Извештај на ХКЧП: Корупцијата во Идризово царува, а затворениците живеат во супстандардни услови во мувла и влага

/

Дел од осудените лица се пожалиле дека биле жртви на корупција и дека во установата сè што ќе посакаш, можеш да добиеш со пари како: кревет, телефон, топла вода, медицинска терапија, преместување во друга установа, користење погодности итн.

Хелсиншкиот комитет за човекови права објави Извештај за состојбите и условите во казнено – поправните установи и воспитната установа 2022 година, финансиски поддржан од Европската Унија.

-Наодите во извештајот се базираат на спроведени посети од страна на мониторинг тимот кои за време на посетите изврши увид во просториите на казненопоправните установи и воспитно-поправната установа, обезбеди бесплатна правна помош и психијатриско советување на осуденички и осуденици, спроведе разговор со речиси сите директори на установите како и со вработените од редот на припадниците на затворската полиција, социјалните работници, психолозите, правниците итн, соопштуваат од ХКЧП.

Тие забележуваат подобрени материјални услови во дел од казнено поправните установи како и вложување на напори за едукација на вработениот кадар, но и конечното ставање во функција на Тренинг центарот во Идризово.

Условите за издржување на затворска казна во најголемиот затвор во државата КПД Идризово не ги задоволуваат минималните стандардни услови што предизвикува незадоволство кај осудениците.

– Осудените лица и понатаму издржуваат казна затвор во супстандардни услови, со високо ниво на влага, која во некои делови од установата достигнуваше дури 66 % од дозволен максимум од 50 %. Во објектот „Зграда“ во некои од собите се сместени по 10-12 лица во соби кои не ги задоволуваат стандардите ниту во поглед на големина ниту пак во поглед на материјални услови, влага и светлина. Инсекти (тавтабити) и други инсекти се лесно забележливи по ѕидовите во установата, а осудените лица имаат бројни убоди по телото од нив. Тие спијат на кревети на 3 ката, па често се случува осудените лица што спијат на третиот кат да паднат додека спијат. За споредба, во некои соби од овој објект, други осудени лица се ставени во поповолна положба, со тоа што во иста големина на соба издржуваат казна 2 или 3 лица во значително подобри услови за нив. Дел од осудените лица, поточно речиси 10 лица во објектот „Зграда“ во 1 крило, 3 крило и 4 крило спиеја на под на душеци или пак импровизирани легла направени од ќебиња и перници. Осудените лица кои спијат на под во ходниците немаат тоалети, па поради тоа се приморани да ги користат тоалетите на осудените лица кои имаат соба. Ваквата слика потврдува дека пренатрупаноста е сè уште нерешен проблем во оваа установа, кој се провлекува години наназад, констатираат од Хелсиншки.

Повеќе на Слободен печат



Претходна статија

Алијанса за Албанците: Црната листа на САД треба да ги содржи имињата на политичарите инволвирани во „Маѓар Телеком“

Следна статија

Бугарите од РСМ преку Уставен суд ќе се борат против дискриминаторските закони на нивна штета

Најново од Вести