КАРАКАЧАНОВ ЗА „ТРИБУНА“: МАКЕДОНСКИТЕ ПОЛИТИЧАРИ БИ ТРЕБАЛО ДА СЕ МНОГУ НАИВНИ АКО МИСЛАТ ДЕКА БУГАРИЈА ПОД ПРИТИСОК ОД БИЛО КОГО ЌЕ ПОПУШТИ ПРЕД МАКЕДОНИЈА

Бугарскиот политичар и сегашен министер за одбрана на Република Бугарија Красимир Каракачанов, нема потреба од посебно претставување. Уште од раните 90-ти години, тој е редовен гостин во македонските медиуми, каде што е нарекуван „контроверзен политичар“. Што ќе ни каже „контроверзниот“ политичар за Македонија, барањата на Бугарија во однос на историјата и др. прочитајте во интервјуто што следи:

Трибуна: Г-не Каракачанов во Македонија ве нарекуваат контроверзен политичар и покрај тоа што од самиот почеток на вашата кариера имате цврст став во однос на Македонија и тој став не е променет до сега. Каде се крие контроверзноста во вашите активности?

Треба да ги прашате вашите колеги во Скопје кои го пишуваат тоа, бидејќи јас од 1990 година откако беше возобновена ВМРО во Бугарија имам еден ист политички став. Не сум ја сменувал мојата идеологија, не сум го сменувал името на мојата партија, не сум одел во други политички партии и не сум исповедал друга идеологија освен историската идеологија на ВМРО.

За разлика од Сојузот на комунистите во Македонија кои прво се нарекоа Сојуз на комунистите на Македонија-Партија за демократска преобразба (СКМ-ПДП), ако не ме лаже помнењето, а сега се Социјал демократски сојуз. Во почетокот на 90-тите години, времето за коешто зборувате, тие се колнеа во Тито и во комунизмот, денеска се колнат во НАТО и во Европскиот сојуз. Или да земеме пример со други политички партии и лидери кои од СДСМ преминаа во ДПМНЕ или од  ДПМНЕ преминаа во други партии. Така да јас сметам дека сите тие луѓе во Скопје во Република Македонија кои тврдат дека јас сум контроверзен во суштина тие се контроверзни. Тие си ја сменија својата идеологија во последните 25-30 години сигурно 2-3 пати. Ги менуваа своите цели и идеали. Тие кои што настојуваа за зачувувањето на Југославија, денеска се претставуваат како најголемите македонски патриоти. Тие што се колнеа во Тито и во Белград, сега се најголемите поддржувачи на НАТО и се колнат во Вашингтон и Брисел. А пак партии како ДПМНЕ што би требало да следат политика за независност на Македонија, гледаме денеска како се колнат во Белград и Москва. Нека луѓето сами проценат кој колку е контроверзен и кој колку не е.

Трибуна: Рековте Република Македонија. За Вас Македонија е Република без Северна. Дали добро сум Ве разбрал?

Уште од 1991 година кога тогашната политичка елита во Македонија вклучително со тогашниот претседател Киро Глигоров заговараа идеи за „лабава“ конфедерација Југославија, ние организиравме пред југословенската амбасада протести со барање за независност на Македонија. Дел од сегашните политичари што ме обвинуваат дека сум бугарски националист беа настроени пројугословенски. Јас уште од 1990 година сум бил за тоа Македонија да биде независна држава и го кажувам тоа сосема директно. Не да биде дел од Бугарија, туку да биде независна држава. Бугарија беше првата држава што ја призна Македонија со нејзиното име, Република Македонија.

Фактот што македонските политичари се согласија заради својот политички интерес да го сменат името на Република Македонија на Република Северна Македонија е нивен проблем а не мој. За мене Македонија си останува Република Македонија. Јас сегогаш сум бил за идејата на Тодор Александров и Иван Михајлов, Независима Македонија,  со почитување на правата на сите националности што живеат на нејзина територија.

А тогаш  и Тодор Александров и Иван Михајлов говореа дека мнозинското население во Македонија е бугарско, има Грци, има Турци, има Албанци, има и Власи. Но коминтерновската македонска нација ја немаше. Сега некои политичари се обидуваат да тврдат дека Гоце Делчев бил идеологот на идејата за независна македонска држава. Тој бил темелот на македонската државност. Гоце Делчев никаде и никогаш не пишувал за македонска држава. Тој во својата идеологија и во сите писма кои постојат и до ден денешен пишува за автономија на Македонија и на Одринска Тракија. Забележете, не само на Македонија туку и на Одринска Тракија кои според Берлинскиот конгрес се одделени од Санстефанска Бугарија и се вратени под власта на турскиот султан.  Но Берлинскиот конгрес гарантира автономија како на Македонија така и на Одринска Тракија. Тоа го бара Гоце Делчев. Ако Гоце Делчев не се сметаше за Бугарин а беше некаков антички или југословенски Македонец, зошто зборува за Одринска Тракија за која никој не спори и до ден денешен дека е населена со бугарско население. Јас сум приврзаник на автентичните идеи на ВМРО а не на тоа кое што во моментот е ДПМНЕ во Скопје. Независна Македонија со рамни права на сите националности, вклучително и на тие коишто себеси се нарекуваат Македонци, мислам на коминтерновската идеологија. Не можеш да ја негираш сопствената историја, не можеш да се обидуваш да ги фалсификуваш идеите, каузата на едни луѓе кои загинале за Македонија, Гоце Делчев, Даме Груев, Тодор Александров, Иван Михајлов. Тоа е мојот став. За мене Македонија ќе си остане Република Македонија.

Трибуна: Дали Гоце Делчев може да се нарече препрека меѓу Скопје и Софија во моментот?

Гоце Делчев не може да биде препрека. Самиот тој рекол дека го разбира светот како поле за културен натпревар меѓу народите. Во наши денови сум убеден дека Владата на Р. Македонија уште на 2 август 2017 година кога го потпиша договорот со Бугарија немала никаква желба и намера да го исполнува тој договор. Да ја кажеме вистината таква каква што е. Ако го немаше Договорот од 2 август 2017 година помеѓу Бугарија и Македонија, немаше да го има и Договорот со Грција. Бугарија беше таа што ги отвори вратите на Македонија кон Евроатлантската интеграција, и тоа е факт. Само што ние не поставивме услов за промена на името, промена на знамето, промена на химната, ние сакавме сосема човечки и цивилизирано да се разбереме за нашата заедничка историја.

Ние за историјата на Колишевски, на Темпо, на Крсте Црвенковски, на југословенска Македонија не спориме. Да, по 1944 година се создава СР Македонија, како дел од Југославија, но колку Македонија беше независна знаат сите. Таа беше буквално под дирекната команда на Белград на Тито и неговите наследници.

Но и покрај тоа ние велиме вака, по 1944 година има таква држава, си измисливте јазик како што пишува во самите протоколи од најзападниот македонски дијалект- битолскиот, со многу српски зборови, за да го оддалечите од бугарскиот. Тоа е запишано во документите во Македонија. Тоа е ваше право, но ајде да не се обидуваме да ги превртуваме коските во гробовите и на Гоце Делчев и на Даме Груев и на Григор Прличев па дури и на царот Самуил. Тие луѓе не се бореле за коминтерновка Македонија, не се бореле за југословенска Македонија, тие се бореле за слободна Македонија, и се сметале себеси за Бугари. Цар Самуил самиот се нарекува бугарски цар. Така го нарекува и целиот тогашен свет. Кој дава право на сегашните историчари во Македонија да тврдат дека тој не знаел што е. Ако се сомневаат нека отидат во Музејот во Битола и да ја видат плочата напишана од неговиот наследник Иван Владислав, таму многу јасно пишува бугарски цар, Бугари во Битола итн. Нема потреба да спориме за Гоце Делчев, појдете во Музејот во Штип. Таму е неговиот учителски бележник, видете на каков јазик е пишуван. На тој на кој што пишуваме во Бугарија или на тој кој што пишувате во Скопје. Ќе видите дека пишува на бугарски јазик. Зошто? Во Македонија која се наоѓа под османлиска власт, Гоце Делчев се плашел да се нарече етнички Македонец ли? Тоа е смешно. Тој кој што не се плашел да се бори против султанот и на крај загина во борба со турските војски, се плашел од што? Се нарекувал Бугарин а не Македонец во етничката смисла на зборот и тоа важи за сите револуционери. Ние велиме вака. Историјата до 1944 година е дел од една заедничка историја, после 1944 година ние немаме претензии ниту кон џелатите на Темпо, ниту кон џелатите на Ранковиќ, ниту кон комунистичката идеологија која што сѐ уште е во главите на многу македонски политичари. Тоа си е нивен проблем, не е наша работа. Зошто сакаш да создадеш идентитет фалсификувајќи ја историјата и воспитувајќи ги луѓето во Македонија преку образовниот систем во омраза кон бугарскиот народ. Ти си дел од овој народ, без разлика дали го сакаш тоа или не. Самиот Прличев не крие во својата биографија дека бил со прогрчки ставови, но во еден момент се осознава и го пишува многу јасно. Осознал каков е и се нарекол Бугарин, не се нарекол Македонец. Ама за Прличев малку се пишува. Не се пишува и за Марко Цепенков, не се пишува и за Јордан Хаџиконстантинов- Џинот, не се пишува за Кузман Шапкарев и за многу други преродбеници како што ги нарекувате во Македонија. Ние во Бугарија им викаме возрожденци, доаѓа од возраждане. Ние бараме чесен однос и не сакаме некој да мисли дека ќе може да не излаже, бидејќи кого го лажеш? Колку време помина? Веќе 30 години Македонија е независна држава и ти продолжуваш да го воспитуваш населението во една омраза кон Бугарите, една омраза која што беше политика на Србите и на Југославија во Македонија. Бугарите- окупатори, фашисти, татари. Прво тоа не е историска вистина и второ не е чесно. Јас не сум слушнал некој да зборува за српскиот терор во Македонија. За сите оние кои беа убиен по 1913 година, за убиените со митралез мажи во селото Гарван или за убиените после 1944 година. Некој зборува ли за нив? Не! За Србија ништо лошо. Или ништо или само добро.

Трибуна: Се зборува за струмичката петорка…

Кој зборува? Зборуваат нивните наследници. Пецеви, Топчеви итн. Тие зборуваат. Официјално дали се учи во учебниците по историја на Македонија? Дали во тие учебници пишува дека Србите се окупатори на Македонија и дека ги терале луѓето да си ги сменат презимињата од ов и ев и од ски да стават иќ? Го пишува ли тоа нешто? Не го пишува! Пишува ли за тоа дека се забрануваат училиштата и се воведуваат српски училишта и дека се избркани старите учители и се донесени нови од Србија? Пишува ли за тоа дека е забрането во Македонија да се зборува на бугарски и се носат свештеници од Србија-попови? Нема. А има ли за убиените по 1944 година? Нема. А има ли за бунтот на кадетите од Штип во Крагуевац 1914 година? Нема. Бугарите биле окупатори. Ако не ме лаже помнењето Бугарија никогаш не објавила војна на Југославија 1941 година. Ако не ме лаже помнењето Германија е таа што ја разгроми Југославија и ја окупираше. Бугарската армија доаѓа после Германците и да подвлечам да администрира. Не сум видел ниту една плоча во Македонија против германскиот окупатор. На смешниот датум 11 Октомври никој не зборува за германските окупатори, сите зборуваат за бугарските окупатори. Разбирам дека не е пријатно ниту пак паметно да и кажуваш на г-ѓа Меркел, дека нејзиниот народ е окупатор, и да очекуваш  таа да те поддржува за Европската Унија.

Не можам да разберам како може да си толку глупав да мислиш дека можеш да ги навредуваш Бугарите дека се окупатори и фашисти и да очекуваш Бугарите да те поддржат за Европската Унија. Треба да си многу наивен. Јавно македонските политичари мислеле уште во 2017 година дека ќе потпишат договор и ќе ја излажат Бугарија. Тоа нема да се случи. Договорите се потпишуваат за да се исполнуваат а не да се лажеме меѓусебно.  Луѓето што се чудат зошто Бугарија сега постапува по овој начин да ги прашаат Заев, Никола Димитров, и другите министри кои се занимаваат со македонската евроинтеграција. Зошто Договорот со Бугарија не се исполнува. Прашањето не е кон Бугарија. Бугарија бара само едно нешто и тоа го има докажано многу пати во последните 30 години. Бугарија беше првата држава која што ја призна Р. Македонија. Бугарија даде бескаматна помош во висина од 10 милиони долари на Македонија кога Грција го доведе ембаргото. Бугарија даде вооружување на Македонија за време на конфликотот во 2001 година. Бугарија целото време ја поткрепува Македонија за НАТО и ЕУ. Бугарија ја отвори темата 2018 година кога претседаваше со ЕУ за проширувањето на ЕУ и НАТО на западен Балкан. И што добиваме како благодарност? Навреди и лаги. На крајот на краиштата стапот има два краја и едниот се свртува против тебе. Сѐ останато е шпекулација. Да гледаме во иднината, но како да гледаме во иднината како вие сакате да ни го украдете минатото? Ние не спориме, празнувајте го Самуил, Гоце Делчев, празнувајте го Илинден но немојте да лажете дека тоа се некакви македонски настани, некакви македонски личности кои немаат ништо заедничко со Бугарите. Не е така. Отидете и видете го во Музејот, знамето на востаниците во Охрид од 1903 година. Какво е знамето? Бело, зелено, црвено. Знамето на востанието во Костур. Какво е? Бело, зелено, црвено. Какви симболи има? Лав. Не знам да имало ниту петокрака, ниту вентилатор ниту сончогледот од Вергина. Тоа е вистината. Ајде да направиме една јавна дебата на македонската телевизија во живо без монтажи, без манипулации. Ајде да седнеме и да зборуваме со факти па луѓето сами да си проценат. Јас разбирам дека има многу луѓе и знам, бидејќи за разлика од македонските политичари повеќе од нив шетам низ Македонија. Многу добро знам дека има луѓе кои веруваат во тие тероии кои се создаваат од 1944 година и немам ништо против нека веруваат. Но дајте им на луѓето право да изберат. Не ги лажете дека големиот европски владетел цар Самуил бил некаков македонски цар. Тој не бил македонски цар. Да неговата престолнина била во Скопје и во Охрид но првата негова престолнина била во Софија. Самиот тој се нарекува бугарски цар. Немам ништо против без разлика дали се чувствуваш Македонец или Бугарин во Македонија, слави го почитувај го, сакај го цар Самуил но немој да велиш дека тој е некаков Македонец, бидејќи тој не е Македонец и пред повеќе од 1000 години тој кажал што е. И светот кажал каков е. Василиј II кој што го победува и ослепува 14 000 негови војници се нарекува бугароубиец а не македоноубиец. Меѓу другото самиот Василиј II е од династијата на Македонците. Но тоа е факт за историчарите.

Ако го сакаш Гоце Делчев, чудесно. Но Гоце Делчев не се борел против Бугарите, напротив Гоце Делчев учи во бугарското воено училиште за да стане бугарски офицер. Кукуш  е поблиску до Атина ,но тој не оди да стане грчки  офицер, не оди во Белград да стане српски офицер, не оди во Истанбул да стане турски офицер или во Америка американски, оди во Софија за да стане бугарски офицер. Потоа што се случува со него, не оди во српското, грчкото или турското училиште а станал учител во бугарското училиште. Зошто? Тоа се едноставни прашања. Самиот Гоце Делчев многу пати самиот кажува Бугари, да тој зборува за Македонците но зборува како население во Македонија и кажува дека сите Македонци имаат рамни права. Но тој зборува за Македонците како политички поим. Внатре во тој поим ги вклучува луѓето што живеат во Македонија а тие се Турци, Бугари, Власи, Албанци. Тој не зборува во етничка смисла и тоа се гледа во документите.

Ајде да зборуваме за Илинден. Штабот на битолскиот револуционерен округ до кого испраќа писмо? На грчката или на српската влада? Не, пишува на бугарската влада. И што се вели во тоа писмо? Ако сакате да помогнете на своите еднородни браќа во Македонија и да спречите сѐ што е бугарско овде да биде уништено, дојдете на помош со војна.

Ајде да зборуваме за т.н окупација од 1941-1944 година. Постојат кино-хроники од тоа време. И српски и бугарски и германски и на нив јасно се гледа како населението во цела Македонија го слави пречекот на бугарските војски како ослободителни а не како окупатори. Дури ги пречекува и Германците, каде се сите тие луѓе кога доаѓаат партизаните? Каде се сите тие луѓе кога доаѓа српската армија 1913? Ги нема. Едноставно омразата треба да ја снема. А таа омраза се создава намерно и намерно се воспитува во луѓето. Тоа е недопустливо во 21 век. Како некој во Скопје си мисли дека ние ќе дозволиме таква земја со таква идеологија, антибугарска идеологија да  стане дел од ЕУ и да создава проблеми. Треба да си многу глупав и наивен да помислиш дека некој тоа ќе го дозволи. И уште повеќе треба да си поглупав и понаивен за да помислиш дека некој било тоа да е Германија, чиновниците во Брисел или Америка ќе изврши притисок врз Бугарија. Како да извршат притисок врз Бугарија кога Бугарија е веќе член на НАТО и ЕУ, а Македонија е кандидатот.  Кого ќе го слушаат, својот партнер Бугарија или тој што сака да стане партнер. Не можам да ја разберам логиката. Не можам да ја сфатам логиката на македонската политика. Логика според мене нема.

Во сите тие години додека Бугарија беше најомразениот непријател, што се случи со Македонија? Македонија е скоро федерализирана држава и утре по 20-30 години ќе треба да се бориме за македонското малцинство во албанската област Северна Македонија. Тоа е резултатот од политиката на многуте умни политичари во Скопје во последните 30 години.

Трибуна: Како ќе ја коментирате позицијата на групата бугарски интелектуалци која бара Бугарија да не биде пречка и да помогне на Македонија за побрзо да влезе во ЕУ? И сосема за крај како ќе ги коментирате антивладините протести кои се одвиваат во Бугарија од извесно време?

Бугарија е демократска земја и секој во Бугарија вклучително и тие интелектуалци имаат право на слободно изразување и мислење и можат да го изразат без да се плашат од репресии. И затоа тоа и го прават. За разлика од Македонија каде што ако некој се изјасни како Бугарин следуваат репресии, проблеми, бркање од работа, во најмала мера информативни разговори во просториите на службите за безбедност. Јас како министер за одбрана колку и пати да сум ја посетувал Македонија каде што сум се среќавал со мои пријатели, државјани на Р. Македонија толку пати тие луѓе на следниот ден се викани во полицијата за да бидат испрашани што зборувале со мене, што сум барал јас од нив, што ми ветиле тие, најверојатно и вас ќе ве викнат кога ќе се вратите за да ве прашаат што прави контроверзниот Каракачанов. Бугарија за разлика од Р. Македонија е слободна држава и луѓето не се плашат да кажат што мислат. Тоа што има 10-15-20 интелектуалци кои сакаат сега во моментот, веднаш безусловно да ја поддржиме Македонија е факт. Но сигурно има други 2000 интелектуалци или 20 000 кои ќе се потпишат дека Договорот меѓу Бугарија и Македонија треба да се исполни од македонска страна.  Тоа е.

Во однос на протестите тие завршија. Тие беа силни во јули месец, во моментот на протести излегуваат не повеќе од 300-400-500 луѓе. Тие имаат право да протестираат. Никој не ги тепа, никој не ги брка, го имаат политичкото право да протестираат и го прават тоа. Сметаат дека тие имаат подобри идеи за управувањето на Бугарија и сакаат да ги наметнат. Сметаат дека нивните партии а тоа се партии кои се во опозиција ќе се справат подобро. Така сметаат тие луѓе.  Но изборите се за половина година, и тие ќе покажат дали тоа е така или не е така. Дали Бугарија е управувана добро или не е.

Интервјуто го подготви: Атанас Величков