| |

Кои се вистинските крволоци на македонскиот народ и демократијата?!

Пишува: Добре Митрев

Кога еден следбеник на една антицивилизациска и пред се античовечка идеологија каква што докажано е комунизмот, ќе го нарече Иван Михајлов „крволок“ цитирајќи го Манифестот на АСНОМ од 2 август 1944 г., не можеме, а да не се запрашаме за неколку навистина важни работи. Првата работа, што мораме ние самите да ја расчистиме е како РС Македонија ќе ги направи следните чекори за влез во ЕУ продолжувајќи на голема врата да ги промовира застарените комунистички флоскули од пред 80 години? Свесни ли сме дека антифашизмот не е доволно силен детергент, кој може да ги исчисти крвавите петна оставени од првите неколку години на комунистичкото владеење во тогашна Федеративна народна република Југославија? Што ги снашло делегатите на првото заседание на Антифашистичкото собрание во Македонија, кои не се разделиле со нивната сталинистичка идеологија?

Да почнеме од последното прашање. Покрај познатите Павел Шатев, Владимир Полежиновски, Венко Марковски, Петре Пирузе, Панко Брашнаров, не треба да се забораваат и имињата на Кирил Петрушев, Иван Дојчинов, Васил Василев, Васил Ивановски, Богоја Фотев, Благој Хаџипанзов, Бане Андреев, Мино Богданов, Лазар Соколов. Сите тие го осетиле на свој грб репресивниот апарат на чудовиштето наречено ФНРЈ. Некои од изброените ги виделе убавините и на бугарскиот комунизам иако активно учествувале во македонизацијата на Пиринска Македонија во времето на т.н. Културна автономија. Се пишувале книги, се снимале филмови и документарни и играни за онаа фамозна резолуција на Информбирото и разривот меѓу Тито и Сталин. Тито пак, како еден убеден сталинист, по сталинистички го решил проблемот со „нелојалните“, макар тие да не биле помалку комунисти од самиот него. Ист процес на прочистување се случува и во Бугарија во времето на наследникот на Васил Коларов, В’лко Червенков, кој за време на своето раководење со БКП го издигнал на пиедестал барањето на непријателот со партиска книшка.

Во сите тие пресметки, се разбира не треба да ги заборавиме и стотиците да не речеме илјади зацрнети семејства на антикомунисти, михајловисти, социалдемократи, монархисти во ФНРЈ и Бугарија. Кога народски кажано ќе се повлече цртата за да се види крајниот резултат, т.н. крволочност на Ванчо Михајлов и на „неговите банди“, ќе сфатиме дека истата не може да вирее надвор од главите на индоктринираните комунистички дејци учесници во Првото заседание на АСНОМ, некои од кои како што рековме, самите на свој грб ја испитале хуманоста на идеологијата во која слепо верувале.

Во однос на антифашизмот со кој комунистите уживаат да се китат е доволно да го споменеме само пактот Рибентроп-Молотов потпишан на 23 август 1939 г. Сталин, водачот на првата комунистичка земја во светот СССР немал никаков проблем да стане сојузник со нацистичка Германија и да ја подели Полска заедно со Хитлер. Историјата молчи за некакви поголеми антифашистички или антинацистички акции на КПЈ од почетокот на Втората светска војна на 1 септември 1939 година до април 1941 г. Работите секако се менуваат по окупацијата на Југославија од страна на Силите на Оската. Во јуни истата година ќе се случи почетокот на нападот на нацистичка Германија врз СССР и одеднаш и на бугарските комунисти, верните слуги на Сталин ќе им текне дека се антифашисти и антинацисти. Толку за комунизмот како некаков исконски антифашизам.

Доаѓаме до првото и најважно прашање. Како воопшто го замислуваме влезот во ЕУ негувајќи ги старите комунистички идеи? Тоа се коси со секоја елементарна логика? Комунизмот е осуден исто како нацизмот и фашизмот како нехумана идеологија. Кој мислите дека ќе го толерира воздигнувањето на комунистичката идеологија, па макар и истата да создала погодно тло за создавањето на македонска држава во рамките на Југославија? Како ви звучи следното: Ние не можеме да го осудиме комунизмот, бидејќи таа идеологија под превезот на антифашизмот, им овозможи на нашите дедовци да ги постават темелите на нашата држава. Која земја во ЕУ, во овој клуб на демократски земји ќе го прифати овој став? Тоа е прашање на кое треба да одговорат сите македонски државници, кои на секој 2 август и 11 октомври се обидуваат да го исчистат комунизмот, потопувајќи го во коритото со антифашистичкиот детергент, заборавајќи да ги спомнат сите ѕверства извршени по воспоставувањето на комунистичкиот режим во нашата земја.

Кога веќе зборуваме за „крволокот“ Михајлов и неговите банди, потребно е еднаш засекогаш да се извади на виделина и реалниот број на жртвите на михајловизмот. Сигурно е дека цифрата што ќе се добие, ќе биде далеку помала од бројката на убиените, затвораните и уништените од комунистичката чума. Кој е вистинскиот крволок и чии банди навистина биле крволочни? Тоа е прашање на кое ќе мораме самите ние за себе да си дадеме одговор. Се разбира, ако сакаме да станеме нормална земја, достоен кандидат да додаде и членка на ЕУ во своето CV.

Слични Објави