|

Како (улица) Адем Демачи отвори пат “српскиот свет” да завршува на – Табановце

Facebook статус на Ивон Величковски

На 11 август во Народната библиотека “Вук Караџиќ” во Крагуевац, Србија, беше отворена изложба по повод “110 години од битката кај Беласица и ослободувањето на старите српски земји”, во организација на проф. Дејан Антиќ од Филозофскиот факултет во Ниш. Оваа битка според Антиќ значи “конечно враќање на старите српски земји од Македонија во српското кралство”.

На ова нашата “јавност” немаше реакција.

За медиумите и “јавноста”, податна за скандал при посетата на Курти беше картата на “Голема Албанија”. Оправдано.

Но чудно е како таа коинцидира и стана “доминантна” тема пред суштинската порака на Курти: “Колку е поблиску Северна Македонија до Косово, Албанија и Бугарија, и колку подалеку од Србија која не се дистанцира ниту од Милошевиќ ниту од Путин – толку поблиску ќе биде до влезот во Европската унија и ќе биде побезбеден регионот. Балканот. И за ова мора да помогнеме и ќе ја поддржиме Северна Македонија“.

Дел од одговорот на Вучиќ на ТВ Пинк денес гласи: Да не бевме воено толку посилни… знаете ли колку пати Курти ќе го нападнеше секој дел од Србија? …Тој не би ја нападнал само централна Србија, туку и Северна Македонија, Црна Гора…“

Во ова југо-македонистите препознаа “повик” повторно да се стават во функција на познатата матрица “Србија не брани од клетите Шиптари”.

Но… не ја дослушаа до крај изјавата на Вучиќ: “Мораме да се обидеме… да го зачуваме мирот, да прифатиме компромиси, да попуштиме кога е можно…“, во која како и до сега – се промовира во деескалатор на тензии, најавувајќи дека:

– Прифаќа деетнизација на заедницата на општини во Косово,

– Свесен е за внатрешните политички притисоци и бара начин повторно да ги намали низ регионална дифузија на прашањата, и

– Во познат манир се обидува да се докаже како регионален фактор на влијание, особено во соседството.

Во однос на Вучиќ – политички легитимно, особено откако Пендаровски на 2 Август му се понуди себе си и државата за “спунт”.

Во однос на политичарите од власта и опозицијата во Македонија – поразително. Бидејќи

– Ковачевски не му беше домаќин на Курти,

– Пендаровски не му порача на Вучиќ дека Северна Македонија е членка на НАТО, а не Трета армиска област на ЈНА,

– Мицкоски спори само дали треба инспекциски надзор за преименувањето на улицата што и онака е сторено пред 2 години и

– посетата на Курти беше искористена само за позиционирање меѓу партиите на Албанците во Македонија.

Се на се, “пауза” пред уставните дополнувања.

Нашите југо-македонисти секако се согласни со оценката дека “Адем Демачи… кој поминал 28 години во затвор, во времето на Тито, кое тогаш било либерално… е најлош и најголем големоалбански идеолог и сепаратист.”

Но, не може да се помират дека отпорот кон ликови како Демачи е само немоќ пред успехот на сите косовски, хрватски, словенечки, српски, црногорски и – македонски “сепаратисти” кои ги одвоија своите држави од – Југославија и го напуштија комунизмот.

А сите овие држави, заедно со Албанија, имаат еден голем сон – ЕУ. Што Словенија и Хрватска веќе го остварија.

И дека на тој начин, косовската е поврзана со македонската, босанската и црногорската државна независност.

И бидејќи сакаме да се сеќаваме на своите светли традиции, да ја преименуваме на пр. улицата “Хо Ши Мин” (?!) која се протега низ Гази Баба и Чаир во “Втора македонска бригада”. Ако сакаме да им оддадеме признание на борците против Милошевиќевиот режим, да именуваме улица “Зоран Ѓинѓиќ”.

Продолжете ја низата.



Слични Објави