| |

Изборот што го наметнува (Владата на) Мицкоски – или ЕУ или Трамп – е кусоглед и партиски, но далекусежно штетен по нацијата и македонскиот народ

Ивон Величковски

1. Пропаѓањето на концептот на Светската трговска организација (СТО) е предизвикан од децениската кинеска злоупотреба на статусот „земја во развој“.

Кинеските вонпазарни механизми се на штета на конкурентноста на економиите и на САД и на ЕУ и тоа принудно ги поврзува.

2. Реиндустријализацијата е тренд и во САД и во ЕУ. Пред обете е постави изборот сопствено производство со свои ресурси и снабдувачки синџири или увоз на финални производи од Кина и зависност од „изнајмени“ снабдувачи.

Нашата економија, деиндустријализирана со приватизацијата, стана увозно уште позависна од евтиниот кинески производ поради политиките на сите досегашни влади да го саботираат домашниот производител.

Идејата нискиот стандард да се штити со евтини странски производи кратко го одложи социјалниот притисок, но одливот на девизи стана поголем од додадената вредност на домашниот производ што опаѓа.

3. Разликите меѓу администрацијата на Трамп и европските лидери се несомнени.

Но, Украина и трансатланската безбедност остануваат приоритет од двете страни на Атлантикот поврзан во НАТО.

Во обид да ја продолжи самоблокадата кон ЕУ за да го држи Скопје зависно од потребите на Вучиќ , Владата на Северна Македонија парцијално и дневно-партиски ги користи и третира ЕУ, САД и Обединетото Кралство (ОК) и своите односи со нив.

4. Затоа односот кон американската нација Мицкоски сака да го замени со однос кон тековната американска администрација.

Во тоа се води од лажната максима дека „републиканците се понаклонети кон Македонците“. Ова е мантра на македонскиот псевдолиберален дискурс цели три децении.

Вилсон ги дефинира малцинските права во Версајскиот договор. На таа основа се уредува македонското прашање во Југославија 1943-45, при администрација на Рузвелт. За македонската комунистичка историографија „гревот“ на Труман е интервенцијата во грчката граѓанска војна – за да го премолчи Титовиот обид за излез на Егејското Море низ извоз на комунистичка револуција во Грција.

Меѓународното признавање ни го помогна Клинтон, со извлекување на прашањето од ЕУ во Советот за безбедност, во соработка со Франција и ОК. Неговата администрација воспостави дипломатски односи со Скопје.

Сите овие претседатели се демократи.

Првата превентивна мисија во историјата на ОН, УНПРОФОР (и УНПРЕДЕП) на Балканот и кај нас е во мандатот на Буш Постариот.

Рамковниот договор е во мандатот на Буш – помладиот. Во неговиот втор мандат добиваме и Стратешко партнерство со САД.

Преспанскиот договор е постигнат во првиот мандат на Трамп.

Сите овие претседатели се републиканци.

5. САД перманентно имаат партнерски и заштитнички однос и кон македонскиот и кон балканските народи без оглед на тоа чија е Белата Куќа.

Оттука личните (бизнис и/или лобистички) преференци кон одредена администрација во САД Мицкоски може да ги сетира најмногу како партиски, но не и како национални, етнички или институционални парадигми.

6. Обидот Владата да игра „малку Брисел, малку Вашингтон“ по прашањето на ЕУ-интеграцијата е штетен за нацијата.

Северна Македонија не може да биде „американски тројански коњ“ во ЕУ, националната економија ни припаѓа во заедничкиот европски економски пазар и не смее да ги избегнуваме обврските во заедничката одбранбена политика на ЕУ.

ЕУ ги презема своите (финансиски и ресурсни) обврски и во одбраната и тоа е усогласено на обете страни на Атлантикот. Дел од епилогот на новите односи ќе биде ратификацијата на новиот Трговски договор меѓу САД и ЕУ.

7. Евро-американското ривалство е меѓу партнери кои не забораваат ниту колку во историјата се расправале ниту кога си помагале.

Остварувањето на националниот интерес, пак, е задача на националната влада.

Одбивањето на политичко Скопје Северна Македонија да биде дел од европската економска, политичка, одбранбена и просторна заедница – низ саботажа на сопствените ЕУ-интеграции – е и национално предавство и предавство кон своите партнери.

Слични Објави