Глобализацијата е мртва! Да живее глобализацијата!

/

Пишува: Проф. д-р Звонимир Јанкулоски/ Нова Македонија

Сите го знаеме рефренот: „Кралот е мртов; Да живее кралот!“ Новата верзија на ова е „Глобализацијата е мртва! Да живее глобализацијата!“ Овој нов рефрен го отсликува централниот парадокс за нашето време. Глобализацијата направи повеќе за подобрување на човековата состојба во изминатите неколку децении од која било друга сила во човечката историја. Сепак, наместо да ја слават глобализацијата, многумина во светот ја предвидуваат нејзината неизбежна пропаст, особено на Запад, иако Западот беше тој што го започна патот кон глобализацијата. Прво беше финансиската криза. Потоа дојдоа брегзит и изборот на поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп. Следуваа трговска војна и пандемија. Војната во Украина е пресвртниот момент, кога тргна бранот на тврдења дека глобализацијата е мртва. Од почетокот на руската инвазија, сите одлучија дека ерата на проширување на глобалната трговија и финансиските врски е завршена. Во писмото до акционерите, Лари Финк, главниот извршен директор на „Блекрок“, најголемата светска компанија за управување со финансии, издаде впечатливо предупредување за промената што ја гледа во глобалниот економски поредок. Инвазијата на Владимир Путин на Украина ги принуди владите и приватните компании како неговата да возвратат со прекинување на деловните врски со Русија. Овој одговор беше оправдан, напишал тој, но имаше цена: „крај на глобализацијата што ја доживеавме во последните три децении“.

Дали ваквите предвидувања се прерани? Сепак, овие тврдења не се совпаѓаат со емпириската реалност што се гледа, особено во Азија. Фактите говорат дека минатата година, глобалната трговија достигнала рекордни 28,5 трилиони долари, што е за 25 отсто повеќе за една година и за 13 отсто повеќе отколку во 2019 година, пред да се појави пандемијата. Трговијата меѓу САД и Кина е зголемена за повеќе од 20 проценти споредено со минатата година, и дури со војнатa во Украина глобалната трговија се предвидува да расте во 2022 година, иако со побавно темпо. Во исто време, глобализацијата се развива и расте и во други нефизички димензии. Глобалниот сообраќај на податоци се зголеми трипати повеќе во споредба со 2020 година. Половина милион нови луѓе се поврзуваат на интернет секој ден. Тогаш, зашто толку многу се зборува дека глобализацијата умира? Можеби зашто умира верувањето на неолибералите дека низ глобализацијата светот ќе се американизира. А глобализацијата станува сѐ помалку американска и повеќе глобална. Исто така, умира и второто верување на неолибералите дека либерализацијата на пазарот ќе доведе до мир, просперитет и отвореност, преплетувајќи ги економските интереси на државите, правејќи го конфликтот просто невозможен.

Украина го сруши ваквото верување, зашто поврзувањето е меч со две сечила, а луѓето се грижат и за други работи освен за парите. Нешто што Западот тешко го перципира. Како што глобализацијата поврзува, така лесно може да биде вооружена и да стане извор на конфликти. Како последниот во Украина. Затоа мора да се нагласи еден поизбалансиран пристап кон глобализацијата што ја зема предвид долгорочната отпорност и политичката реалност, а не следење некој востановен автоматизам.

Светот, а особено Западот, ќе мора да се прифати дека војната во Украина нема да ја умре глобализацијата, зашто вистинските причини за тоа се, сепак, на друго место како: промените во либералниот поредок последниве години, кои вклучуваат пад на политичката глобализација и пораст на нови идентитетски политики, нов национализам, протестни движења, повлекување на економската глобализација по трговската војна САД/Кина, излез на Обединетото Кралство од ЕУ, трговски протекционизам, транзиција од отвореност кон изолационизам и широк пораст на антилибералните активности низ западниот свет.

Клучните аспекти на симбиотската врска помеѓу либерализмот и глобализацијата се поткопани одамна. Со војната во Украина само влегуваме во поинаква глобална интеграција водена од нови сили, кои ќе бидат поразновидни и поразорни од оние што беа претходно И тоа, секако, не мора да биде лоша работа. Глобализацијата не е мртва, едноставно веќе не е американска. Губењето на довербата во американскиот начин на живот не значи и губење на довербата во глобализмот. Можеби во онаков каков што го замислуваа Западот и Америка. Затоа прерано го погребаа. А тој е жив, само рекалибриран на новото време.

Чудно како никој од овие феномени што го рекомпонираат светот денес не ја засега Македонија. А би требало. Особено прашањето на иднината на глобализацијата. Зашто тековната финансиска и економска криза сугерира дека глобализацијата каква што ја знаеме се менува, генерирајќи загриженост кај оние земји што својот раст го засноваа првенствено на странско задолжување и чии економии живеат над своите можности. Според некои процени, околу една четвртина од државите во светот или „пропаднале“ или се соочуваат со ризик од неуспех. Малку е веројатно дека таквите држави можат да се интегрираат во глобалната економија на избалансиран и конструктивен начин. Зарем не гледаме дека ние сме во тоа друштво на држави, со вакви „способни“ политички лидери? Се прашувам од каде ваквата релаксираност кон ова прашање. Можеби зашто нас НАТО ќе нѐ брани, а ЕУ ќе нѐ храни. Или можеби поради тоа што има друг што ни ја мисли. Кога не сме способни сами да го направиме тоа.





Претходна статија

Цариградската патријаршија и црковната сложувалка во Македонија

Следна статија

Македонија меѓу Унијата и Томосот

Најново од Колумни

Македонската Kristallnacht

Пишува: Владимир Перев Не треба многу да се пишува за да се разбере; “Кристалната ноќ“ или