МАКЕДОНСКАТА ГОЛГОТА (3)
Секој еден народ, секоја една нација, држава, единка во периодот на своето битисување поминува процес на духовен раст и созревање. Ако периодот на просветителство низ Европа значел „проширување на видиците“ и разделба од Бога и Црквата, на нашата територија приказната е друга. Црквата како духовна и национална институција во себе ги носи сите одлики на еден народ, неговиот идентитет, култура, традиции, јазик…. Нашата националност, идентитет и духовна стремеж се развивала и растела зедно со и внатре во Црквата. Словенската писменост, христијанизацијата на Словените и Бугарите, првите печатници на нашето поднебје т.е сите овие духовни достигнувања на Словенските племиња и Бугарското племе се клучни во нашиот историски развој. Ако Светите Солунски браќа Кирил и Методиј не го создале словенското писмо (по барање на моравскиот кнез Ростислав ја создаваат Глаголицата), немало да се развива словено-бугарската духовна култура и словенските племиња, од кои се образувал и нашиот народ, за што ќе видиме понатаму во ова четиво. Ако благоверниот кнез Борис I не го христијанизираше својот пагански народ, пространата, но разнонародна (мислам на словенските племиња и на бугарското племе) Бугарска држава ќе се распаднеше под ударите на околните христијански сили: Византија, Германија, Хрватска, Велика Моравија и Србија, а патот кон современата еманципација ќе беше затворен и ние ќе останевме во духовен и културен мрак. Воспоставувањето на бугарската црковна хиерархија, со поставувањето на Св. Климент за Епископ и учител го помогна утврдувањето на словено-бугарската писменост на нашата територија и ја утврди Бугарската црква како чедољубива мајка на (словено) бугарскиот народ и лулка на словено-бугарската култура. Да не должам многу, сепак денешното четиво е наменето пред сѐ за нашите духовни просветители и преродбеници.
Да ги погледнеме старите/древните писанија за нашите отци на Црквата, да видиме какво духовно и национално богатство се крие во нив, кое би ни било од полза нас, денешните поколенија. Да ѕирнеме во тие книги, книги кои се пишувани од свети луѓе, за свети личности од нашата многу богата историја. Начално да погледнеме што запишал архиепископот Охридски Димитриј Хоматијан (XII-XIII век) во краткото житие за св. Климент Охридски:
„Овој наш велик отец и светилник на Бугарија потекнува од европските Мизијци коишто повеќето луѓе ги знаат како Бугари… Заедно со божествените Наум, Ангелариј и Горазд тој прв прилежно го изучи Свештеното Писмо, преведено на локалниот бугарски јазик со Божја помош до Кирил, вистинскиот богомудар и рамноапостолен отец, и од почетокот беше со Методиј, познатиот учител на мизискиот народ на благочестие и православна вера… Методиј беше ракоположен за архиепископ на Моравија и Бугарија, тогаш и Климент се искачи на епископскиот престол на целиот Илирик и на земјата што ја владееше бугарскиот народ, ракоположен од епископот Методиј… Бидејќи бугарскиот народ сѐ уште не беше просветен со крштение и имаше варварска дивост… Со бањата на крштението тој го обнови нивниот кнез Борис… “
Архиепископот Охридски, Свети Теофилакт (XI-XII век), составувајќи го опширното житие на св. Климент Охридски, го пишува следново:
„…Така во последното време и земјата на Бугарите ја просветија блажените отци и учители… Сигурно сакате да знаете кои се тие отци. Методиј… и Кирил… Но бидејќи народот на Словените или Бугарите не ги разбираше Писмата напишани на елински јазик… светителите… жалеа зашто светилникот на Писмата не се запалуваше во помрачената бугарска земја… И што направија? Се обратија кон Утешителот, чиј прв дар се јазиците и со помошта на Словото ја измолија благодатта за да најдат букви, погодни за грубиот бугарски јазик… И откако го примија овој сакан дар, тие ги пронајдоа словенските букви, ги преведоа боговдахновените Писма од елински јазик на бугарски…“
И има ли потреба уште да продолжам да пишувам за нашите свети отци кои нѐ просветија и со слово и со вера?
Откако беа прогонети од Моравија (Горазд ќе биде убиен од Германите), каде се упатија нашите свети отци Климент, Наум и Ангелариј? Во Бугарското царство на светиот кнез Борис – Покрстителот.
Тие пристигнуваат најпрво во град Белград, кој во тоа време, како што пишува во својата книга ресенчанецот Симеон Радев „Македония и българското възраждане Том I и II“, бил бугарски град. Потоа одат во престолнината Плиска при благоверниот кнез Борис, кој ги пречекал со голема радост и почит. По барање на кнез Борис, св. Климент ќе биде пратен во областа Кутмичевица која ги опфаќа земјите околу Охридското и Преспанското езеро, како и цела Јужна Албанија до Јадранското крајбрежје во мисионерска дејност. Ќе биде отворено Охридско-Деволско книжевно школо за културна, духовна и национална преродба. Св. Наум останува во престолнината Плиска каде што отвора книжевно школо, кое ќе продолжи со својата дејност во Преслав (бидејќи подоцна Преслав станува престолнина).
А пред доаѓањето на нашите свети отци во Бугарија, благоверниот и богомудар кнез Борис ја согледува потребата од една обединета сила, дека Словените и Прабугарите во неговата држава треба да ги сплоти во еден народ, а тоа единствено можело само преку прифаќање на единствената вистинска вера – христијанството (во тоа време не било поделено на православно и римокатоличко христијанство). Само преку христијанизација можело да се премине преку племенските разлики помеѓу двата народа и да дојде до негово слевање, сплотување. Што и се случило.
Масовното покрстување на Словените и Прабугарите се извршува во 864-865. Од тогаш, благодарение на светиот кнез Борис Михаил се создава, оформува еден народ, со едно име Бугари, со христијанска вероисповед, а во царството се прифаќа словенскиот јазик. Во границите на тоа Бугарско царство се наоѓа и Македонија.
Еве што пишуваат нашите илинденци за тоа во сп. „ИлюстрацияИлиндень“ издадено во Софија, февруари 1936 год :
„Семето за националната идеја и за самостојна словенска култура го посеал сам Борис, првиот бугарски христијански кнез…“
И да не навлегувам во подробности за тоа каде е создадено Кирилското писмо, чиј е цар Самуил, на кого треба да му припаѓа Охридската Архиепископија… Кратко ќе кажам дека Кирилицата се создава во Преславската школа; за цар Самуил најголемо сведоштво е тоа што после ослепувањето на неговата војска, византискиот император бил наречен Бугароубиец; а пак Охридската архиепископија произлегува од Бугарската Патријаршија, која е создадена и признаена со томос уште во 870 година. Охридска Архиепископија станува дури по падот на Самуиловото царство и тогаш од византискиот император Василиј II Македонецот – Бугароубиецот е снижена во ранк на Архиепископија и потчинета на грчката Патријаршија. Со губењето на териториите во војната со Византија, Бугарија ги менува престолнините од град во град и во времето на цар Самуил, кога престолнина на Бугарското царство е Охрид, се преместува и седиштето на Бугарската Патријаршија (подоцна во Трново ќе се создаде Трновска Патријаршија) и од тогаш се нарекува Охридска Патријаршија (најобемно, најдетално, најпедантно и најубаво за историјата на Охридската Архиепископија има напишано охриѓанецот Иван Снегаров – „История на Охридската архиепископия“ во два тома).
Не велам дека нешто од ова треба да им припадне само на Бугарија и Бугарите денес, туку ние, денешната Македонска држава и денешните Македонци треба само да сме вистинољубиви, да ги прифаќаме историските вистини, за кои има многу докази и факти и не треба тоа да ни создава комплекс и нижа вредност, туку да се помириме со нашето минато, со нашите предци. Тоа помирување со нашето бугарско минато, нема нас, денешните Македонци да нѐ направи Бугари, ниту пак ќе бидеме помали Македонци. Напротив, ќе имаме една богата историја, ќе имаме вистинска и силна подлога, која ќе ни го храни духот народен и врз која може да опстане оваа наша мила Македонија. Ние, Македонците, не сме биле аморфна маса (како што се изразуваат ‘браќата’ Срби), па лесно да паѓаме под влијание на секаква пропаганда, напротив сме имале многу силен национален дух, што се покажало низ вековите.
Тука треба со голема почит и поклонение да посветам неколку редови и за нашата света црква Егзархијата, која највеќе е заслужна за зачувување на нашата национална свест, во спротивно ќе бевме погрчени. Нема да го опишувам процесот за создавање на светата Егзархија бидејќи колумнава би станала многу обемна, само ќе кажам дека во бугарската комисија која преговара со грчката за создавање и признавање на Егзархијата, односно црква за нашето население, сакате словенско или бугарско, член е и Партениј Зографски по потекло од село Галичник. Таа борба е започната уште со самото укинување на Охридската архиепископија (благодарение на Русија), но најжестоко започнала Велигденот во 1860 година и траела до 1870 година кога е и добиен ферманот за создавање на Егзархијата.
Не само Партениј Зографски е Македонецот кој се борел за создавање на Егзархијата, туку заслужно е и целокупното македонско население. Сведоштво за тоа наоѓаме во Органот на македонската емиграција во Бугарија „Македония“ издаден во Софија на 4 април 1929 год. во кој се вели:
„Создавањето на Егзархијата е резултат од напори и жртви на целокупниот бугарски народ со најголемо учество на македонските бугари, зашто бугарската духовна преродба го има гнездото во Македонија: Пајсиј Хилендарски, Јоаким Крчовски, Кирил Пејчинович, архимандрит Теодосиј, Неофит Рилски, Браќата Миладинови и плеада светли борци за духовно пробудување, се синови на Македонија…“
Како први во борбата се истакнале скопјани. Скопската епархија во 1829 година побарала да има бугарски владика. Во 1831 година прилепчани побарале да им се дозволи изградба на црква за бугарските христијани, а во 1835 година добиле и царски ферман во кој пишувало: „Се одобрува изградба на една мала Црква за бугарскиот народ во Прилеп“.
Во книгата „Църква и църковен живот в Македония“ од Петар Петров и Христо Темелски, во четвртата глава „Македония в диоцеза на Българската Екзархия“ запишани се сите претставници од македонските епархии кои учествувале на Црковно – народниот собор во Цариград, на кој собор бил изработен Уставот на Егзархијата (23 февруари – 24 јули 1871 год.).
Мислам дека доволно напишав за нашата света Егзархија, доволно за да секој разбере дека таа црква не беше создадена за пропаганда од Бугарите, туку таа црква беше создадена од самото македонско население кое се чувствуваше за бугарско.
Во контекст на досега изложеното, приложувам сведоштва од странски патешественици за самоопределбата на населението во Македонија и пред создавањето на Егзархијата. Еве што тие запишале:
„Јас ги нарекувам жителите на Македонија Бугари, а не срби, зашто тие сами се нарекуваат така и зашто нивниот јазик е од бугарско наречие… За мене лично нема ниту најмалку сомнение дека Македонците треба да се причислат кон Бугарите… Целата српска пропаганда е бесрамно мангупство, предизвикано од завист кон Бугарија“, пишува Густав Вајганд.
Дипломатскиот претставител на Венеција во Цариград, Лоренцо Бернардо (1591) ги опишува местата низ кои минувал: „Струга е поскоро село… Бугарите говорат словенски јазик, но се од грчката вера… Битола е еден бугарски град…“; Турскиот патешественик Хаџи Калфа (1614 – 1655) ги опишува местата во Македонија низ кои поминува: Хрупишта, Костур, Битола, Лерин, Прилеп, Охрид и др. и потцртува дека жителите им се Бугари; Пеќскиот патријарх Арсениј Черноевиќ во 1689 год. пишува дека заедно со србите востанале и „Бугарите од македонските епархии…“; За српскиот историчар, архимандрит Јован Раиќ (1726 – 1801) Косово поле е јужната граница меѓу српската земја и бугарска Македонија; Францускиот конзул во Солун, Феликс Божур во својата книга „Воено патување во Отоманската империја“ (1820) забележува: „…Некои од селата што се среќаваат по патот од Штип за Велес и од Велес за Скопје се населени од Бугари – христијани… Селото Ала Клисе (Постол) на патот меѓу Солун и Ениџе Вардар е населено со Бугари…“; Српскиот историчар Димитриј Давидовиќ (1788 – 1838) ги опишува во својата „Историја на српскиот народ“ и приложената кон неа карта на градовите Ниш, Врање, Скопје, Велес и др. како бугарски градови; Српскиот етнограф и писател Вук Караџиќ во 1815 год. и 1822 год. публикува народни песни од Македонија, кои ги нарекува „Бугарски песни“; Во својот труд „Топографическій – етнографическій очеркъ Македоній“, кој излегува во 1889 год. во Петербург, српскиот емисар Стефан Верковиќ пишува: „…Все македонскіе славяне изключително назьıваютъ себя Болгарами…“; Французинот Еспри Мари Кузинери во својата книга „Патување во Македонија“ (1820) и покрај своите елинофилски чувства, тој забележува: „…целото Солунско поле е населено од Бугари, исто и целата Воденска епархија, Мегленско… Во Скопје се наоѓаат многу Бугари…“; Англискиот дипломат Давид Вуркарт (1805 – 1877) пишува: „…потурчените Бугари ги заземаат планинските места. Оние, коишто си ја запазиле верата, ги населуваат рамнините на Македонија, Епир, Бугарија и Тракија, во околините на Битола, Солун, Јанина, Ниш, Софија, Пловдив и дури Цариград…“; Чехот Павел Јосиф Шафарик (1795 – 1861) угледен словенски етнограф, јазичар и археолог, по посетата на Македонија забележува: „…Словените во цела Македонија се нарекуваат Бугари, а српскиот елемент почнува од Приштина и зад Ниш.“ Според русинот Јуриј Иванович Венилин (1802 – 1839) кој ја посетува Македонија и земјите населени со Бугари „…коренити жители на Македонија се Бугарите, какви што се наоѓаат исто така и во Албанија и Тесалија… Бугарите насекаде ја населуваат Македонија…“; Германскиот лекар А. Гризебах посетувајќи ја Македонија во своите патни белешки од 1841 год. запишува дека бугарското население „е многубројно во скопскиот пашалак и во каазите Скопје, Качаник, Тетово, Дебар, Ќустендил, Кратово, Куманово, Паланка, Кочани, Штип, Радовиш и Струмица.“
За да го разбиеме погрешното и лажно гледиште на македонската и српската историја кон Егзархијата, дека таа беше создадена за да го побугари македонскиот народ ќе наведеме примери од нашите преродбеници на кој јазик тие ги пишувале своите книги, воедно ова ќе покаже и од каде произлегува денешниот македонски јазик, а и какво било нивното национално чувство.
Пајсиј Хилендарски по потекло од Банско (Пиринска Македонија), монах на Света Гора, ја пишува во 1762 год. „Славеноболгарская история“; Јоаким Крчовски по потекло од с. Осломеј, Кичевско, на насловната корица од книгата „Повѣст ради СТРАШНАГѠ и ВТОРАГѠ пришествїѧ хрїстова“(1814) пишува дека книгата е напишана на „простѣйшїи ѩзьікъ Болгарскїй“, во превод на современ македонски јазик „прост (едноставен) јазик Бугарски“; Кирил Пејчинович родум од с. Теарце, Тетовско, во неговата книга „Ѡгледало“ (1816) пишува дека е составена на „препростѣишьıмъ и не книжньıмъ ѩзьıкѡмъ Болгарскимъ Долнїѧ Мѵссїи“; Браќата Константин и Димитар Миладинови од Струга, ја издаваат книгата „Бѫлгарски народни пѣсни“ (1861).
Потребно е да се знае дека и пред Егзархијата нашите предци учеле во бугарски училишта, збореле бугарски јазик (бидејќи македонски не ни постоеше како јазик, туку како наречје/дијалект), барале да имаат своја бугарска Црква…
Во прилог ќе цитирам дел од едно писмо (во оригинал) на скопски ученици од 26 Јануари 1852 година (бугарското училиште во Скопје е отворено во 1835 година): „Болгарски ми скопски ученици много трудни! Молим Г.А.С.Б…, да моли вестникът да изложи нашето много смирено и покорно желание, щото да се увери нашето Болгарство и да се радува… Будете уверени всички мали дечиня, Славяно-Болгарчиня...“
Големиот руски славист А. Селишчев во својата статија „Хаджи Йоаким и язьıк его книги“ пишува: „Во „Чудеса“ и „Наставления“ се наоѓаат јазични црти од разни бугарски говори, не само од македонските и другите западнобугарски, но и од источнобугарските…“. Истиов Селишчев има напишано книга која ја насловил „Полог и его Болгарское население“.
Мислам дека темата околу јазик не треба сеа да ја отвораме и зачнуваме, доволно е досега изложеното, на секој кој е паметен и вистинољубив би му станало јасно од каде произлегува македонскиот јазик. Поподробно за македонскиот јазик во некоја следна колумна.
Но тука морам да го спомнам и нашиот преродбеник, велешанецот Јордан Хаџи Константинов – Џинот и да приложам дел од неговите писанија:
„И ако ме пита некой, школски человек ли си или болгарин, аз полноответям: Болгарин сам. Че не е честно на моето славяноболгарство да творам зло и лукавство; прави болгарин не лаже… Болгарин е срамота да се отрицува от своят род и язик…“
Еве дел од неговата песна „Река Вардар“ напишана во Велес во 1869 година (извадокот е од книгата „Просветителството во Македонија“ издадена во Битола 2008 год., стр. 218-219):
„… Това ти е Вардарова вода,
За трговци на служба, на згода,
Болгарин е од стари времена,
Населен е с болгарски племена.
Гостиварци, Тетовци, Мијаци,
Прав’ Болгари, најстари скопјанци…
Ето братја етнографија,
Не вервајте грчка географија,
Македонија страна толко славна,
Болгарија е од веки, од давна…
Ми Болгари треба да трпиме,
Зашто високо име ми носиме…“
Завршувајќи го прилогот со нашите преродбеници, кои со нивниот напор, труд, трпение, пожртвуваност, вера и борба, успеаја да го зачуваат народниот дух кај Македонецот, понатаму сакам малку да го расветлиме оној дел од македонската историја кој е наречен „Периодот помеѓу двете светски војни“. Зошто баш таков наслов? Кој е тој период помеѓу двете светски војни?
Кога станува збор за ‘бугарските фашисти и окупатори’, тогаш нема некој помек, попријателски збор кој би бил искористен во нашата македонска историја, туку тој период баш така е запишан и запаметен, дека тука дошле ‘бугарските фашисти и нѐ окупирале’. Ајде бе. По која историја? Комунистичката? Југословенската? Српската?
Продолжува…
Автор: Тодор Вангелов
Вториот дел од колумната можете да го прочитате овде.