| | |

ГНЕВ

И што ако го напишам овој гневен напис? Ќе го прочитаат околу 200 луѓе, од кои половината ќе си речат: „Ене го бугарот, пак нешто досаѓа, а го нема никаков да каже Гоце каков е и секако да одговори на прашањето: Зошто во Бугарија никој не се вика и не го викаат Гоце?“

Се чудам од каде да почнам.

Гневен сум.

Гневот не е најдобриот советник кога се работи за пишување.

Го очекувам гневот на тие кои ќе добијат од 200 до 400 евра плус на платите за два месеца, заради нивниот придонес во борбата против коронавирусот. Гневот на сите, без разлика на тоа во која партија членуваат, како мочаат и како го викаат Богот на кого се молат.

Го очекувам нивниот гнев и ќе бидам позади нив јас татарот што не одговори на прашањето зошто во Бугарија никој не се вика Гоце.

Но да ви кажам нешто за Бугарија, драги пријатели, и таму не цветаат рози, и таму има корупција, и таму има голем број пратеници кои само стегаат копчиња за гласање, ама за разлика од тука, таму медицинарите добија по 500 евра бонус заради својот ангажман. И не, ова не е реклама за бате Бојко.

Знаете ли што е најстрашно во ова што ни се случува?

Ненајадените на морски плодови, ги изедоа парите на медицинарите, а пак другиве што сакаат пак да јадат од морските плодови пиштат дека „наградата“ за лекарите, сестрите и останатиот медицински персонал, било купување на гласови!

Не е купување, туку е подигравка со овие луѓе.

Тепаните, пцуените и понижуваните застанаа храбро за да не одбранат од Ковид-19 и како „мала пажња“ добија трошки и тоа не сите. Трошки не добија вработените во ГОБ 8 септември. Немаме за леб, ама трошиме на јунешки стекови, затоа нема трошки за сите.

Како не им текна на паметните глави во Владата и за овие бонуси да направат едно телевизиско извлекување. За да нема лутиш после.

Се чудите ли уште зошто овие луѓе се евакуираат од Македонија и зошто одат на забрзани курсеви по германски? Го знаете одговорот.

Изборите ни чукаат на врата! Оставете ги тие што за 30 години години, го доведоа македонското здравство до дното, да продолжат да ве чукаат во мозок. Гласајте за нив, тие ви дадоа трошки, тие ви продаваат патриотизам. Додека крадат заедно.

Прашајте го вашиот пратеник рекордер во книжењето патни трошоци, кога за последен пат се има измочано? Немате муда да го направите тоа? Јас ќе ви одговорам наместо него.

Последниот пат кога мочаше вашиот пратеник рекордер по лапање патни трошоци, се измоча врз белиот мантил.

Автор: Атанас Величков



Слични Објави