|

Касами до Ковачевски: Предвремени избори бараат мнозинството граѓани

По вчерашната изјава на лидерот на Беса, Билал Касами дека ќе ги поддржи уставните измени под услов власта да се согласи на предвремени парламентарни избори следната пролет, и реакцијата од премиерот Димитар Ковачевски според кого „процеси што се од стратешко значење не можат да бидат предмет на уценување“, Касами повторно се огласи со став дека предвремени избори бараат мнозинството граѓани.

Касами, како што вели, разбира дека премиерот Ковачевски е во незавидна ситуација и немајќи политички капацитет и легитимитет да ја води Владата, тој ги толкува различно политичките позиции на Движењето Беса.

Барањето за предвремени парламентарни избори е барање на мнозинството граѓани бидејќи оваа влада не произлегува од легитимитетот добиен на последните парламентарни избори, затоа премиерот не треба да меша тези за уставни измени и предвремени избори, се наведува во реакцијата на Касами.

Во соопштението од апртијата се додава дека „додека кога зборуваме за уставните измени, Беса уште еднаш го потврдува својот став дека бара да се отстрани терминот ‘20 проценти‘ и да се замени со терминот ‘албански јазик‘.

Почитуван премиере, секој што е против јазикот на еден народ, особено во околностите на Северна Македонија, нужно е против европските вредности и Европската Унија, стои во реакцијата на Касами.

По изјавата на Касами за уставните измени, Ковачевски повтори дека не функционира под притисоци и уцени, нагласувајќи дека изборите ќе бидат во 2024 година и тоа е веќе апсолвирано прашање и оти не е фер кон граѓаните вакви клучни прашања да бидат предмет на дневна политика, да бидат предмет на борба за некакви ситни поени.

Ова, според него, не е последната одлука до зачленување на Северна Македонија во ЕУ, додавајќи дека уште тешки одлуки ќе има на тој пат, кој појасни дека е неповратен процес и единствено може да биде закочуван од страна на оние коишто се противат на членството на земјава во ЕУ.

Извор: Слободен печат



Слични Објави