Компромитирана антикорупција

//

Fb статус на Никица Корубин

Борбата против корупцијата беше и остана лајтмотивот на посакуваниот функционален систем. И, иако таа декларативно е сеприсутна, суштински отсуствува. Отсуствува како темелно разбирање, што воопшто корупцијата претставува? Соочувањето со ова прашање е најголемиот страв за постулатите на кои почива институтот “партија” кај нас. Затоа што токму партијата, а не државата е главниот извор и супстрат на корупцијата како нејзин modus vivendi, како нејзина базична водилка и на крајот после 30 години дегенерирање, како нејзина, речиси, единствена причина на постоењето. Откога претходно, целосно ја зароби државата.

Кога денес, на хартија (како закони, регулатива, критериуми, услови и барања од ЕУ и САД), и во пракса (како постапки, институционални и пара-институционални); говориме за корупцијата и борбата против неа, се судираме со главниот показател за реалноста, а не привидот на таа борба. Со други зборови, колку е поголема гласноста и помпезноста околу корупцијата, толку е помала ефикасноста и најважно спремноста за соочување со најголемата, изворна корупција: начинот на кои функционираат политичките партии, како ментална матрица, а проектирано потоа на државата, начинот како функционира генерално политика, односно управувањето во секоја поединечна сфера.

На теоретско ниво, имаме закони и правила, имаме етички кодекси, имаме формални барања и последователни критики и предупредувања. Реакцијата на државата (читај партијата), во пракса, е привид на борба, површна, избрана, внимателно водена, па дури и центристичко поставена, со наметнат авторитет, како супститут за суштинските, длабински резови. Врв на привидот за соочување со драматичната коруптивна инфилтрација во секој дел од институционалноста, беше “изумот” да се има министер за борба против корупцијата, кое во меѓувреме се разводни во добро владеење, но суштински проблемот остана ист: подалеку од површината не одиме. И апсурдот да биде поголем, ова воопшто не се ресорни министри, туку министри кои и не би требало да постојат, министри без ресор, на кои по потреба може секогаш, да им “се измисли” надлежност, која тие ќе ја обавуваат мешајќи се во туѓи ингеренции. Дури и клучниот ангажман на владата, евроинтеграциите се водени од министер без ресор.

Моделот на “министер без ресор” во својата основа е коруптивна пракса или еве лукративна, чија единствена цел на постоење не е државата, и ефикасноста на нејзините механизми, туку партијата и нејзината потреба да ги задоволи (корумпира) своите потреби, внатре или надвор во коалицијата. Посебно интересно станува, кога законската институција која е задолжена за борба против корупцијата, воопшто не е надлежност на извршната, туку на законодавната власт, а знаеме како тие хиерархиски стојат.

Но, не е ниту таа, комисијата за спречување на корупцијата, единствено надлежна за борба против истата; туку напротив, таа би требало да биде креаторот, контролорот и чадорот, на секој поединец кој има раководна позиција во било која власт (извршна, локална, законодавна, судска) и кој има законска обврска да превенира, спречи и санкционира корупција и коруптивно однесување. Но, покрај овој директен партиски интервенционизам (бидејќи партијата е таа која ги определува сите, без исклучок, раководни позиции); имаме уште пострашен по долгорочната функционалност, ефикасност и одржливост на државата), а тоа е врховниот коруптивен механизам: субвенционирањето. Речиси, нема област во функционирањето на државата (здравство, земјоделство, култура, економија, финансии, социјална политика), која го нема најлесниот и најстрашниот потенцијално и реално коруптивен механизам, применет инстант, по потреба, ад хок, на краток и среден рок, сега и веднаш, како излез од секоја ситуација и секоја потенцијална криза: субвенциите.

Освен што е таа главната алатка за социјален мир, без водење сериозна сметка за долгорочните последици и стекнати навики, како и неможност за било какви сериозни реформи; таа е дел од веќе воспоставената култура на давање-примање, или брутално кажано “некој друг да ни ги реши проблемите”. Оваа пракса не само што суштински ја дезавуира пазарната логика, туку постојано ги става во зависна положба граѓаните, фактичка и ментална. А, државата (партијата) во улога на најголем промотор на духот на коруптивното однесување (секој има своја цена, само треба да се одреди висината). Против-услугите варираат: социјален мир, бизнис поволности, молк, задоволна администрација, па се до крајно лукративни цели.

За да го заокружиме пеколниот круг на иманентната корупција, мора да се вратиме на механизмите на кои почива партијата. А, тие се токму сржта на корупцијата. Се чини дека во отсуство на било каков валиден, искрен, морален, етички и идеолошки наратив, поради кои луѓето се здружуваат доброволно и на волонтерска основа во партијата; таа партијата, токму преку првичната, базична корупција, ги “држи” и членовите, а и потенцијалните гласачи. Преку најразлични форми на примарно и примордијално во политичка смисла однесување: нудење на работни места, бенефиции, поволности и привилегии во државата. И тоа е иницијалната каписла за сите наредни форми на корупцијата, затоа што, за партијата воопшто да може да ги “испорача своите ветувања” и треба државата. И кога еднаш “ќе ја освои државата” без неа не може. Заробена држава, во секоја смисла. И тоа е примерот на однесување за секој граѓанин, кој доследно следејќи ја матрицата на функционирање, го води до корупцијата во било каков замислив и незамислив облик.

И затоа борбата против корупцијата, вистински ќе започне, кога партијата ќе ја ослободи државата од својата корупциска суштина. И тогаш кога секој кој обавува било каква функција, ќе направи јасна дистинкција помеѓу партиска припадност и служба за државата. Утопија? Можеби. Би рекла соочување со самите себе и сопствената улога во целиот систем. Системот сам од себе нема да се одржи, исто како што и корупцијата сама од себе не постои. Некој ја негува, одржува и храни, затоа што поинаку не знае, не сака или не може. Проблемот настанува кога е тој истиот што се бори против неа. Па, против самиот себе ли? Да видиме што е помило, партијата или државата? Која е идентификационата точка, во политиката кај нас, идејата или интересот? Одговорот е лесен? Веројатно. Но, последиците се тешки, за сите без исклучок. Затоа што нашата антикорупција, одамна не е само компромитирана, туку длабоко корумпирана. И нема лесен пат за излез, останаа само тешките. А, излез мора да има.





Претходна статија

(Видео) Стефанов: Путин сака да го возобнови Советскиот сојуз преку уништувањето на Украина

Следна статија

Православниот џихад на патријархот Гундјаев

Најново од Ваш став

Денот на булките

Facebook статус на Никица Корубин Деновиве во Велика Британија се сеќаваат на жртвите од Првата светска