| |

Лагард: Влезот на Бугарија во еврозоната ќе донесе просперитет и сигурност

Две работи ќе донесе влезот на Бугарија во еврозоната: прво – дополнителен просперитет кој наскоро ќе биде видлив, и второ – зголемена сигурност. Под просперитет, претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, подразбира зголемен извоз од Бугарија кон останатиот дел од Европа, кој веќе ќе се одвива во евро. „Нема да има валутен ризик, нема потреба од хеџирање, бидејќи фактурите ќе бидат во иста валута – фактурираш во евро и добиваш во евро. Многу ризици ќе бидат елиминирани,“ изјави Лагард во интервју за „Нова ТВ“, пренесува БГНЕС.

„Второ – размислете за светот. Луѓето сакаат да доаѓаат на одмор во Европа, но поради променливите курсеви на валутите често се двоумат. Ако знаат дека во Бугарија, каде што патуваат и престојуваат, валутата е евро и дека нема ризик од флуктуации на курсот, тоа е уште една причина повеќе да ја посетат вашата земја. Само два примера – валутниот ризик и потребата од хеџирање ќе исчезнат,“ додаде таа.

Во однос на сигурноста, Лагард нагласи дека членството во еврозоната носи и институционална стабилност. „Како Французинка и како личност што имала високи функции, научив дека кога си дел од клуб, мораш да ги почитуваш неговите правила – тоа носи сигурност. Сите сме заедно во ова, нема случајни играчи што прават што сакаат. Сите сме врзани со исти принципи, иста валута, иста монетарна политика – тоа ќе биде огромна промена,“ изјави таа.

„Долги години имавте валутен борд, но сигурноста што доаѓа од тоа да си дел од истиот клуб… и агенциите за кредитен рејтинг го забележуваат тоа. Ризикот од недисциплина исчезнува. Тоа е механизам што носи повеќе просперитет и сигурност,“ заклучи претседателката на Европската централна банка.



Слични Објави