| |

Кога лагата станува норма, а одговорноста – заборавена вредност

Игор Билбиловски

Често размислувам дека во Македонија секој може да шири лаги, дезинформации и демагогија, а притоа да зазема високи државни и институционални функции – и за тоа да не одговара пред никого. Како да живееме во систем каде што одговорноста не постои, особено кога станува збор за оние кои имаат најголема моќ и влијание. Но проблемот не застанува таму – таа неказнивост се прелева и во пониските слоеви, создавајќи општество во кое неправдата станува нормална појава.

Ова особено доаѓа до израз кога станува збор за историјата, историските четива и чествувањата. Денес секој си дозволува да толкува, да пишува и да говори според сопствена агенда, без никаква одговорност за последиците. А токму тука одговорноста треба да биде најголема – затоа што погрешните интерпретации го туркаат народот во незнаење, заблуда и историска конфузија.

Неодамна се одбележа годишнината од Валандовската акција – вооружен напад на ВМРО од 1915 година против српските окупаторски сили во југоисточниот дел на Вардарска Македонија. Оваа акција претставува една од најзначајните борби во историјата на македонското револуционерно движење.

За жал, не видовме достоинствено државно чествување. Единствено српската заедница оддаде почит на своите паднати борци. И тоа е нормално – секоја нација има право да си ги почитува своите жртви, без разлика како тие се гледаат од перспектива на другите. Но, проблемот не е во тоа.

Проблемот е кога претставници на македонски политички структури, како што беше случајот со општинскиот комитет на ДПМНЕ од Демир Капија, се појавуваат со српски знамиња и положуваат цвеќе пред спомен-обележје, притоа погрешно толкувајќи го историскиот контекст. Уште пострашно е кога тоа се прави со образложение дека станува збор за борци против „фашистички окупатор“ – во период кога фашизмот како идеологија сè уште не бил ни оформен во Европа.

Но тука не станува збор само за поединечен пропуст. Ова покажува нешто подлабоко: дека македонскиот народ со децении е навикнат механички да го користи терминот „фашистички окупатор“, без да прави разлика во историскиот контекст. Тоа е резултат на долгогодишно наметнување на еднострана историска нарација, во која како единствени окупатори се претставуваат Бугарите, додека другите историски периоди и актери се игнорираат или погрешно се толкуваат.

Ова не е само политички гаф. Ова е симптом на длабок проблем – системско незнаење, или уште полошо, свесно искривување на историјата.

Но, не можам да го осудам македонскиот народ за оваа состојба. Одговорноста не лежи кај обичниот човек. Таа лежи кај политичките и државните лидери, кај академиците, кај оние кои имаат должност да ја штитат вистината. Наместо тоа, тие или молчат, или активно учествуваат во нејзиното искривување.

Со децении, од времето на комунизмот па до денес, народот се држи во научен и медиумски мрак. Се наметнуваат наративи кои не градат здрава национална свест, туку создаваат поделби, заблуди и туѓи влијанија. Наместо јасна и аргументирана историја, добиваме идеолошки конструкции.

И затоа денес се поставува едно суштинско прашање: кога конечно ќе има одговорност?

Кога ќе се најде државник или академик што ќе реагира на изјавите на странски претставници кои Македонија ја нарекуваат „српска земја“, а Македонците ги претставуваат како дел од српскиот народ? Кога ќе се постави јасна граница меѓу фактите и пропагандата?

Затоа што ако нешто ни недостасува повеќе од сè – тоа е одговорност. Без неа, нема ниту вистина, ниту достоинство, ниту иднина.

Слични Објави