Каракачанов: Нормално е Заев да прима бегалци од Авганистан, бидејќи во времето на Груевски се откри дека таму живеат потомци на античките Македонци

//

Красимир Каракачанов е лидер на бугарската партија ВМРО-БНД од 1997 г. Тој е поранешен министер за одбрана и вицепремиер одговорен за безбедноста во владата на Бојко Борисов (2017-2021). Според македонските медиуми е еден од најконтроверзните бугарски политичари, заради неговите ставови во однос на македонската историја и карактерот на населението во географската област Македонија, која денеска се наоѓа во границите на РС Македонија, Бугарија, Грција и мал дел во Албанија.

Трибуна: Вашата партија ВМРО-БНД е против влезот на бугарска територија на бегалци од Авганистан. Како според Вас Бугарија ќе се „спаси“ од очекуваниот бегалски бран и дали идејата на Вашиот заменик европратеникот Ангел Џамбаски за формирање на волонтерски формации не е само популистичка мерка?


Красимир Каракачанов: Уште во 2014 година на барање на ВМРО, бидејќи тогаш мнозинството на ГЕРБ зависеше од нас ние успеавме да наметнеме изградба на ограда на границата со Турција. Токму таа ограда до денеска е најсериозната препрека што ги запира нелегалните имигранти, без разлика дали доаѓаат од Сирија, Алжир, Авганистан или од цела Африка да влегуваат во Бугарија. Кога јас станав Министер за одбрана во 2017 година разработив посебни планови за мобилизација со кои армијата учествуваше во зачувувањето на границите. До 2017 година границата се чуваше само од граничната полиција и при потреба од мобилизирани на полицајци. Во мое време беше разработен план којшто уште постои, според кој, ако се појави закана во рамките на 4 часа на границата ќе се распоредат 1000 војници со 360 технички единици, камиони, хермелини и друга техника. Според истиот план во рамките на 24 часа на граница можат да бидат распоредени 2300 војници со соодветна опрема. Оваа методологија даваше многу добри резултати. Во 2017-2018 година имаше притисок од страна на бегалците на бугарската граница, а сигурно се сеќавате дека пред една година кога се случи големиот бран во насока на Грција, Бугарија не пушти ниту еден нелегален имигрант на своја територија. Бугарската Влада може да го користи сето тоа, што ние го направивме во последните 6 години, една добро обезбедена граница со модерна ограда, видео надзор, со дронови, со реновирани патишта преку кои многу брзо може да се придвижат припадници на полицијата и армијата до границата.
Политиката на ВМРО секогаш била на бугарска територија да нема нелегални имигранти. Тој што себеси се смета за бегалец што бега од војна, посебно кога зборуваме за жени и деца, да биде така добар да се пријави на било кој од трите гранични премини со Турција, да покаже документи и да побара официјален статус на бегалец а не да влегува нелегално во Бугарија. Мојата политика како заменик-премиер и одговорен за безбедноста била недопуштање на нелегални имигранти на бугарска територија. Сум бил против тоа да ги апсиме на наша територија и да ги запишуваме како бегалци, бидејќи според европската регулатива кога уапсиш нелегален имигрант на своја територија тој останува во прифатните центри во твојата држава. Кој сака да добие статут на бегалец треба да го следи законскиот ред. Од 2017 година од тие кои се обидуваат да влезат на бугарска територија само 30 проценти доаѓаа од Сирија каде што имаше војна. Останатите беа од Алжир, Авганистан и африканските земји.

Голема лага е дека во Европа доаѓаат бегалци. Во Европа доаѓаат нелегални имигранти кои сакаат да живеат во едно средено општество, некој да им ги плаќа сметките, да ги негува, да им дава пари и тие да не работат. Тоа се луѓе кои што не сакаат да се интегрираат. Мојата политика секогаш била насочена кон тоа не заради тоа што не ми се допаѓаат муслиманите или Африканците , туку заради тоа што гледаме што се случува во западна Европа. Одат таму и не се интегрираат. Тие не ги почитуваат европските закони, европските вредности. Европа е христијански континент. Тие луѓе мислат дека Европа треба да попуштат за сѐ. Вистината с разбира е сосема поинаква, кога ќе отидеш во една туѓа куќа или држава е нормално ти да се прилагодиш со вредностите на домаќините, со нивните закони, традиции и култура.
Во западна Европа имаше голем број на случаеви на силување на жени, но тоа не се прикажуваше од медиумите, за да не се создава негативно мислење за нелегалните имигранти.
Во Бугарија имаше два обиди за силување, едно убиство и еден обид за убиство. Тоа се случи во 2015 година. Токму затоа и денеска ВМРО кажува дека тие луѓе не треба да бидат пуштани во Бугарија. Ако се работи за жени и деца немаме проблем да им се помогне, но ако во Бугарија влезат 100-150 000 Авганистанци и ние мораме да ги раселуваме низ Бугарија, тоа значи да си ги создадеме истите проблеми што си ги создаде Западна Европа.
Бомбашките напади во метрото на Лондон беа извршени од Пакистанци кои живееле 20 години во Англија и беа образовани таму. Нападите во Белгија, нападите во Франција и сите обиди за атентати во Европа беа извршени од такви исламски радикали кои доаѓаат во Европа не за да бараат спас, туку да го наметнат својот начин на живот.
Во однос на тоа што го вели Ангел Џамбаски, во 2014 година луѓето сами се организираа и помагаа во чувањето на границата. Ние предложивме закон за тие волонтерски формации во кои без разлика дали гаснат пожари, или се помага за време на природни непогоди тоа да се случува на организиран начин. Луѓето што сакаат да учествуваат во такви волонтерски групи треба да бидат проверувани за криминални пројави, да бидат физички подготвени и да бидат во добро психичко здравје. Овој закон помина на прво читање во минатиот Парламент, во сегашниот Парламент може да помине на второ читање и така државата да си обезбеди луѓе кои што ќе помагаат на пожарникарите, на полицијата , на армијата.

Трибуна: Македонија која не е дел од ЕУ и која е со далеку помали можности во споредба со Бугарија веќе соопшти дека ќе прифати 450 бегалци од Авганистан. Дали тоа не покажува дека нашата држава е далеку кооперативна во однос на очекуваната бегалска криза од Вашата земја?

Красимир Каракачанов: Во дилема сум како да ви одговорам на тоа прашање. На шега или сериозно… Ајде ќе почнам со шегата. Нормално е господинот Заев да прими Авганистанци. На крајот на краиштата за време на Груевски се разбра дека антички Македонци живеат во Авганистан и Пакистан. Дури и на еден пакистански селски кмет му подаривте земја кај Охридското езеро. Го објавивте за крал Газанфар итн. Како директен потомок на Александар Македонски. Како што е познато Александар Македонски го освоил Авганистан и стигнал до Пакистан. Сосема нормално е господинот Заев да ги прифати овие поранешни антички Македонци во нивната родна земја. Тоа се разбира го кажувам на шега, сега сериозно.

Господинот Заев едноставно сака да им се допадне на Американците. Зарем тоа не го гледате сите? Тоа не е политика само на господинот Заев. Ако се сеќавате господинот Киро Глигоров меѓу првиот и вториот круг на првите претседателски избори даде државјанства на 150 000 Албанци од Косово. Така ги доби изборите, но создаде голем внатрешен проблем. Тоа го велам не поради тоа што не ги сакам Албанците, напротив. Албанците и ВМРО секогаш биле историски партнери во борбата против српскиот шовинизам и српското ропство во Македонија. Овде не говорам за локалните Албанци туку за времето во 1991 година, за 150 000 државјани на Југославија кои се родени и живееле во Косово.
И во времето на Груевски и сега во времето на Заев македонските политичари сакаат да им се допаднат на лидерите од Западна Европа, бидејќи сметаат дека ќе добијат благодарност за тоа. Практиката покажува дека благодарност нема и ако сам не си ги браниш интересите, нема кој да ти помогне утре, ако побараш помош. Господинот Заев со тоа што ќе прифати 450 Авганистанци ќе создаде 450 проблеми во иднина за Македонија. Прво нема никаква Гаранција какви се тие Авганистанци. Талибанците и Муџахедините се две различни крила на едни исти исламски радикални фундаменталисти. На Балканот и така веќе има покрај војните во Сирија има луѓе кои се радикални муслимани. Да донесеш уште 450 Авганистанци и потоа според европската регулатива тие ќе можат да си ги донесат и семејствата. Кога велам семејства мислам не само на жената и децата, туку и роднините и бабите и братучедите. Овие луѓе можат да станат од 450 на 45 000. Не знам дали и е потребно тоа на Македонија. Не знам што е поважно. Да си ја браниш државата или да ја продаваш за да им се допаднеш на некому во Брисел или Вашингтон. Ниту Брисел ниту Вашингтон ќе ги решат проблемите во Македонија. Како што се сеќавате тие не ги решија проблемите во 2001 година за време на конфликтот. Како што рекол мудриот наш народ „помогни си сам за да ти помогне Господ“.

Трибуна: Во минатото Бугарија се наоѓала во слични на сегашната хуманитарни кризи, но тогаш историската ВМРО не барала затворање на границите, напротив, соработувала со официјалната бугарска власт и така 350 000 бегалци од македонските земји нашле спас во Бугарија. Макар и денешната ситуација да е суштински далеку поразлична, дали можеме да кажеме дека бугарските цареви Фердинанд и Борис биле поголеми хуманитарци во споредба со Вас и нашиот премиер Заев?



Красимир Каракачанов: Факт е дека царевите Фердинанд и Борис биле хуманитарци. Тие биле бугарски државници и кога Бугарија требало да ги штити своите браќа од Македонија, Тракија, Добруџа, Поморавието, таа го правела тоа. 350 000 се само бегалците од Македонија. Во 1924 година доаѓаат уште 90 000 бегалци од Егејска Македонија. 150 000 луѓе доаѓаат од Одринска Тракија во периодот 1912-1913 година. Од Северна и Јужна Добруџа во тоа време окупирани од Романија доаѓаат уште 100-150 илјади луѓе, доаѓаат бегалци од западните покраини итн. Овде се работи за помош на твои браќа. А не да помага на луѓе кои доаѓаат од другиот крај на светот , за да бараат полесен живот, кои не ги почитуваат твоите закони и твоите традиции. Освен Бугари од Македонија, Тракија, Западните покраини и од Добруџа, Бугарија станува дом и на голем број Ерменци, бидејќи тоа е еден народ со кој што заедно сме се бореле против турското ропство и кој што бил подложен на геноцид.

Слично на Бугарите во Македонија и Тракија. Бугарија и денеска готова да помага на своите сонародници и на секој нормален граѓанин кој што е подготвен да се интегрира во нашето општество.
Тие 350 000 Бугари од Македонија што ги спомнавте и дадоа на Бугарија 12 генерали, новинари, лекари, тоа се луѓе што го зборуваат истиот јазик како нашиот. Има иста вера, култура, традиција. Тие дојдоа во својата родина и се интегрираа во нејзиното општество. Тие не само што се интегрираа, туку и ја изградија државата. Тоа се однесува и за Тракијците, Доброџанците, луѓето од Западните покраини па дури и Ерменците.
Колку од тие бегалци што дојдоа во Бугарија од 2012 година наваму , посакал да студира да стане лекар или да помага на било каков начин во општеството? Тие што живеат во Бугарија чекаат некој да ги храни и имаат претензии да градат џамии, ние да ги почитуваме нивните традиции а не тие нашите и слично. Тоа ја очекува Македонија. Во името на евтината конјуктура вака предизборно, македонските политичари сметаат дека откако ќе им се допаднат на Брисел и на Вашингтон, ќе добијат голема дивиденда.
Ништо нема да добијат, ќе си поминат на редот, ќе бидат искористени и заборавени потоа а сметката ќе ја платат сите граѓани на Македонија, и Македонци и Бугари и Албанци и сите останати што живеат на територијата на денешната Северна Македонија. Токму затоа е неразумно тоа што се прави во моментот.

Претходна статија

Бугарскиот премиер Јанев се сретна со пожарникарите што помогнаа во гасењето на пожарите кај нас

Следна статија

(Видео) „Мостови за подобро утре“- проект финансиран од „Бугарската помош за развој“ во општина Струга

Најново од Интервју