КОЈ ТОА СПОРИ СО БУГАРИЈА?
Ние, родените во 1960-те, имавме можност нашироко и темелно да учиме за сите злосторства на турските аги и бегови, навечер надополнети со „Македонска крвава свадба”. Учевме и за злосторствата врз децата од Ваташа, навечер надополнети со „Истрел”. Во школски клупи учевме за злосторствата на Џем Гостивари, а навечер гледавме вестерни „Капетан Леши”. Учевме за децата бегалци, навечер гледавме „Црно Семе”. Учевме и за СКОЈ, за Сава Ковачевиќ, нѐ водеа во „Кино Карпош” на едукативно плачење за гинењето на Бошко Буха. Непријатели беа само Германците.
Толкување на злосторството и казната
Дури подоцна ми се даде можноста да ја разберам скепсата и потсмевот на постарите кон таквите диспропорционални толкувања на злосторството и казната во Социјалистичка Република Македонија. Во еден од походите по скопските книжарници, наидов на извештајот на Карнеги Комисијата од 1914 година, неверојатно детален приказ на судбините на народите на овие простори. Прелистувајќи ги податоците и сведоштвата за масакрите низ Македонија, она што ми остави впечаток е непропорционалноста помеѓу наведените податоци во извештајот и селективноста на домашната јавна дебата во однос на осудата и меморијата кон извршителите на истите. Поентата е, набројувањата на злосторствата извршени од бугарските, турските, албанските, грчките сили беше (и сѐ уште е) во помалку-повеќе рамномерна пропорција со јавниот дискурс. Што пак не може да се каже за далеку побројните злосторства извршени од страна на Србија, евидентирани низ историските записи, но речиси сосема отсутни – или на фуснота сведени – од образовниот, политичкиот, медиумскиот и културниот дискурс на Македонија. Социјалистичка, Демократска или Северна, сеедно.
Тој диспаритет е присутен и во овдешната чудна и нападна потреба за поврзување на Бугарија со фашизмот, подеднакво како и Албанија, но без премногу – никакви! – обиди за поврзување на Србија со Љотиќ. Истото се однесува и на скандалозното пренебрегнување на фактот што во текот на Втората светска војна во Бугарија и Албанија немало ниту еден концентрационен логор. За разлика од десетици и десетици концентрациони кампови на територијата на Југославија. Од каде, тогаш, таа прелесна, препотентна, морализаторска поза на „партизанско” попување кон едните, и снисходливо премолчување во однос на други, под наш нос блиски примери на злото?
Првите размислувања за таа чудна дисхармонија беа на линијата дека „ете, и тоа се должи на цензурата на комунизмот”. Но сосема набргу, таквите размислувања и сомнежи за системските недела беа ставени настрана и отфрлени поради поинакви, спонтани феномени кои се надополнуваа со системското октроирање на смислата на злосторството и казната. Како минуваше времето, сѐ повеќе ме скокоткаше љубопитноста зошто Македонците имаат такво богатство на навреди, пцовки, потсмевања, вулгарности на сметка на „Татари азијатски Бугари”, за „hell-ass цигани Грчишта”, надополнети со „клети Турчиња погани” и сите прелиени со creme de la creme поздрави и честитики кон „племето шиптарско, љунгарско, шипци” на Албанците. Во помала мерка се користеа и изрази за „виенските коњушари и Јанези” од Словенија, за „усташите и фашистите” од Хрватска. Интересно, во сиот тој репертоар, традиционално и громогласно одекнува отстуството на какви било погрдни називи, пцуења, потсмевања на Србија и Србите. Причината за таквиот диспаритет – службен во системот, спонтан во популизмот – ми се разјасни од еден мал графит, напишан во една од уличките во Љубљана: „Доколку сакаш да знаеш кој владее врз тебе, обиди се да дознаеш кого не смееш да критикуваш – Волтер”. На извесен начин, токму тој графит, таа изрека, ме помири со Македонците. И скара со Македонија.
(Целата колумна на Арсим Зеколи прочитајте ја на www.dw.com/mk/)