Центри за податоци или „центар за пропаганда“?
Никица Корубин
За да биде успешна било која пропаганда, нештата секогаш мора да бидат “црно-бели”, а “рамката на дозволени тези” поставена. И целата “дебата” потоа се одвива во точно одредени параметри – се знае што е “бело (добро)”, а што е “црно (лошо)”. И особено се знае што е “рамката” односно пожелната и подобната “теза” која секогаш доаѓа како “готов заклучок” кој всушност ја има улогата на “црвената линија” под која е “непристојно” да се дискутира. Односно да се шири пропаганда под превезот на дебата. Масовната медиумска и инфраструктура и поддршка се подразбира.
А, особено се подразбираат “кредибилните” дискутанти. И оваа шема може да се примени кај нас (и не само кај нас) на секоја тема која е во оптек во јавниот простор, а посебно на “чувствителните” политички теми – ЕУ интеграции, меѓународни договори, односи надвор со Грција и Бугарија, односни внатре со Албанците, “заробена држава” – па се’ до “чувствителните” бизнис или било кои други теми. Клучна е контролата на наративот и водењето, односно насочувањето на истиот.
И секако клучно е “нафрлањето на теми” без да се даде контекстот, затоа што токму тој – контекстот – ја определува меѓузависноста на различните аспекти на дадената тема. Како што е последно “дебатата” за “дата центрите (односно центрите за податоци). Фрлена во етерот сама, без контекст и анализа, со однапред определена “рамка и параметри за добро и лошо” и особено во политички и економски вакум во кој е доведена државата; таа станува школски пример за пропаганда.
Пропаганда за своевидно “справување со последиците” од само-блокираните евроинтеграции (значи политички, правен, економски, финансиски, култоролошки и цивилизациски застој) преку (само)експлоатирање на (само)блокадата. Звучи апсурдно? Веројатно, но ни приближно толку колку апсурдната ситуација во која се наоѓаме цели четири години – “преговорите по поглавја со ЕУ ќе започнат веднаш и без дополнителна политичка одлука, откако ќе се завршат уставните измени”.
Но, што е всушност “замката” со “дата центрите (центрите за податоци)? И што вади на површина таа замка? Етичката “замка” е “прогресот” кој тие треба да го претставуваат – со “супериорни” пропагандни примери, кои служат како параметар за “добро” (“сите развиени земји ги имаат, зарем ние не сакаме да бидеме развиена земја”; но и со “инфериорни”пропагандни примери, блиски до секој од нас (“сите социјални платформи-фејсбук, инстаграм, Х-твитер, тик-ток функционираат на дата центри, па како ќе го кажавте својот став, да не беа тие”). “Лошото” се подразбира – секој што е против е “заостанат” и не и “мисли добро на државата”.
Но, што недостасува во оваа лекција од пропагандата? Контекстот се разбира. Односно минималните, а не па оптималните и идеалните, политички и економисти предиспозиции кои државата треба да ги има – за да дискутира за овие теми. А, бидејќи државата свесно се држи во ситуација да не ги достигне тие предиспозиции, оваа “дебата” всушност не е дебата за “економскиот потенцијал” и “финансиските придобивки” на земјата; туку за брутално отстапување на ресурсите – земјиште, вода, енергија – за која не постои ниту краткорочен, а не па среднорочен и долгорочен план за (само)одржливост и заштита.
Но, оваа “етичка” замка, интересно на површина го вади, реалниот став и “грижа” за земјата, државата, наследството и како тие реално, а не “подобно” вистински се перципираат. Па, после “масовната хистерија” која со години се провлекува на пример за изградбата на хидроенергетскиот систем Чебрен и Галиште, никако да не биде странска инвестиција (особено не грчка); или пак тазе примерот со пропагандата околу Бехтел и Енка (која таргетираше стратешки регионални и континентални коридори) прилично лесно се “лобира” за “прогресот што ќе дојде” со “странските” дата центри. И “заостанатоста” што ќе остане без нив.
А, всушсност “заостаната и примитивна” може да биде само држава со “заробени институции”, узурпиран систем и блокирана ЕУ интеграција. Дата центрите не ја прават разликата, ние самите ја правиме разликата. “Прогресот” поставен врз “темелите кои свесно се подриваат” нема да ја подобри состојбата, туку буквално и метафорички ќе ја исцрпи. Како што се исцрпува секоја земја која се третира во “колонијален”, а не во “државен” манир.
Светска банка, уште пред десетина години, ги процени и ги постави параметрите за само-одржливост на Северна Македонија и за нејзин придонес во ЕУ, како нејзина идна членка. И тие параметри се добро познати на сите избрани и именувани функционери и на секоја влада и собрание до денес. И тоа се три клучни и фундаментални области во која државата може да биде економски одржлива и сама да генерира производ и добивка – земјоделство, културно наследство и туризам. И секоја стратегија морала и мора да се води околу овие три области. Како темел, кој потоа може да отвора “прогресивни” теми.
И всушност нашиот економски и политичко опстанок навистина зависи од “идентитетот”. Ама, од оној што треба да се негува, управува и заштитува – културното наследство како основа за туризмот и земјоделството како основа за храната – а, не оној што се злоупотребува. И бидејќи пропагандата ги поставува параметрите, добро е да ни’ каже што е “доброто”, а што е “лошото” во нашиот сопствен однос (на уставните власти) кон нашата сопствена земја и кон нашите граѓани? Кога веќе е многу тешко да се каже кој и “мисли добро”, а кој и “мисли лошо”. На Северна Македонија, бидејќи нели сме “напредни и прогресивни”.

