|

ИСЕЛЕТЕ СЕ ВИЕ, ЗА ДА НЕ СЕ ИСЕЛУВАМЕ НИЕ

Во последно време ги гледам власта, опозициските партии и ред други луѓе како приготвуваат планови за младите да не се иселуваат од државата. Напнатоста во државата е голема и како што ми се чини еден млад нема да остане. Сведоци сме дека не се иселуваат само млади кои се невработени, туку и доста добро ситуирани!
Причината за која што се обвинети младите дека се иселуваат се парите, дека овде не зимале добра плата па затоа избегале, за да си овозможат подобар живот. Но причината не се само парите, мислам дека многу млади со добра финансиска состојба ја имат напуштено државата. Потребна им е функционална држава која ќе функционира без поголеми потреси.

Се додека синот на Таткото ќе владее и ќе му бидат отворени сите врати а обичниот граѓанин ќе треба да се измачи за истото тоа, млади нема да ви остануваат! Како обичниот граѓанин да има мотивација да успее со сопствен труд и знаење, кога знае дека синот на Таткото ќе го постигне истото тоа без воопшто труд, само затоа што тој е син на Таткото? И зошто истиот тој граѓанин да сака да си го вложи целиот труд да создаде нешто за себе, кога некој ќе си извади патриска книшка и работите сами по себе ќе му се создаваат?!

Сепак сме сведоци дека на секој чекор летаат врски и дека децата на газдите ќе ги заземат работните места кои не ги заслужиле. Како младите да останат во државата кога не можат да си обезбедат здрав живот? Освен тоа што не се инвестира во здравството туку и се краде, се манипулира и со граѓаните. Зошто имаме државни и приватни болници ? Зошто обичните граѓани се „лекуваат” во мизеријата на државните болници а газдите, политичарите, „големите луѓе” се лечат во приватни болници?
ЗОШТО? Зошто никој нема преземено мерки за државните установи и тоа каде се лечат граѓаните? Дали воопшто ќе се излечат обичните граѓани или уште повеќе ќе си го нарушат здравјето?! Кога ќе биде здравството еднакво за сите?

Секој може да се лечи во приватни болници, но дали може да ги сноси трошоците со неговата плата од 300 евра? Се додека болните ги лечиме преку смс пораки а парите на државата ги крадат политичарите, млади нема да ви остануваат.

Образованието ни е на нула. Еден „газдин“ син на факултет е со 10-ки затоа што професорот кои што му ги ставил тие оцени е наполнет со „евричи“ а еден обичен граѓанин е оценет со 6-ки затоа што не ставил ни денар во индексот а научил за 10-ка.

Најголемата кривица за иселувањето на младите треба да ја сносат политичарите т.е сегашната и претходната власт. Не се многу само две се! 30 години изградија се освен мир и правда. Не исполажаа, не испокрадоа, не изманипулираа, си играат со нас, ни ја зедоа моќта и повторно бараат од нас да останеме во државата.
Претседателот на државата се изјасни дека ако не бил претседател и тој би си заминал. Поранешниот премиер, добро познатиот Груевски, не испокраде и еве сега не поздравува од Будимпешта. Сегашниот премиер ни го смени името на државата. И како барате од нас младите да останеме овде ?

Се додека се делиме на ДПМНЕ и СДСМ нема да има промени. Се додека за нас одлучуваат или плавите или црвените нема да има промени. Се додека нема отворени листи нема да има промени. Се додека нема промени, ќе немаме ни млади! И тие малку што останаа и тие ќе си отидат.

Политиката од главна движечка сила, треба да стане последна. Парата е најмалата причина зошто младите заминуваат. И таа има дел, но погоре наведените работи го имаат поголемиот дел за заминувањето. Па како ќе останат младите овде со мизерната плата од 300/400 евра а месечно имаат трошоци над 500 евра? Како истите тие млади ќе се запишат на факултет? Со кои пари ?

За младите да не бегаат од нашата земја треба квалитетно образование, платени пракси, практични вештини во текот на наставата. Ќе останат младите кога шефовите на работа нема да ги третираат работниците како робови. Ќе останат кога народот нема да се дели. Ќе останат кога ќе има целосна промена во Македонија, кога ќе се казнат сите кои што ја донесоа државава до ова дереџе. Ќе останат младите кога ќе прекинеме да си играме држава, и стварно ќе сме!

И ако пак се прашате зошто си одат младите одговорот е овде! Кога синовите на газдите ќе треба да пишуваат CV и да одат на интеревју за работа исто како останатите, тогаш ќе размислат дали да останат тука! Се додека нема рамноправност, ќе нема ни народ. Еден по еден сите ќе заминеме.

PS: Господа политичари ве молиме иселете се вие, за да не се селиме ние!

Автор: Бојана Дрангова, член на НК на ГДУ

Слични Објави