МЕРКИ ЗА КРИЗА И ИЗБОРИ
Вчера Бихаќка излезе со нов трет пакет на мерки за спас на стопанството и населението. Техничкиот во улога на гласноговорник на СДС ги презентираше јавно мерките што Заев во име на партијата веќе со денови наназад ги промовира. Значи мерките се оформени на Бихаќка, а не во Владата. Има разлика!!!
Сите од СДС се фалат дека партијата ги осмислила и ќе ги спроведе мерките кои тежат над 350 милиони евра. Ама наши народни пари, а не нивни лични партиски. Како мегаломански се фалат со туѓи пари-тоа да ти е мило да ги гледаш. Небаре нивната партија собрала членарина од заслужните членови, па ќе ги помагаат загрозените граѓани, кои и онака тие ги доведоа на ова дереџе.
Ќе ги помагаат загрозените граѓани, невработените, социјалните случаи и тоа со платежни картички. Значи веднаш во старт дискриминација на правните лица. Не сите имаат терминали-читачи за картички, па така и не ќе можеме да купуваме каде сакаме туку каде има опрема за картички. Парите ќе се насочуваат не во сите фирми, туку само во појаките, кои и онака во овој период имаат зголемен промет на храна и средства за хигиена и заштита. Образложение-па само тоа и купуваме два месеци наназад. Дали знаете некој да направил капитална инвестиција во овој период? Дајте луѓе!!!
Ваучер за домашен туризам од 6.000 денари? Ги знаете ли цените на хотелско сместување надвор од сезона, а не камо ли во „пикот“ на сезоната? Овие 6.000 денари не се доволни ни за еден ден на четиричлено семејство во хотел, а не камо ли летување. Доста ги лажете граѓаните дека е мерката за нив. Ова е само голо испумпување на пари од буџетот.
И дополнително, каде се тука пензионерите? Опа, уште една дискриминација. Луѓето што најмногу ви беа затворени, сега со намалените пензии ќе си одмараат дома, затоа што не ви се таргет група за летување. И тие ќе си штедат дома, како и оние со минималните плати. Се сеќавате?
А за паричниот надоместок за лицата кои останале без работа до 30 април 2020? Па нели истата група граѓани ја вративте на работа со вториот сет мерки, кога услов за фирмите да добијат финансиска помош од државата беше да си ги вратат „намаваните“ работници на работа? Да не е не по врат, туку по шија?
За стопанството бескаматни кредити за фирми што воведуваат иновација и дигитализација во работата! Опа, ќе има работа за добропознатиот Фонд за иновации, кој е добро осведочен во пронаоѓање на вистинските. Сега ќе видиме пак како се оди по ѓаволите.
Единствено што ми се допаѓа се мерките за земјоделците. Е сега има дикриминација и тука што се форсираат само лозарите и тутунарите, а камо ги другите гранки од полјоделството? Или пак производителите на јаболка, зелка и другиот зеленчук и овошје да си ги удираат од глава, пред да најдат пазар каде да ги пласираат. Државата пак не ги зема во предвид, затоа што не биле многу насочени кон извозот. Не се доволно финансиски привлечни „за молзење“!
Епа сега мерките не се популистички. Ма тие се „гол“ изборен маркетинг со буџетски пари. Злоупотреба на народната каса за промовирање на партијата. И секако начин за грабање на дел од парите, за да бидат „подобро“ инвестирани во кампањата. Кажете им добредојде на изборите.
Автор: Перица Спасовски, претседател на ГДУ-Куманово
