| |

ЛИЦАТА СО ИНТЕЛЕКТУАЛНА ПОПРЕЧЕНОСТ ВО КУМАНОВО МАРШИРАА ЗА СВОИТЕ ПРАВА

Ниските декемвриски температури не ги спречија лицата со интелектуална попреченост од Куманово и нивните поддржувачи денеска да излезат на улиците и да маршираат за своите права. Вака денеска во градот беше одбележан Меѓународниот ден на лицата со интелектуална попреченост, 3ти декември.

Корисниците од двата дневни центри со транспаренти побараа некој да ги слушне нивните права кои треба да им ги гарантира државата, со цел да имаат достоинствен живот како и сите останати граѓани на општеството.

Од Дневниот центар за престој на лица со интелектуална пореченост над 18 години, „Порака наша“ велат дека е неопходна 24-часовна поддршка за оваа категорија граѓани.

–  На „Порака наша“ и е потребно системско решение, потребна е поддршка од Министерството за труд и социјална политика, потребни се мали групни домови затоа што работиме со возрасни корисници чии родители се веќе постари и размислуваат што ќе се случи откако нив ќе ги нема. На Куманово му се неопходни мали групни домови со 24-часовна поддршка и поддршка за оваа категорија, вели Фросина Симоновска, дефектолог и едукатор во центарот.

Овој дневен центар има 21 корисник со умерена или тешка интелектуална попреченост кои веќе наполниле 18 години, но дел од нив ги мачи главното прашање, односно кој ќе се грижи за нив кога еден ден нивните родители ќе ги нема.

– Веќе пет корисника немаат ниту еден од родителите или имаат само еден родител што значи дека во следните 10 години Куманово ќе има предизвик, а со тоа и самата држава ќе биде ставена на тест на кој начин ние ќе излеземе во пресрет и ќе дадеме поддршка на овие наши сограѓани, затоа што сите ние сме дел од оваа општество и за да се обезбеди таа инклузија која сите ние ја говориме ќе мора да се соочиме со предизвиците кои ни стојат на патот, додава Симоновска.

Куманово има два дневни центри за ваква категорија граѓани, едниот е за повозрасни, другиот за деца. Функционираат со поддршка на Општина Куманово и општествено-одговорни компании и граѓани. Она што недостасува е поддршка од системот на државата.

Инаку, Во Република Македонија се проценува дека 10% или околу 200 000 жители се лица со инвалидитет.

Извор: Кумановски муабети

Слични Објави