Културните институции на Благоевград со концерти за 114 години од ослободувањето на градот
Културните институции на Благоевград – ансамблот „Пирин“, Камерната опера и Биг бендот – ќе одржат повеќе концерти во рамки на програмата „Благоевград ја слави слободата“, посветена на 114 години од ослободувањето на Горна Џумаја и празникот на градот, јавува Пиринско.
Концертната програма ќе започне на 1 октомври, на Светскиот ден на музиката, кога Биг бенд – Благоевград ќе настапи од 18:00 часот на големата сцена на плоштадот „Македонија“.
На 2 октомври од 18:30 часот, на истата сцена, Камерната опера – Благоевград ќе го претстави концертниот спектакл „ТРИ ТЕНОРИ… и уште нешто“.
Ансамблот „Пирин“ ќе одржи концерт на 4 октомври од 12:30 часот, со програма посветена на богатството на пиринскиот фолклор.
На 5 октомври Центарот за личен и творечки развој на децата на Благоевград подготвува концерт-изненадување, кој ќе се одржи по свечените ритуали кај спомениците поврзани со датумот.
Програмата „Благоевград ја слави слободата“ ќе заврши со голем концерт на Д2 и Део, со учество на групата LOWKEY, на сцената на плоштадот „Македонија“.
Во случај на лоши временски услови, концертите ќе се одржат во обновената сала „Јаворов“.
