Какви општини сакаме да имаме и какви градоначалници ни се потребни

/

Пишува: М-р Десанка Николова

Како резултат на процесот на децентрализација, единиците на локалната самоуправа (ЕЛС) се здобија со сериозни административни, финансиски и човечки ресурси за спроведување на надлежностите. Во таа насока локалните избори и изборот на општински челници се се поатрактивни за политичките партии, а номинирањето на идеален кандидат за градоначалник е од круцијална важност и за партиите и за граѓаните.

Во пресрет на локалните избори кои треба да се одржат во октомври оваа година, дел од политичките партии веќе излегуваат со официјални кандидати за градоначалници, но кој од понудениот избор ќе ја добие поддршката на граѓаните останува да видиме. Сепак, се наметнува прашањето какви општини сакаме да имаме и какви градоначалници ни се потребни? Кој е фокусот на успешниот градоначалник?

Успешните градоначалници ја балансираа потребата да привлечат нови инвестиции и да го поддржат проширувањето на бизнисот со добри социјални и еколошки политики. Затоа и сметам дека успешните градоначалници својата програма за работа треба да ја темелат на неколку столбови низ кои ќе биде насочена призмата на нивната работа:

  1. Економски развој на општината!

Локалните власти се особено важни за секојдневниот живот на луѓето бидејќи управуваат со инфраструктурата и услугите кои директно влијаат на квалитетот на животот. Градоначалниците имаат одредено влијание врз формата на сегашниот и идниот развој на градот, вклучувајќи го и неговиот успех во привлекувањето нови инвестиции. Привлекувањето странски инвестиции, отворањето нови работни места и создавањето поволен бизнис амбиент за домашните инвеститори треба да бидат економски приоритет на секој успешен градоначалник.

  • Градење на инклузивна општина и јакнење на социјалните капацитети на општината!

Инклузивна општина или општина за сите граѓани, но не само на хартија. Затоа и ни се потребни градоначалници на кои сите граѓани ќе им бидат важни и во таа насока ќе има драстично намалување пред се на политичката дискриминација која во моментов е најзасатапена.

Рамноправноста и инклузијата на ниво на заедница се клучни аспекти на едно кохезивно општество во кое се почитуваат разликите меѓу луѓето. За жал, многу луѓе од маргинализираните групи и заедници, се соочуваат со системска дискриминација и постојани пречки или предизвици во пристапот и вклучувањето во општествениот живот. Кога не се посветува внимание на предизвиците, тие се продлабочуваат и стануваат сè потешки за решавање што води кон социјална ексклузија.

Социјалната инклузија подразбира чувство на прифатеност во  локална заедница и способност да  се придонесе за општеството на значаен начин, преку учество во главните активности и остварување на основните права.

  • Намалување на локалната корупција и стоп на урбаната мафија!

Она што е највидливо од локалните политики во изминативе години во голем дел од општините (не во сите) е зголемената локална корупција и експанзијата на урбаните мафии, чии шефови за жал се градоначалниците.

Најчесто станува збор за коруптивни практики поврзани со употребата и развојот на земјиштето. Ова не е изненадувачки затоа што регулативите за користење на земјиштето спаѓаат во надлежностите на локалните самоуправи. Така има примери на градоначалници кои им даваат дозволи на нелегални градежници или нелегално распродаваат парцели, па во одредени општини зградите никнуваат како печурки. Верувам дека идните градоначалници же ја прекинат оваа практика.



  • Чиста, здрава и добро зачувана животна средина!

Нема здравје без чиста и здрава животна средина. Затоа и градоначалниците треба да се стремат да го зголемуваат квалитетот на урбаното живеење.

Во тој контекст земјиштето кое е планирано или на кое има изведено парковско или заштитно зеленило или пак простор за рекреација да не  може да се пренамени во друга намена (домување, комерцијални објекти, објекти за производство), а ќе се зголемуваат и зелените површини во градовите.

Она што веќе требаше да биде пракса, а не е, е воспоставување модел за унапредување на велосипедскиот сообраќај и воведување зони со ниска емисија или зона со забрана на сообраќај за тешки товарни возила, временски распоред за достава на стоки, локална политика на паркирање.

Креирањети на локални стратегии и мерки за енергетска ефикасност во насока на чиста и здрава животна средина исто така треба да биде еден од приоритетие на идните градоначалници. (Тоа би значело поттикнување и поддршка на проекти за максимално искористување на водните потенцијали, користење на енергијата на ветерот и изградба на когенеративни постројки, кои преку пиролиза на дрвото ќе произведуваатедновремено топлинска и електрична енергија, а издувните гасови нема воопшто да ја загадуваат околината).

  1. Креирање на младински политики

Говорејќи за локалните политики за млади кај нас, низ годините тие  речиси беа анонимус за локалните самоуправи.

Напорите на младинските организации и невладиниот сектор насочен кон младите за структуриран пристап кон дефинирање на политиката за млади најчесто завршуваа со поддршка на неколку активности од културата и спортот, активности во кои симболично учествуваа младите луѓе.

Немањето капацитет на локалните политичари дополнително ја зголеми празнината од немањето стратегии насочени кон младите. Преку јакнењето на капацитетите во полето на креирање на младинските политики се  создава подобра економска и социјална средина за младите луѓе.

Креирањето на локална младинска политика поддржана од градоначалниците е од големо значење затоа што само на тој начин може  да им се даде на младите луѓе можности и искуства со кои ќе се поддржи нивната успешна интеграција во општеството и ќе им се овозможи да станат активни и одговорни членови на заедницата, како и носители на промените.

Останува да ја почекаме целокупната понуда и изборот кој може да го направиме. Да видиме какви програми ќе подготват и со каков интелектуален капацитет располагаат претендентите за идни градоначалници. А и од нас зависи што ќе избереме!

Претходна статија

Сите разбирачи топтан во бродот-полетувате од Ќустендил

Следна статија

(Видео)Нешков: Ако некој посегне по правата на македонските Бугари, Бугарија нема да биде сама

Најново од Ваш став

КРАДЕЦОТ ОД НЕБРЕГОВО

Верувам во реинкарнација. Од педагошки причини. Многумина заслужни не добиле адекватно признание во овоземниот живот. И