Илинден- празник што треба да нѐ обедини
Пишува: Тодор Вангелов
Денот го нарекуваме Илинден, бидејќи на 2 Август (нов стил) се слави светиот пророк Илија кој бил боговидец, чудотворец, ревнител за верата Божја. Пред сѐ на овој ден треба да покажеме почит кон светителот, да одиме во Црква да се помолиме, да измолиме од Бога прошка, мир и благосостојба во светот. Тоа е нашиот верски и духовен празник. Нашата традиција. Така било, така е предадено, така треба ѝ да остане. Исто така да се помолиме за сите оние кои ги положија своите животи за одбрана на Татковината и ближните.
Во нашиот народ, како и во мојот дом (верувам и во секој христијански дом), секогаш се празнувал овој празник, како духовен, а исто така и како национален. За нас подеднакво важни се и двете празнувања.
Од најрано детство сум задоен со приказните за Илинден и ВМ(О)РО. Тоа ми бил најинтересен, најпривлечен дел од историјата. Не интересен дека сме биле под ропство и сме страдале, туку сум се восхитувал на духот, храброста, решителноста, борбеноста, преданоста, непоколебливоста на нашите предци. Моето детство помина читајќи за нивното херојство, за нивната пожртвуваност. Така го хранев мојот дух, од една страна духовно, од друга страна патриотски.
За духовната важност и потреба на празникот веќе напишав погоре. Второто за нас важно празнување, славење на празникот е што на овој ден, пред 121 година, односно на 2 Август 1903 година се кренало народно востание против османлискиот пет вековен поробител и тиранин. Но, морам да споменам, дека пред да настапи за нас овој голем ден и претходно имало буни и востанија против османлиската окупаторска власт.
Интересно е да се забележи дека првите обиди за ослободување односно кревање востание против поробителот се правени во Македонија, каде што секогаш бугарското население во Македонија се прославувало со својата будност и родољубие. Постојат документи од 1564 година кои нѝ даваат податоци за скопски и прилепски Бугари кои се бунтувале против османлиската власт. Во документите тие се запишани како бугарски ешкии т.е. разбојници. Помеѓу скопските и прилепските Бугари имало и свештеници кои го поддржувале и помагале бунтот. Документите може да се најдат во книгата на турскиот историчар Ахмет Рефик, Türk idarcsinde Bulgaristan, Истанбул 1933, стр. 9-11 и во Цариградскиот архив според записот на истиот, веќе покоен, историчар.
Да се вратиме на Илинден и Преображение. Погоре напишав дека Бугарите од Македонија кревале буни и востанија. Во тој период населението во Македонија било со бугарска национална самосвест. Секако покрај Бугарите имало и од други народности, но големиот процент го сочинувале Бугарите. Тука нема ништо спорно, ниту навредливо. Денес никој не го негира Македонецот.
Нема да навлегувам во подробни објаснувања за Илинденското востание, но треба да се знае дека тоа востание е помогнато од Бугарија со оружје, муниција, офицери и востаници од Бугарија. Вратите на касарните низ Бугарија биле ширум отворени за револуцијата. Имало кампови и прибежишта за востаниците и за народот од Македонија (бежанците)…
Можам да наведам куп имиња на востаници со потекло од Бугарија кои биле членови на ВМРО, коишто биле спремни да го дадат својот живот, а мнозина и ги положиле животите за слободата на Македонија, но би било излишно и непотребно, а не би ни ги собрало сите тие во една мала колумна; но не можам да најдам имиња на српски доброволци кои го помогнале Илинденското востание или барем да имале желба да помогнат. Не гледам заинтересираност од страна на Србија за помош и поддршка на востанието односно за ослободување на Македонија. Напротив, тие навлегуваат со својата српска пропаганда за да го србизираат населението, а тоа го прават агресивно после пропаста на востанието, секако пред сѐ со помош и благослов на Русија.
Зошто ја споменувам незаинтересираноста на Србија да го помогне Илинденското востание односно заинтересираноста истото да пропадне? Затоа што како резултат од српската (и југословенската) пропаганда, многу Македонци денеска плукаат по Бугарија, убедени дека така си го заштитуваат идентитетот.
Востанието во Македонија се кренало на 2 Август 1903 година на денот на свети Илија и затоа е наречено Илинденско, но во Одрин се крева на 19 Август 1903 на празникот Преображение Господово и затоа нашиот источен сосед Бугарија го нарекува Илинденско – Преображенско востание. Тоа е едно и исто востание, кое во еден дел почнало порано, во друг покасно. Впрочем нели ВМРО се бори за слободата на Македонија и Одринско? Нема ништо спорно, ниту погрешно во називот Илинденско – Преображенско востание.
Илинден е нашата испреплетена, заедничка историја која треба да го помири, зближи и обедини секој Македонец и Бугарин. Да ги помири и зближи двете држави, двете влади, двата братски народи. Нека на овој свет и велик ден за двата народи, престане омразата и поделбата, нека настапи помирување.
За крај да проследиме еден цитат од весникот „Илустрација Илинден“ на македонската емиграција во Бугарија:
„Никој повеќе од Илинденците не може да ја разбере длабоката смисла на овие два збора: Бугарска земја. Чеда на една бурна ера, силни и бодри со својот бугарски дух низ сите маки и радости на бугарскиот човек…“.

