Љубезни инквизитори: нови напади на слободната мисла

//

Пишува:  Проф. Звонимир Јанкулоски/ Нова Македонија

Македонија е во континуиран напад на слободата од новите фундаменталисти: во име на јавното здравје (ковид-19); во име на „антидискриминацијата“; во име на нашите евроатлантски интеграции; спасување на планетата (климатски промени) и последното во име на вашата позиција кон војната во Украина. Зголемувајќи ги стравот и хистеријата, чуварите на „непорочната“ мисла и изразување ги користат ваквите причини за да стават крај на индивидуалната слобода, вклучувајќи ја и слободата на говорот, што не е за првпат во македонската историја. Македонија ја негува својата турбофолк-елита на заштитници на човековите права, кои се трансформираа во чувари на вечната вистина и гробари на слободната мисла. Тие се обидуваат да создадат нови чисти простори за размислување, ограничувајќи го она што го мислиме. Преку наметнување одреден унифициран начин на размислување, осудувајќи ја секоја поинаква размисла ваквите турбофолк-чувари на слободата кај нас создадоа нова инквизиција на слободната мисла и изразување, несвесни дека да се изгуби слободата на мислата би значело да се изгуби нешто уникатно човечко. За нив она што го размислуваме, чувствуваме и посакуваме не треба да биде во согласност со нашите сопствени цели, вредности и идеали, туку со оние што тие ќе ни кажат дека се вистински и исправни. Само луѓе што никогаш не дејствувале автентично можат да се обидуваат да ни наметнат дегенериран концепт на слободата. Тоа се фанатици опседнати да не отстапуваат од она што го сфаќаат како добиена мудрост од нивните ментори од Западот. За провинцијалски и малограѓански умови наметнатите прозападни вредности станаа догма. А културата на исклучување нејзина инквизиција.
Македонија е во ера на неоинквизиција. Можеби нема да има палење на клада, буквално, но има сатанизирање и черечење по социјалните мрежи поради отстапување од прифатливиот начин на размислување.

Неоинквизиторите покажуваат целосна нетолеранција кон различностите на мислењата и недостиг од почит кон навистина слободната мисла. Тие врескаат за макартизмот и црните листи на неистомисленици. Генерирајќи атмосфера на страв во македонското општество, тие ја повредуваат слободата и го поткопуваат интелектуалниот интегритет правејќи ја невозможна отворената размена на идеи, премногу скапа за оние што имаат малцински ставови да се изјаснат. И иронијата да биде поголема, слободната мисла ја задушуваат токму оние луѓе што себеси се нарекуваат слободни мислители и кои само до неодамна најгласно врескаа за важноста на слободата на говорот и почитувањето на слободното изразување. За нив одговорот на пристрасноста и предрасудите не е плурализмот, туку пуризмот. Да ги потсетам фундаменталистите на слободната мисла дека либералното општество (во кое се крстат) стои на предлогот дека сите треба сериозно да ја сфатиме идејата дека можеби грешиме. Ова значи дека не смееме никого, вклучувајќи нѐ и нас самите, да ставаме надвор од дофатот на критиката; тоа значи дека мораме да им дозволиме на луѓето да грешат, дури и таму каде што грешката навредува и вознемирува, како што често се прави.
Некако тивки станаа проверувачите на факти во последно време. Оние љубезни неоинквизитори на слободната мисла и изразување на социјалните мрежи, кои низ цензурата станаа закана за демократијата, отвореното општество и бесплатната научна дебата. Семето на цензурата го растурија во македонското општество, создавајќи свештеници на едноумието, кои граѓаните ги претворија во пиони во играта на големите, ограничувајќи ги во изборот меѓу доброто и злото во таа игра. Особено денес кога правото на слобода на изразување не е поштедено од жртвите во војната во Украина. Светот е во шок од зголемените ограничувања што војната ги постави за пристап до веродостојни информации, вклучувајќи и преку цензура на медиумите. Ограничувањата на слободната мисла и изразување се алармантни и вознемирувачки. Војната во Украина нѐ направи заложници на една вистина, зависно од страната од која доаѓа. Исто како со вакцините против ковид-19. Не дај боже да застраните во размислувањето. Ерес. Тогаш ќе ги видите и почувствувате хистеријата и нетолерантноста на турбофолк-чуварите на слободната мисла, која е непримерна за демократско општество. Се атакува на обичните граѓани за изразен став и мислење враќајќи ни ги сеќавањата на времето на Информбирото. Нудат диференција, можеби следното се логори за неистомислениците. Верувам тоа потајно го посакуваат оние што Западот го консумираат од Фејсбук, Инстаграм, Јутјуб и холивудските филмови и кои ни кажуваат нам другите што сме го живееле и кои сме се образовале таму дека тоа ни е единствениот избор. А токму западните вредности се положени на слобода на избор и слободната мисла. Кога дилајли ни кажуваат како да размислуваме и како да ги живееме нашите животи, слободната мисла е под закана.



Честопати се прашувам дали оваа земја може да биде слободна? Веројатно само додека македонскиот народ ја цени доволно својата слобода за да ја одбрани од „слободољупците“. Не можам да не потсетам на зборовите на Џон Милтон од пред речиси четири века: „Дајте ми слобода да знам, да изговарам и слободно да се расправам според совеста, пред сите слободи“. Ова, секако, новите инквизитори на слободната мисла никогаш нема да го разберат. Како што нема и не ги разбираат вистинските западни вредности во кои нѐ убедуваат дека се единствените исправни што треба да се следат. Тоа е горчливо-слатката историја на Македонија, која тече и тече со сурови чинови на брутална репресија и цензура, ослободена од храбрите чинови на пркос и кажување на вистината. Да, слободата на говор никогаш не се добива трајно или се губи трајно. Но само така слободното изразување ќе може да го исполни своето ветување како неопходен предуслов за демократија, слобода и еднаквост. И ќе нѐ одбрани од заробените умови и „љубезните инквизитори“ денес.

Претходна статија

Зошто Црвенковски, Мицкоски, Пендаровски, Силјановска… спојуваат блокада на Собранието со подготовка за колапс на датумот за ЕУ-преговори

Следна статија

Димитров: РС Македонија го прифаќа договорот со Бугарија формално, како билет за ЕУ, а не како црвста политичка определба

Најново од Истакнато

Ковачев: На местото на спомениците на окупаторската Црвена армија во Софија и во Пловдив да се постават споменици на Левски, Ботев, Гоце Делчев, Тодор Александров и Ванчо Михајлов

Бугарскиот европратеник од редовите на ГЕРБ-СДС Андреј Ковачев, даде интересна идеја за тоа што треба да

Туѓа влада

Facebook статус на Никола Димитров Новата опаковка на предлогот е апсолутно истиот непоправлив дебакл со кој