Македонија Бугарија и лажливите соросоиди
Пишува: Владимир Перев
Денот 29 јуни оваа година ми почна вообичаено. Со утринското кафе, отворив да видам што се пишува “кај нас и по светот“, свет додуша ограничен од моите скромни знаења на странски јазици…сепак, и бугарскиот и српско-хрватско-босанскиот свет се некаков “наш“ свет, па макар и бивш.
Прво отворив да видам BGNES што нуди на утринското мени, па потоа Faktor.bg, за потоа да се навратам на некои хрватски портали…србите ги оставам за краj. Тие се црешата на шлагот на тортата.
Веднаш ги воочив разликите во информацијата на БГНЕС и она што го пренесува Независен.мк, околу изјавата на министерката Ана Паула Закаријаш. Информацијата на МИА беше само за претплатници, но не беше тешко да се стаса до оригиналниот извод. Веднаш подготвив текст, ама уредникот на овој портал реши дека не треба да се избрзува, да не излегуваме рано, за да не се случи грешка. Човекот е коректен, не знае за изреката на познатиот македонски новинар и боем Киро Чауле, дека “ако не бевме ние уредниците, социјализмот одамна ќе пропаднеше“. Социјализмот сепак пропадна, барем така си мислиме, па сега да видиме што ќе се случи со оваа статија, “преразгледана и обработена“, по терк на Главниот.
Да се биде дописник на странска агенција од сопствената земја е чест која ја посакува секој новинар. Таа чест е поврзана, не само со привилегии, туку и со висок степен на одговорност и поседување на морални квалитети, валидни за де се обавува таа дејност.
Македонската јавност не беше изненадена кога соросоидот и квазилибералот од бугарското политичко милје, Николај Крстев беше именуван за кореспондент на МИА од Софија. Очекувано беше дека само таков тип на човек, со таков морален беграунд, може да ја врши таа работа за Македонија. Сепак, некаде треба да се постават границите!
На 29 јуни 2021 година, МИА донесува информација за излагањето на државниот секретар на Португалија, Ана Паула Закаријаш, околу состојбите за присоединувањето на Северна Македонија кон Европската унија, за направеното до сега и очекувањата од председателството на Словенија. Информацијата од Софија ја испраќа кореспондентот Николај Крстев. Од МИА ја презема и Независен.мк, а се очекуваат и други преземања. Истовремено, бугарската новинска агенција БГНЕС во целина го пренесува излагањето на Ана Паула Закаријаш.
Во двата написи има една суштествена разлика која не наведува на помислата дека, или некој нешто додава, или некој нешто крати, значи, некој ја лаже јавноста.
Во МИА стои текст дека Според неа, Северна Македонија помина низ тешки преговори со Грција, заради кои го смени своето име. Во исто време, и проблемот меѓу Софија и Скопје е многу тежок затоа што е поврзан со јазикот и културните димензии на двете земји.
Во БГНЕС, Љубчо Нешков го поставил следново изречение: Явно е свързано с езика на Северна Македония, който някога е бил част от българския език и културните измерения на двете страни.
За да нема недоразбирања, излагањето на Ана Паула Закаријаш е снимено на звуков запис, го има на соодветен фајл во Бугарското радио, така што нема никакви можности за манипулација. Текстот на БГНЕС не сакам нито да го преведувам, за да не навлезам во сопствените неможности за точен превод. Го давам во оригинал, па не треба да се знае бугарски воопшто, за да се разбере, кој што рекол, а кој што пренесол. Сега веќе, сѐ е јасно, порталите во Македонија полудеа, а премиерот Заев вели дека македонското МНР ќе треба да ја потврди веродостојноста на кажаното од г-жа Закаријаш. Конечно, се потврди дека БГНЕС се во право, објавен е и звуковиот запис, Крстев изигравал “шнајдер“ на вистината, а Независен.мк, мислам дека е првата жртва на МИА и Крстев.
Лажењето е национален спорт и во Македонија и во Бугарија…тука навистина сме еден народ. Сега се покажа дека БГНЕС не го практикува тој спорт, да се надеваме дека така ќе биде и натаму. Но лажењето на соросовите следбеници е брутално, вулгарно и безобразно. Ако пак тоа лажење ги мине границите на Фондацијата и стане државна (мислам на МИА) философија, тогаш треба да се замислиме над себе си!
Веќе подолго време една група на бугарски интелектуалци, потомци на дејци на бившиот режим, образувани низ соросовите институции, се залагаат за “либерален“ поглед кон македонското прашање, де факто, поглед анационален, антибугарски и со стриктно последователство на идеите на Коминтерната за “единство на пролетерите“, сега преточено како некакво единство на сите луѓе. Тие само навидум ја поддржуваат Македонија, тие го подржуваат секој и секого кој ќе застене на против националната кауза, онаа истата на која нивните предци го изградиле својот живот и кариери.
Нивниот речник е вулгарен и насилен, омилениот збор за поинакумислечките им е “фашист“, ставајќи се себе си на некаков наднационален и надидеолошки, надпартиски пиедестал.
Никогаш не сум бил некаков голем фан на Виктор Орбан, далеку од тоа, а за владеењето на Груевски си имам мислење кое не е ласкаво ниту за него, ниту за сите нас како нација. Сепак, на Орбан му ја признавам вештината на владењето и познавањето на проблематиката. Тој се издигна, образовно и политички преку Сосросовиот универзитет во Будапешта и таму ја почна својата кариера. Кога се воздигна, првата работа што ја направи беше да го затвори тоа “дувло на амеби“ и недефинирани, преврливи персони, сфајќајки ја опасноста од нивните лажливи политики. Тој научи од нив и ги прогна начисто. Слична беше и ситуацијата кај нас, во Скопје. Фондацијата Сорос почна како институција за демократизација на општеството, за покасно да разбереме дека станува збор за продолжително владеење на социјалистите/комунисти, сега пребојадисани како демократи или либерали. Денес, како некои “отровни мравки“ се навлезени во сите пори на општеството. Излезените од соросовото дувло, кај нас ги има во сите партии и организации, безразлично каков е нивниот политички или национален предзнак, тие се “универзални“. Ако е за утеха, исти такви, ама буквално исти се оние во Белград и Софија…
Го жалам Заев, го жалам затоа што сакам да верувам дека се труди да направи сѐ најдобро во македонско-бугарските односи. Никој не е имун од подлеците во својата близина, посебно ако е власт, премиер. Жални се неговите напори да влијае на меѓународната јавност од некаков “словеначки“ институт ИФИМЕС, кој со Словенија и словенечката општност има врска колку јас со Германија. Па нека се јави кај БГНЕС…
Не се неточните, “кроени“ информации, проблемот на МИА. Тоа е проблем на нашата Македонија, каде типови од калибарот на Крстев, потонати во сопствените амбиции, задоени со етичко безвремие и недостиг на личен морал, ја кројат информационата политика на земјата. Не само тоа, тие со својата агресивност ги “убиваат“ сите други, ги замолкнуваат гласовите на совеста и здравиот разум.
Конечно, големи се заблудите македонски. Како воопшто може некој да помисли дека оние кои не ја сакаат својата татковина, можат чесно да служат на друга држава. Патриотизмот е внатрешно чувство на чесност, тој нема боја нито нација…патриотизмот е пред сѐ, потрага по вистината и слободата, потрага по демократијата, тоа е морал, етика!

