архив за периодот 1870-1953 кој содржи 4712 архивски единици кои се достапни во читалните на архивата а исто така достапни и online.
Од бугарскиот Државен архив велат уште дека врз база на Договорот за реципрочна размена на копии од документи во Централниот државен архив на Бугарија од РС Македонија се добиени 52 665 копии на различни егзархиски документи од периодот 1890-1920.

Пратеникот Радомир Чолаков кажа дека врз база на текст од Договорот за добрососедство, според кој државните органи на двете држави треба да соработуваат, Бугарија може да побара од РС Македонија исчистена постапка за пристапот до егзархиските регистри.



Слични Објави