Грдото лице на српската демократија
Пишува: Иван Николов, прв човек на КИЦ Босилеград за БГНЕС
Скандалозниот притвор на Димитар Димитров, Даниела Михајловиќ и нејзината придружничка Миљана Стоилковиќ за време на полчасовната посета на српскиот претседател Александар Вучиќ на Босилеград на 11 март годинава, ја покажа лажната српска демократија и вистинското лице на властодршците не само во Босилеград, но и во Белград.
Градоначалникот на Босилеград, Владимир Захариев, заедно со органите на МВР и БИА, набрзина се обидоа да ги отстранат лицата за кои се сомневаа дека за време на посетата на Вучиќ може да се обидат да искажат друго, поинакво мислење за ситуацијата во Босилеград од она што Владимир Захариев и Стефан Стојков сакаа да му го покажат.
Во таа смисла беа примени само луѓето кои се на општинската софра и пензионерите, кои турнати зад мрежата од арматурно железо мораа на даден знак да аплаудираат и да му се восхитуваат на највисокиот гостин и неговите домаќини.
На времето на село, при ненадејно доаѓање на попот или даскалот, невнимателните домаќинки набрзина под креветот ги криеле парталите и садовите што биле расфрлани низ собата, а мрзливите и парталави деца ги испраќале кај комшиите. Потоа сѐ си доаѓаше на свое место.
Така и сега, по получасовната претстава со спуштање на претседателот Вучиќ со хеликоптер, зјапање со широко отворени усти, аплаузи, луѓе, лигави изливи на сервилност и благодарност, прегратки, додворувања, симболично предавање на клучот на Босилеград на Вучиќ и петнаесет минутно давање на ветувања за инвестиции, работни места, патишта, детски градинки, граничен премин кон Македонија и полетување на хеликоптерот, приведените беа ослободени и сè си дојде на свое место.
Веднаш попладне Босилеград потона во потиснатото сиво секојдневие – вознемиреност, апатија, валкани улици, загушлива атмосфера и живуркање од денес за утре.
Па, за што беше сето тоа?
Целта на претседателскиот десант што тој ден слета во четири општини во регионот, не беше да се слуша народот, туку многу попрозаична – да собере широка поддршка од народот за новата популистичка партија „Народно движење за државата“.
Иако неговата партија и тој лично ја имаат целата власт во државата, тоа очигледно не им е доволно.
„Пред нас е најтешкиот политички период и треба да постигнеме единство“, вели тој. Очигледно се однесува на потребата да се прифати европскиот предлог за нормализирање на односите со Косово. Не се малку партиите и поединците кои се против тоа, бидејќи сметаат дека тоа ќе доведе до признавање на Косово. Може да се согласиме или не, но главниот предуслов за демократија е да има различни мислења, вклучително и за главните национални и државни прашања. Во моментот кога секое друго мислење ќе се демонизира и дефинира како „антидржавно“, особено кога целата финансиска, медиумска и политичка моќ е концентрирана во едни раце – демократијата е завршена.
Професор Јован Бајфорд од Отворен универзитет во Велика Британија, за Би-Би-Си на српски јазик пишува дека тоа Народно движење е уште еден обид за поткопување на демократијата во Србија, создавање на де факто еднопартиски систем и барање на дополнителен легитимитет за сѐ што Вучиќ сака да направи со Косово и со иднината на Србија. Бајфорд смета дека учеството во политичкиот и јавниот живот ќе биде ограничено само за оние кои се согласуваат со Вучиќ и додава дека тој „…сам ќе одлучи кои се националните и државните интереси, што е екстремно политичко мислење, кој е и кој не е интелектуалец и сите што се надвор од тоа „големо народно движење“ ќе бидат обележани како државни непријатели“.
Ако се суди по напорот со кој органите на МВР и БИА во Босилеград ги бараа и за неколку часа ги „исчистија“ сите оние кои евентуално би можеле да му го расипат расположението на Вучиќ со плакати и пораки кои се разликуваат од дрдорењето на градоначалникот – Србија навистина се подготвува, најблаго кажано, да ја изолира опозицијата со некаков широк „Народен фронт“ од времето на Тито, во кој покрај неговата Партија треба да се вклучат и сите други кои ги споделуваат неговите идеи.
Опасноста е уште поголема ако се има предвид дека Србија во последните три децении интелектуално е доста анемична. Новинарството во никој случај не е безбедна професија и најдобрите новинари најчесто пишуваат за ситуацијата во Србија од надвор. Различното мислење обично се поистоветува со национално предавство. Не е мал бројот и на луѓето на кои демократијата им е сосема неважна и учествуваат на изборите не за да ја изразат сопствената политичка волја, туку да ја исполнат волјата на своите работодавци или едноставно да заокружат некој број.
Сепак, двете телевизии „NOVA S“ и „N1“, весникот „DANAS“ и некои регионални портали и социјални мрежи го спомнаа притворот на возрасниот 77-годишен Димитар Димитров, кој за време на притворот бил распрашуван зошто го празнувал бугарскиот национален празник 3 март. А Даниела Михајловиќ со седуммесечното бебе била приведена поради писмо и плакати „со вознемирувачка содржина“!?
Всушност, единствено вознемирувачко нешто во случајот беше нивното притворање и пречекот на Вучиќ според сценаријата за пречекување на тоталитарните диктатори од времето на комунизмот.
