Компромитиран изборен процес
Facebook статус на Никица Корубин
Сторијата на порталот PortaliX, и на новинарот Фуркан Салиу, “МРТ во служба на партијата” за начинот на “водење на предизборна кампања” и подготовки за “изборна кампања”; иако на прв поглед е скандал за “учесниците”, всушност е скандал за жаргонски кажано, “помагачите”: државните институции. Зошто тогаш (де)фокусот е на појавното, поединци и приватни агенции за мерење на јавното мислење, наместо на очигледното: кој сето тоа го овозможува?
Што не’ враќа на континуирано “скриената” тема: кој го креира јавното мислење и каков наратив е дозволен? Затоа што вредноста на наративот е никаква, ако тој не доаѓа од “кредибилен” извор. И притоа, во нашиот случај “кредибилноста” не е изворно само од тој што го креира, туку првенствено од тој што го презентира. И тоа во различни форми (аналитичари, експерти, анкети, партиски гласници), сеприсутни во далеку повеќе медиуми од (само) јавниот сервис.
Што не’ води директно до институционалноста, односно надлежноста на државата за регулирација и контрола на она што се нарекува јавен изнајмен ресурс, под точно определени услови: етерот. Или просторот, сеедно, зависно каде е најголемото влијание.
Оттаму, вистинското прашање е, која е претпоставената инволвираност на институциите во целиот потенцијален пропагандно-медиумски “пакет”, кој тукушто отворен, сите побрзаа да го затворат. И да го сведат на обична партиска преписка, “кој е добар, а кој е лош”, “кој лаже, а кој ја говори вистината”.
Заборавајќи, дека монопол на вистината немаат, а монопол на “докажувањето” има само правосудството, за кое нели сите многу се загрижени. Зошто тогаш, никој, освен самиот портал кој го објави почетокот на сторијата, не се реферира на обвинителството, како единствени надлежни да утврдат, што е лага, а што е вистина?
Затоа што ова не е прашање за “партијата”, туку за партократијата, која ја супститура институционалноста. Но, ова е пред се’ прашање за легитимноста, но не на тој што говори, туку на сите оние кои овозможиле непречено да говори. Платформа за манипулација, во наше име и за наша сметка.
На тој начин, туку што започнатиот изборен процес е веќе компромитиран. Кој и да биде исходот. А, таа компромитација не’ враќа, како во времеплов, две години назад, таму каде што “го замрзнаа” времето: условите во преговарачката рамка – уставните измени. Дамокловиот меч за нашите партии, кои веќе почнуваат да го чувстваат “мирисот на власта”. И обврските од истата.
Затоа што, која и перцепција да ја создадат, која пропаганда да ја сметаат за ефикасна, со сите расположливи платформи, тие се сепак во нашата приказна завидливиот Дамокло, а не тиранинот Дионисије, како посакувана варијанта. А, обврските им “висат над глава”, како мечот од кој толку се плашел Дамокло. Остана ли уште некој трик, за компромитација на државата и нејзината иднина, или листата е исцрпена? Да почекаме, да видиме што нашата “јавност” ќе ни каже. Сега, кога станува толку јавна.