Како Бугарија влегува во Тројниот пакт?

//

Пишува: Силвија Авдала, Израел

Повеќе од една година по почетокот на Втората светска војна, обележана со окупацијата на Полска од страна на Хитлер и Сталин на 1 септември 1939 година, Балканот се надева дека интересите на потпалувачите на војната ќе се движат во друга насока. Меѓутоа, во тоа време, Мусолини веќе ја окупирал Албанија и дел од Грција, а следниот очекуван германски потег бил германските трупи масовно преку Романија да се спуштат на југ кон територијата на Грција. Има само еден начин да се стигне до таму – преку Бугарија.
И по избувнувањето на Втората светска војна во 1939 година, цар Борис правел очајнички обиди да ја зачува бугарската неутралност, отфрлајќи дури 4 покани за приклучување кон Пактот, дури и сфаќајќи дека Бугарија нема ресурси да се спротивстави.

Прво одбивање: На 17 октомври 1940 година, Мусолини го известил цар Борис III преку неговиот личен пратеник, Филипо Анфусо, дека ќе започне акција против Грција и дека неговата земја ќе ги преземе териториите, кон кои има претензии. Царот сфаќа дека таквиот предлог има за цел да ја натера Бугарија да се откаже од својата неутралност и да се вклучи во воениот конфликт, поради што „категорично одбива“.

Второ одбивање: Во истиот период, Германија прави сличен обид да ја привлече Бугарија. На 22 октомври 1940 година, цар Борис III, како одговор на поканата на Адолф Хитлер до Бугарија да се приклучи на Тројниот пакт, напишал дека би било подобро земјата да ја задржи својата неутралност: „Од гледна точка на ситуацијата на Балканот , според мене подобро би било Бугарија да ја продолжи сегашната политика подолго време. Во спротивно, предвидувам компликации кои нема да бидат поволни ниту за Бугарија, ниту за Германија“.

Трето одбивање: Хитлер на 17 ноември ѝ дал уште еден предлог на Бугарија за пристапување кон Тројниот пакт, но следело друго одбивање во писмото до германскиот министер за надворешни работи Рибентроп.

Четврто одбивање: На 24 ноември 1940, Сталин, во тоа време сојузник на Хитлер, го испратил во Софија Аркадиј Соболев, генерален секретар на Народниот комесаријат за надворешни работи на СССР. На 25 ноември Соболев е примен од министерот за надворешни работи на Бугарија Иван Попов, од премиерот Богдан Филов и на крајот од царот Борис III. Предлозите на Соболев во Софија биле за договор за взаемна помош. Советската страна ветува дека ќе ја зачува независноста и политичкиот режим во земјата и ќе помогне во заштитата на бугарските интереси во Западна и Источна Тракија, во замена за што Бугарија мора да му обезбеди на СССР воени бази во Бургас и Варна. Непосредно пред тоа, слични предлози се дадени на Литванија, Латвија и Естонија, кои во истата 1940 година веќе биле окупирани од СССР. Во оваа прилика Сталин вели: „Во пактите за взаемна помош најдовме форма што ќе ни овозможи да ставиме голем број земји во сферата на влијание на Советскиот Сојуз“.

Посетата на генералниот секретар, која останала во историјата како Соболева акција, не го постигнала очекуваниот резултат. Таа го дава почетокот на интензивно лобирање од страна на Бугарската комунистичка партија за итен влез во Пактот.
Илјадници летоци потпишани од Васил Коларов, Георги Димитров и В’лко Червенков се расфрлани во Софија и во другите големи градови на Бугарија. На вооружена борба повикуваат и активистите на партијата БЗНС „Пладне“.

Претставници на Бугарската комунистичка партија повикуваат Бугарија да стане дел од Тројниот пакт

На 20 јануари 1941 американското списание „Тајм“ прави опширно интервју со цар Борис Трети, објавувајќи на насловната страна фотографија на бугарскиот владетел во воена униформа.

Цар Борис III на насловната страна на американското списание Time.

Во написот објавен со наслов „Бугарија – за Бугарите“, царот тврди дека и за него најверојатно војната е неизбежна, но ќе се обиде што подолго да го одложи влегувањето во Пактот. „Совршениот Европеец“, како што го нарекува новинарот на „Тајм“ во своето интервју објавува: „Моите министри се германофили, жена ми е Италијанка, мојот народ е русофилски, само јас сум неутрален!“.
Борис III, кој се сеќава на својот живот во рововите на Првата светска војна и на смртта на десетици негови соученици од военото училиште, се колне дека во случај на војна, бугарски војник нема да се бори надвор од границите на Царството. Дури тоа да го чини тронот. Мирниот, симпатичен, љубител на пеперутки и на патувања, млад владетел инкогнито, со елегантна насмевка најавува на највлијателниот американски магазин: „Ако еден ден го изгубам тронот, ќе одам директно во Америка и ќе станам механичар“.
Што се однесува до неговите министри, премиерот Богдан Филов, најголемиот германофил меѓу нив, во впечатлив говор ги искажува своите ставови за војната: „Фашизмот можеби е добар за Италија, националсоцијализмот за Германија, а болшевизмот за Русија, но ниту еден од нив не е добар за Бугарија и таа нема да биде легионерска држава“. И, исто така, „Морам да ве предупредам дека денес војната и мирот не зависат од малите народи како Бугарија. Тој е толку мал што не може да диктира дали да има војна или мир. Затоа мора да бидеме подготвени за секоја можност…” Говорот бил одржан во Русе, каде што жителите на градот веќе ја следат изградбата на 700 подвижни мостови за преминувањето на германските тенкови. Говорот бил објавен во провладиниот весник ” Зора“ и цитиран во грамата на американскиот амбасадор Џорџ Ерл, кој се подготвувал да ја затвори амбасадата и да замине.



Грама на американскиот амбасадор во Бугарија Џорџ Ерл

Кога на 1 март 1941 година, Богдан Филов го потпишал пристапувањето кон Пактот во палатата Белведере во Виена, германските трупи веќе стапнале на бугарскиот брег. Влегувањето на германските трупи на бугарска територија пред стапувањето на сила на договорот со Бугарија со посебен протокол, од гледна точка на меѓународното право, значи газење на бугарскиот суверенитет од страна на Хитлер. Овој случај бил дискутиран во извештајот од 3 март 1941 година на германскиот амбасадор во Москва за неговиот разговор со советскиот министер за надворешни работи Молотов. Во документот се наведува дека Германија го известила СССР дека на 1 март 1941 година германските трупи влегле во Бугарија. Во оваа прилика Молотов предава неформален меморандум во кој германското влегување на бугарска територија е наречено „воена окупација на Бугарија“.

Цар Борис до својата смрт го задржал имиџот на најчудниот сојузник во овој целосно воен пакт – сојузник кој одбивал да војува. Тој останал доследен на своите принципи „Секогаш со Германија – никогаш против Русија“ и „Подобро црн леб – отколку црни шамии“. Принципи со кои ќе ги зачува животите на сите свои поданици, дури и на најзагрозените – оние со еврејско потекло, но тоа ќе го плати со својот живот.



Претходна статија

„Од двете страни на границата“ – кампања за поддршка на добрососедството меѓу Бугарија и Република Македонија

Следна статија

Скопје – рудиментот на југокомунизмот во Европа  

Најново од Истакнато