КОНЗЕРВАТИЗМОТ СЕ СПРОТИВСТАВУВА НА ПОПУЛИЗМОТ
Доколку објективно се обидеме да го разграничиме политичкиот спектар во Македонија, веројатно ќе ја примениме востановената класификација – леви политички партии, десни и партии на центарот и тоа изгледа пристојно, но само на хартија.
Во македонската пракса, партиите со спротиставени идеологии (доколку воопшто ги имаат) релативно лесно постигнуваат коалициски договори и формираат влади. Независно од објавените принципи, тие се обединети за желбата за моќ и привилегии, секогаш згодно спакувани во „евроатлантски” и „интересот на граѓаните” обланди кои потоа и се сервираат на јавноста како единствен пат за „подобро утре”.
Кога пред неколку години со група познаници почнавме посериозно да го разгледуваме прашањето дали треба да формираме политичка партија, неретко забележував дека некои од нив премногу лесно идниот политички субјект го сврзуваа во редот на десницата.
Но, посериозното прашање беше – каква десница?
Граѓанско Демократската Унија-ГДУ несомнено идеолошки припаѓа во т.н. конзервативен блок. Конзервативната иделогија има широк спектар на делување, а конзервативецот може да верува во традиционалниот конзерватизам, социјалниот конзерватизам, па се до модерниот и прогресивниот конзерватизам. Главната одлика на оваа идеологија е токму економскиот либерализам, поточно слободниот пазар, ниските даноци, поддршка за малите бизниси и приватниот сектор. Би додал, ГДУ е приврзаник на прогресивниот конзерватизам, типичен британски и западен конзерватизам коj веруваме дека е најдобар инструмент за надминување на проблемите во општествово. Лекот кој ние го препорачуваме е поради дијагнозата на пациентот и поради историјата на болеста.
Во нашиот случај, организмот е целосно совладан од вирусот каде политичките партии кои се вистинските господари а владата и државата имаат само второстепена улога. Потсетува на тоа кога вирусот не го убива телото затоа што така би се убил и себе си, таквата симбиотска „хармонија” би била невозможна.
Значи, политичката конкуренција на ГДУ всушност не е левицата или десницата, политичката конкуренција е популизмот, маскиран наоколу под превезот на политички програми, манифести и памфлети кои ги држат граѓаните надвор од секој облик на учество во политичкиот живот. Тоа поведение се манифестира на локално и на национално ниво, рамнодушноста и дефетизмот се алатки кои им служат ним, но никако нам, на граѓаните.
Јавните служби се за жал бесповратно затруени, приватниот сектор се одвива помеѓу „тендерската економија” и „казните и глобите” како реален приход, средство за елиминација и контрола на конкуренцијата. Граѓанинот како поединец е најобесправеното „малцинство” во земјава. Тој не ја ужива заштитата во рамките на Уставот, затоа што е само имагинарна категорија. (целиот текст прочитајте го на www.conservative.mk)
Автор: Петар Колев, претседател на Граѓанско демократска унија-ГДУ

