| | |

ЌЕ БЕВМЕ СРЕЌНИ, АКО АУТФИТОТ НА РАШЕЛА И ПИПЕРКИТЕ НА НИНА НИ БЕА НАЈГОЛЕМИТЕ ПРОБЛЕМИ

Бидејќи прочитав дека аутфитот на новата Сирма војвода на ВМРО-ДПМНЕ предизвикал реакции на социјалните мрежи брзам да појаснам дека модифицираната капа што ја носи Мизрахи не се вика „александровка“ туку „крумовка“ или „крумка“ чисто за да остане запишано.

Да, капата е воведена по 1919 г во времето на Александров, Протогеров и Чаулев, но тоа не ја прави „александровка“. И не, Тодор Александров не соработува со фашистите во Втората светска војна бидејќи е убиен 15 години пред почетокот на Втората светска војна и за разлика од комунистите не чекал Хитлер да го нападне СССР на 22 јуни 1941 г. за да почнат организиран партизански отпор, туку се борел за своите идеали без да чека директиви од некое повисоко место. Тоа го пишувам за некои неупатени членови на СДСМ кои ете не нашле за правилно да се информираат за некои историски факти, туку тресат „зелени“, како онаа на кметот Шилегов, кој во една прилика го обвини Борис Сарафов дека е нарачател на убијството на Ѓорче Петров. Во овој ред на мисли кога може мртвиот Сарафов да го „порача“ Петров, може и мртвиот Александров да соработува со силите на Оската од 1939 г.

За жал аутфитот на најновата Сирма војвода е најмалиот проблем кој ни виси над глава, но тоа не пречи одлуката на Мизрахи да ја предводи илинденската коњаница да биде вест што предизвикува солидно медиумско внимание и реакции.

Во меѓувреме од Министерството за образование нѐ смирува дека до 10 август ќе се знае како ќе се одвива училишната настава во наредната учебна година. Значи нема место за паника. Ќе стане јасно ќе седнат ли децата во клупите и со колкава дистанца меѓу нив, колку ќе бидат скратени часовите, ќе бидат ли воведени дополнителни смени и крајно, каде ќе има настава со далечинско учење, а каде со физичко присуство, важни прашања што ги мачат родителите а и самите ученици.

Но кога образованието било приоритет во Македонија, па сега во вакви бурни времиња за македонската државност да стане.

Заев например брзаше да оди на избори, оти заради коронавирусот ни биле потребни стабилни институции во кои Наќе и Славјанка нема да се контраат како мали деца на игралиште, а Цветан од земјоделство, шумарство и водостопанство нема да изиграва ѕвезда од риалити формат, која шета по подрачни единици на министерството со што раководи и да ги фаќа началниците со нозете у вис.

Брзаше Заев, ама веднаш после изборите замина на одмор, па видовме дека дури се осмелил и да ја прекине во нижењето пиперки министерката Нина Ангеловска, која го пречекала во убавото Брајчино, момент што секако плачел да биде овековечен со фотка за на фејсбук… и да, беше овековечен.

Веселите математики на некои огнени „мицковисти“ дека постои можност идната Влада да се состави во Белата палата не би сакал да ги коментирам, бидејќи никогаш не сум бил фан на научната фантастика.

Во врска со тоа дека ВМРО-ДПМНЕ запиша нов пораз се јави и Мијалков. Поранешниот идол на многу од сегашните „цврсти“ „мицковисти“ се закани по партискиот престол на претседателот Мицкоски. Мислам дека е подобро овие „сарајски игри“ да им ги оставам на аналитичарите да ги мозгаат, нели за тоа имаат учено, нека сработат нешто.

ДУИ веќе го има Министерството за внатрешни работи и нема го „пушти“. Агим Нухиу најверојатно ќе остане на позицијата, а тоа реално и ќе биде најголемата придобивка на ДУИ од предизборната игра „албанец премиер“.

МВР е во рацете на ДУИ, а Нефи и понатаму е бег во Охрид…

Камо среќа да бевме земја во која меѓу поголемите проблеми е и аутфитот на една поранешна министерка, која решила на зрели години да станува „комита“. Ќе бевме многу среќни, но не сме за жал.

Автор: Атанас Величков



Слични Објави