КУМАНОВО РЕЗЕРВАТ ЗА ПОСЛЕДЕН ПАТ
Овој викенд издржавме 80 часа непрекинат полициски час, карантин за доброто на граѓаните, за заштита на нивното здравје, за победа над вирусот. Во време кога сите држави веќе ги отворија и границите, ние сега имаме пик на болеста. Нешто што ни лекарите специјалисти за вируси (читај вирусолози и епидемиолози, а не гастроентеролози, офталмолози или други слични) не можат да го објаснат. И сега ајде да ги броиме заразените и починатите од една страна, а од друга да ја фалиме политиката на техничкава ни Влада и нивните успешни политики во справување со вирусот. Па кој ќе каже дека не блескаме?
Нели го имавме вирусот совладано, нели Реисот официјално го прогласи за мртов? Нели ги тргнавме ограничувањата и рестрикциите затоа што кривата во графиконот ни дозволи да кажеме дека кризата е зад нас и сега ќе ја спасуваме економијата? Или сето ова беше избрзано или никогаш и сме немале контрола над кризата? И пак истата приказна. Полициски час селективно како за кого. Половина Скопје им избега од градот во карантин. Наместо полициски пунктови за забрана за излез, колони возила кон туристички дестинации. И не само граѓаните, туку и половина Влада и локална власт на Скопје избега од ограничувањата. Останаа само оние што немаат средства за оваа летување надвор од сезоната. Е сега добро би дошле ваучерите за летување, ама истите ќе се добиваат во јули. Него како беше-избори кога? Да не е случајност или само е темпирано делењето на ваучерите со изборите? Да не е се во функција на граѓаните, а ваму тоа да ти било плати, па владеј? Провидни сте со оваа политика на награди и казнувања. Не е народот тој што треба да биде казнет за овие бројки на заразени, туку е тоа доказ на неспособната Влада која во овој сплет на околности, повеќе мисли на изборите отколку на здравјето на граѓаните. И што ќе постигнеме со селективната правда? Деловите од Скопје, Куманово, Тетово и онака пак се надвор од државната јурисдикција и таму ниту карантин, ниту заштитни маски не се во функција. Зошто тогаш казнување на послушните? Или само голо покажување на сила и мускули?
Куманово овој викенд за последен пат беше ваш резерват на послушни граѓани, кои уште еднаш останаа доследни на препораките на Владата. Само што сега порака од народот во Куманово ви е –Никогаш повторно!!! Овој народ нема веќе трпение за неспособноста со која се менаџира кризата. Она дека вирусот ќе остане да живее со нас ни е јасно уште од самиот почеток. И сега ќе почнеме да се однесуваме согласно на тоа. КУМАНОВО Е ГРАД НА НЕПОКОРОТ. Овде веќе вашите приказни не проаѓаат. Во Куманово сте прочитана книга.
Автор: Перица Спасовски, претседател на ГДУ- Куманово
