|

МАГАРЕШКА РАБОТА

Има една многу интересна и длабоко поучна лекција за понизноста од настаните на Цветници. Имено, Христос на Цветници влезе во Ерусалим на осле, т.е. магаре, и луѓето Го пречекаа со песни, со играње, мавтајќи со палмини гранчиња и постилајќи ги своите облеки на патот пред Него. Е, сега, тука не ми е зборот за смиреноста и понизноста на Христос, тоа веќе горе-долу ни е јасно, туку зборот повеќе ми е за магарето. Тоа правеше тоа што прави секое магаре – носеше товар. Но, иако ова магаре не правеше ништо посебно, и ништо „натприродно“, сепак пред него излезе цел град во пресрет, се пееја песни, се играше и се славеше, сето тоа додека магаренцето чекореше и работеше најнормална магарешка работа. Искушението за ова магаре беше да помисли дека тоа самото е нешто посебно, дека е родено за големи нешта, подобро од сите други магариња, дека сигурно врши подобра работа од сите останати, и дека конечно некој ја препознава неговата вистинска вредност па му го дава третманот што го заслужува. Секако, магарето имаше многу реални причини да мисли така, но така ќе можеше да мисли единствено ако заборавеше Кој е Оној што го носи!

Колку ли пати кога некој ќе пофали она што е направено преку нас и со нас, забораваме дека пофалбата всушност е упатена кон Оној што го носиме и чие дело вршиме, не кон нас самите! Без Него сме никој и ништо! Единствената наша незаслужена(!) привилегија е тоа дека Христос во тој момент нѐ избрал нас да го направи тоа дело, а не дека ние сме подостојни од некој друг, дека вршиме подобра работа од нив, или дека ние сме единствените луѓе на Земјата преку кои Бог би можел да го направи тоа дело. Да не се лажеме себеси и да не ја дуеме нашата гордост уште толку, ако веќе знаеме и исповедаме дека Тој што го носиме во нашите животи се испразни Себеси од сета Небесна слава, зеде обличје на човек, служеше и не му служеа, се понизи Себеси до смрт, и тоа смрт на крст, та само затоа Бог го воскресна од мртвите и му даде Име над секое друго име, конечно да разбереме и да се смириме самите знаејќи дека сѐ што ние правиме е обична „магарешка“ работа, дека ние само го носиме Него и тоа што Тој (на)прави за светот, ништо повеќе…

Пак ќе кажам, голема е привилегијата да се прави било што за Христа, но достоинството доаѓа од Оној што нѐ повикува, по милост, не од нас самите, да не би се возгордеал некој.

Господи помилуј.

Fb статус на пастор Филип Иванов



Слични Објави