|

Грковска: Законот за борба против допингот е финализиран, очекувам консензус за негово брзо усвојување

Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска организира работен состанок со претставници на Светската антидопинг-агенција (WADA) со цел да се интензивира постапката за усвојување на законот за борба против допингот и негово спречување, што е обврска за нашата држава според меѓународниот антидопинг-код.

Грковска информира дека нацрт-текстот на овој закон е веќе подготвен и следува негово усвојување од страна на Владата на предлог на Министерството за правда. Таа изрази надеж дека во Собранието ќе има консензус за негово донесување по брза постапка за да не се дозволи да бидеме една од трите земји во Европа што немаат ваков закон.

Вицепремиерката Грковска посочи дека ни спортот не е имун на корупција, а поради неговото огромно влијание и големиот потенцијал преку него да се промовираат интегритетот, еднаквоста и правдата како водечки принципи во заедницата, сите релевантни фактори мора да водат сметка за регулативите и процедурите доколку вистински се цели кон тоа спортот да ја исполнува својата благородна мисија во општеството, а не да биде извор на појави што ја разјадуваат неговата смисла и цел.

Себастијан Жило, одговорен за Светската антидопинг-агенција во Европа, изрази задоволство од досегашната соработка со институциите што се вклучени во изработката на законот, како и од иницијативата на вицепремиерката Грковска за забрзување на процесот на негово усвојување. Со оглед дека претстои период на избори, Жило истакна дека Светската антидопинг-агенција би ценела доколку законот се донесе пред почетокот на изборната кампања бидејќи во спротивно постои опасност да се загрози учеството на нашите спортисти на меѓународните спортски настани.

На средбата се обрати и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски, кој се заблагодари за поддршката во подготовката на законот до колегите од антидопинг-организациите од регионот и ги појасни клучните одредби од овој закон, со кој Националната антидопинг-комисија, која моментно функционира во рамкирте на АМС, ќе прерасне во посебна организација во согласност со меѓународните стандарди.

На средбата присуствуваа и директорите на антидопинг-организациите од Србија и Австрија, директорот на Канцеларијата на претседателот на WADA, координаторот за НАДО-МК, како и претставници на Министерството за правда и Агенцијата за млади и спорт.

Слични Објави