|

ИЈЗ ги објави мерењата на радијација во воздухот: Нема отстапувања и покрај пожарот во Трубарево

Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) соопшти дека мерењата на радијацијата во воздухот, спроведени во периодот од 7 до 14 септември 2025 година, покажуваат нормални вредности и не постои опасност по здравјето на граѓаните, и покрај загриженоста поради големиот пожар во скопската населба Трубарево.

Во Скопје, каде функционира една од автоматските мерни станици, просечните вредности изнесуваат 51 нано сиверт на час, што е во рамки на природниот радијациски фон. Највисоката измерена вредност е регистрирана на 11 септември со пик од 69 нано сиверти на час, но и тоа е во границите на безбедното ниво. Денеска (14 септември) во 11:30 часот се измерени 50 нано сиверти на час.

Од ИЈЗ нагласуваат дека нема никакви отстапувања кои би укажале на зголемена радиоактивност или ризик за населението.

По насока на Министерството за здравство и Државниот инспекторат за животна средина, на терен се испратени екипи кои земаат примероци од почва и вода за дополнителни анализи. Резултатите ќе бидат објавени јавно.

Институтот уверува дека состојбата внимателно се следи во координација со надлежните институции и апелира до граѓаните да ги следат официјалните информации и препораки.



Слични Објави