| |

ГУСКАТА СЕ УМИСЛИЛА ДЕКА Е МАСКА ПА ГО КРЕНАЛА КОПИТОТО

Пази сега редослед. На шалтер во Водостопанство на Македонија, вработениот со средно индустриско образование. Во градинка воспитувачка со завршена гимназија. Во пошта на шалтер, вработена со средно трговско образование. Во полиција, примени со курс од сите можни училишта…

Втор редослед. Дипломирана студентка на градежен факултет, вработена во кафич на шанк. Дипломиран машински инжинер заминат на брод , со почетна позиција келнер. Доктор специјалист по гинекологија и акушерство заминат за Германија со почетна работна позиција медицинска сестра по гинекологија.

Се поставува прашањето. Кој ги подредува работните позиции и на кој начин и по кои услови се делат истите. Како е можно некој да потроши огромен труд, внимание, години посветени на учење на пример на факултетот за Педагошки науки, и да си чека безброј години за вработување (кое на крај нема да се случи)а на неговото место некој партиски потрчко со средно скитачко да седне и да ги подучува нашите деца?! Во кого е проблемот? Нема да кажам во политиката и услугата „лепи плакати добиваш работа“, туку во сите останати што молчиме.

Како што поминува времето квалитетот во нашата држава се повеќе бега во „белите земји“ баш поради начинот и политиката за вработување. Тука остануваат се повеќе оние кои ги бива за под „маса“ и нели знаат да носат штикли 12-ка и тигрести проѕирни кошулчиња, со најкраткиот минич што сте го виделе.

Дојдоа деновите кога таа најнеписмената во класот станува шефица. Дојдоа деновите кога оној кадар квалитетен и интелегентен што во мал број остана тука (бидејќи нема документи за работа во странство), да мора да кажува дека „магарето лета“, бидејќи ако каже поинаку ќе мора да застане на сред плоштад да пее песни, па некој случаен минувач да му фрли 10-20 денари за денес да си купи лепче.

Е сега вака. Ако сакаме нашата земја да продолжи да биде кабарето на Европа, тогаш овој начин на функционирање воопшто не е ни лош. Но доколку сакаме да не гледаат сериозно, тука гадно многу треба да се променат работите. Да од корен, и не само тоа. Воопшто треба да се смени стеблото.

Поради овие причини што математичарите станаа писатели, а писателите математичари, филозофијата и психологијата го достигнаа својот врв на развивање. Треба да се постави ред инаку наредните генерации не само што ќе се откажат од образование (нели оние кои главата повеќе им фаќа од тоа кој да го зеам за маж за да бидам позната или да го фатам за швалер) ќе ни избегаат од Македонија за век и векови. Да се разбереме, ако остане празна државата џабе ви е градење на било што. На духовите не им требаат училишта, ни болници, ни пошта, ни банка.

Доволно го уништивте нашето општество. Штетата е направена за многу генерации нанапред. Најжално е што тие докторите (пример) дозволивте да бидат медицински сестри со диплома доктор од најмалку 6 години учење и стрес.

Драги мои. Сите сме ние криви што молчиме и дозволуваме критериумите да не се паметот и стекнатото знаење, туку физичките услуги што може да ги понуди една особа со ИСКЛУЧЕН МОРАЛЕН сигнал. Ние сме виновни што група од 100-тина собрани на меки фотелји, на кои најважна му е исплатата за патарините и тендерите, да одлучуваат на кој начин ќе пропаѓаат нашите животи. Криви сме за нив, бидејќи упорно си ги избираме истите на избори. И не плачете што детето ви заминало за Германија. Карајте го што не му се допаднале сендвичот и сокчето на непотребните многу годишни протести низ годините.

Автор: Елизабета Најдоска Величкова



Слични Објави