Ковачев: Проблемот со РС Македонија е неспроведувањето на Договорот, а не службената Влада во Бугарија
„Не е проблемот во тоа што има привремена влада во Бугарија, како што смета Зоран Заев. Проблемот е во тоа што Скопје не направи ништо за да го спроведе договорот со Бугарија“, вели во специјален коментар за бугарската агенција БГНЕС, бугарскиот европратеник и заменик претседател на ЕНП во Европскиот парламент Андреј Ковачев.
Според Ковачев РС Македонија лобира против Бугарија со цел да ја наруши бугарската позиција и за да се изврши притисок врз Софија.
„Не се расправаме за сегашниот идентитет и јазик. Договорот зборува за заедничка историја на двата сегашни народи. Заедничката бугарска историја, не е споделена, не е испреплетена, тоа е историјата на истата етничка група во минатото, етничка група што беше сурово поделена од несреќната судбина и Големите сили на почетокот на 20 век. Секој има право на самоопределување. И нашите предци го имаат истото право, како и живите сега. Омразата и неединството може да се надминат само преку европска интеграција и храброст да се прифатат фактите какви што биле. Тоа е она што го вели договорот, што мора да се почитува, а Скопје имаше многу време од 2017 година да го стори тоа. Извинувањата со привремената влада се неиздржани. Исто така, мислам дека се неиздржани и очекувањата дека следната бугарска влада може да ја прифати лагата. Фактите се свети“, вели Ковачев во својот специјален коментар за БГНЕС.