Гласникот и параванот
Facebook статус на Никица Корубин
Кога лани, во ова исто време, започнуваше кампањата за првиот круг на претседателски избори, лесно беше да се даваат предизборно секакви ветувања, во тогашните привидно стабилни регионални, европски и светски гео-политички услови. Арбен Таравари, тогаш претседателски кандидат на (се’уште) неформалната коалиција ВЛЕН, ја претстави својата платформа:
“Северна Македонија интегрирана во регионот и во Европа, Северна Македонија производител на безбедност, Северна Македонија правна држава и Северна Македонија консензуална демократија – ќе барам гаранции од високиот претставник на ЕУ дека по уставните измени нема да има дополнителни барања за Северна Македонија надвор од преговарачката рамка од 2022 година, мандатот за формирање на влада ќе му го доверам на партијата или партиите кои ќе докажат дека имаат мнозинство во Собранието, барајќи од мандатарот временски ограничен план за реализација на уставните измени врз основа на член 121 од Уставот, ќе му предложам на Собранието веднаш Северна Македонија да излезе од иницијативата Отворен Балкан“ – велеше тогаш.
Една година подоцна, во драстично променети регионални, европски и светски гео-политички услови, со парадоксално усложнета ситуација, но “расчистен” политички терен; Арбен Таравари, сега во улога на министер за здравство и најгласен претставник на (се’ уште) неформалната коалиција ВЛЕН, се огласи во јавноста, како гласниците во старите времиња, да ни’ ја пренесе пораката.
Пораката, сега од позицијата на власт (и моќ) која инаку, одамна ги напушти предизборните пораки; но и во уникатна “позиција без параван” – регионално (Отворен Балкан), европски (ЕУ независна и самостојна без САД) и светски (САД суверенистички, во конфликт со партнерите од ЕУ). Параванот – евроатлантски интеграции и стратешко партнерство со САД – за глумење и ефективно нечинење на партиските елити – се распадна побрзо од декларативните пораки за истата ЕУ интеграција и стратешка ориентација.
Но, за кого всушност беше наменета пораката? За нефункционалноста на ВЛЕН, и квалитативната криза на нивните кадри, се интересираат гласачите на ВЛЕН, за кои истите тие не’ убедуваат дека се “мнозинските Албанци” вис а вис ДУИ. Зошто тогаш, обраќањето беше за “македонската публика”, на македонски јазик на “македонски портал”, зад “параванот” на јавниот сервис?
Зошто на своите гласачи Албанци, министерот не се обрати на албански јазик? Па, белким за кризата во ВЛЕН, “од која ништо не зависи”, според нивното (авто)пасивно поведение, далеку повеќе се заинтересирани нивните гласачи Албанци, отколку гласачите и негласачите Македонци?
Ова (само)понижување на коалицијата ВЛЕН, во манирот на истата самонаметната пасивност и субмисивност, која како да ја изговорил некој од “заедничкиот македонски табор” – “ДУИ да се реформира”; всушност го има истиот ефект на релативизирање, деградирање и изолирање на албанскиот политички живот, ефектуиран преку конкретни партии.
Па, во ситуација на “сатанизираната ДУИ”, сега го добивме и “нефункционалниот ВЛЕН”, кој беше “изваден на чистина”, од својот министер, да “се правда” за (не)постоечката комуникација со “неподобнота” ДУИ. Целта на пораката е речиси второстепена, во однос на ефектот на намерата искажана на веќе, албанофобски индоктринираната македонска јавност.
Па, затоа за малку релевантност, во сменети околности, добро е министерот, и целата власт да се реферираат и на излегувањето од Отворен Балкан и на обврските од преговарачката рамка, и на ЕУ и на новиот САД. Затоа што старите флоскули, повеќе не важат. Новиот политички и дипломатски речник е прилично јасен и концизен. Нема повеќе простор за криење.
Патот кон демократијата и владеењето на правото, тие омилени декларативни фрази е еден, единствен и прилично тесен. Нема простор за емоции, а уште помалку за манипулации. Пораките немаат ефект, кога намерите се разголени. А, тој пат се вика уставни измени. Во “консезуалната демократија” – каде “Бадентеровото мнозинство” е гарантот “Северна Македонија да биде производител на безбедноста и правна држава”. Интегрирана во ЕУ и Европа. Се подразбира.