МАКЕДОНСКАТА ГОЛГОТА (7)

Но, тука имам пак дилема и прашање: Нели Македонија се ослободи од фашистите и дојдоа Титовите ослободители и нели македонскиот народ го сакаше тоа односно да бидеме со и во Југославија, зошто тогаш формираат патриотски организации за борба против Титовиот режим и Југославија? Но, поверодостојно е, дека НИКОЈ од Македонија не го сакаше Тито и Југославија (освен србоманите), а насила беше приграбена во границите на таа сатанистичка федерација и сега нормално народот морал да се организира и да поведе борба против тој сатанистички режим, против таа толку ‘демократска’ Југославија.

loading...

За тоа дека не ја сакале Југославија и дека ја сметале како Србија, еден од осудените за Македонија, Крум Миладинов во своите искажувања, вели: „Една од главните причини за нашето самоорганизирање беше опасноста од реставрирање на кралска Југославија. Не можевме да сфатиме повторно да се најдеме под српско ропство и да бидеме третирани како јужносрбијанци.“.

Во нивната пресуда со која се осудуваат седуммина ученици од Охридската гимназија, меѓу кои е и Крум, го пишува следново:„Виновни се, затоа што во 1945-46-47 година во Охрид се непријателски расположени кон државното и друштвеното уредување на ФНРЈ и НРМ. Обвинетите образувале терористички центар на терористичката организација ВМРО на Ванчо Михајлов, а со цел, преку вооружена борба и помош на странските империјалистички сили го урнат постоечкото државно и друштвено уредување на ФНРЈ… да ја отцепат НРМ од ФНРЈ во некаква „Самостојна Македонија“ под протекторат на Англија и Америка на чело со џелатот на македонскиот народ Ванчо Михајлов…“.

Да се вратиме на Владо Велјаноски, да прикажеме како тој бил мачен во Битолскиот затвор и да го изложиме неговото сеќавање во врска со Георги Карев. Прв иследник му бил Пецо Думбало, а после Блаже Жежоски. Пецо Думбало пиштолот го држел на маса, на масата имало бокал со вода во кој го квасел синџирот, а потоа го тепал и мачел. Думбало при сослушувањето му викал: „А бре, копиле, јас му ебав мамето на Ченто, а не тебе. Ќе те испратам Билбил камен и око нема да ми трепне.“. Сите кои не се сложувале со србославската политика на УДБ-а биле убивани кај Билбил камен, на патот за Ресен. Блаже Жежоски имал друг метод, тој со палците го стегал под гушата со цел да го задави, па потоа со вода го освестувале. Во Идризово лежел со Георги Карев и со него бил во контакт сѐ до неговото убиство.

За Георги Карев, Владо вели: „Георги Карев, иако стар, ги прошета сите градилишта во Македонија. Заедно со младите работеше и зиме и лете. Мислеа дека на таа тешка работа ќе подлегне и ќе умре. Иако имаше 75 години, тој некако издржуваше… Во 1949 година го вратија во таа старечка соба и како што реков, стално се среќававме, разговаравме за сѐ. Му останаа уште два месеци до целосно издржување на казната… Тој мене ми велеше: „А бре внучко Владо, мене овие кучиња ќе ме јадат, а ќе бидеш сведок оти нема да ме пуштат. Ќе ме убијат.“ Зборуваше за Злате Билјановски, тогаш тој беше министер за внатрешни работи: „Тој сѐ ќе стори за да ме убијат.“ Карев зборуваше дека бил обвинет од србомани… Едно утро, кога земавме доручек, ми кажа дека видел некој многу чуден и страшен сон. Кога ми го раскажуваше, кожата ми се наежи. Георги тогаш ми рече дека овој сон многу бргу ќе се овистини: „Мене, внучко, биди сигурен, бргу ќе ме убијат. Нема да ме пуштат да си одам дома.“ И навистина така стана. Вечерта кога се вративме од работа во „Препород“ и се построивме за вечера како и секогаш, го немаше Георги Карев… Дента разбравме дека дошол министерот за внатрешни работи на НРМ Злате Билјановски, а секогаш кога ќе дојдеше Злате во Идризово мораше нешто да се случи со некој затвореник. Другиот ден изутрина, додека нѐ пребројуваа од еден од карцерите се слушаше офкање… Колку што времето одминуваше, толку и офкањето се намалуваше… Тоа беше гласот на Георги Карев… Кога престана офкањето, дојдоа двајца со носила и покрај нас го однесоа во амбуланта… Рацете му беа отпуштени надолу, надвор од носилката, а и не даваше знаци на живот…“ (Стојан Ристески, Судени за Македонија, Охрид 1995, стр.490-494)

Книгата на Стојан Ристески е во македонистички стил, но преку тие досиеја на македонските патриоти, кои не се сложуваа со политиката на Југославија, кои сакаа самостојна и независна Македонија под протекторат на Англија и Америка; други, ако е возможно, сакаа присоединување кон Бугарија; го прикажува ‘слободниот и демократски’ режим на Тито и Југославија. Како, во таа ‘демократска’ Југославија си можел ‘слободно’ да размислуваш, зборуваш, пишуваш. Ја препорачувам на секој, кој застанува во одбрана на Тито и Југославија, нека ја земе и прочита оваа книга, а и книгата на Темелко Нешков „Разделба нема – Македонија против македонизмот“.

Бидејќи погоре го споменав Лазар Колишевски, морам тука да споменам уште неколку личности кои се корифеи на македонизмот.

Блаже Конески е бивш претседател на Македонската академија на науките и уметноста. Роден е во с. Небрегово, Прилепско, како изданка на родоотстапничкото семејство Љамевци. Братов син е на најголемиот родоотстапник во Македонија, предан орган на српската пропаганда Глигур Соколовиќ – Љаме. Бивш врховистички четник, тој Љаме по Илинденското востание се продава на србите. Се вгнездува во планинските места на својот роден крај Азот и Поречијата, води војна со ВМОРО и успева да убие од заседа тројца прекрасни војводи – Стефан Димитров и Панчо Константинов, раководители во Велешко и Георги (Гога) Ацев – во Прилепско. Неговиот престапен образ е опишан од Димитар Талев во романот „Гласовите ви ги слушам“, во лицето на Јосиф од Рапа.

Блаже Конески ја искористува црната слава на својот чичко и е удостоен со кралска стипендија за следење, прво на гимназијата во шумадискиот град Крагуевац, заедно со прославениот Лазар Мојсов, а потоа како студент по филологија во Белградскиот универзитет. Катастрофата на кралска Југославија го затекнува уште како почетен студент и тој се запишува на Софискиот универзитет под името Благој Конев, Бугарин, пак стипендист. По 9 септември 1944 година станува Блаже Конески и застанува на чело на србизаторската акција на македонскиот говор. Тој ја налага српската азбука, напишува и граматика на тој јазик и неговата историја, фалсификувајќи ги готовите соодветни бугарски научни трудови. Тој беснее и во историјата на Бугарската преродба, фалсификувајќи го делото на сите бугарски преродбеници во Македонија. Тој е целосен апологет на македонизмот врз основата на научните прегрешенија на прославениот Крсте Мисирков.

Харалампие Поленаковиќ е македонски куцовлав (цинцар) од Гостивар. Тој беше и првиот секретар на Македонската академија на науките и дејствуваше рамо до рамо со Конески. Целиот негов живот претставува дејност во српски дух. Женет за србинка, студира српски јазик и литература на Скопскиот факултет, потоа брзо станува асистент на својот професор по српска литература и зема најактивно учество во српските шовинистички списанија во Скопје: „Јужни преглед“, „Скопски гласник“, „Гласник скопског ученог друштва“. Таму издава статии, во кои што народните песни од Македонија ги претставува како стари српски (види ја неговата статија „Скопље у народним песмама“). По катастрофата на кралска Југославија бега во Белград, каде што станува асистент во универзитетот. Истовремено развива активна дејност меѓу македонските печалбари затекнати во Белград, околу себе собира разни србомани и образува „Друштво јужносрбијанаца – избеглица“. Меѓутоа набргу бил осуден поради злоупотреби.

Го чекал крајот на војната, кога се вратил во Скопје заедно со српската власт и при основањето на денешниот скопски универзитет се настанува за извонреден професор по „стара македонска и јужнословенска литература “ и „македонска литература од XIX век“. Не ги испушта меѓутоа и лекциите по југословенска литература, за да го поддржи српскиот оган во македонското високо просветно огниште. Особено е грижлив да ги истражува и посочува врските на македонските културни дејци од Преродбата со српските културни средини и да ги толкува како српски ориентирани. Забележителна е неговата шпекулација специјално со Јордан Хаџи Константинов – Џинот. Тој е нај пројавениот толкувач на делото на македонските преродбеници против бугарско, како сепаратистичко. По сите славистички конгреси војува во тој правец и предизвикува скандали со оние, кои не се согласуваат со него и ги поддржуваат општо признатите вистини за Македонија.

Васил Иљоски е исто македонски куцовлав (цинцар), родум од Крушево, но живее во Куманово. Тоа е познатиот во кралска Југославија Василие Илиќ, автор на драмски опити на српски јазик. Го завршува скопскиот универзитет по српска литература и во навечерието на Втората светска војна ја пишува по поддршка на српскиот писател Стефан Стремац драмата „Ленче кумановче“. Со тоа, тој станува еден вид основач на денешната македонска драма, макар и творбите да му имаат само воведен карактер. По создавањето на СР Македонија тој се впушта да пишува нови драми на македонски говор и како единствен дотогаш драмски писател го заживува сознанието, дека е градител и на македонскиот литературен јазик и со тоа е „голем“ деец. Како награда е избран за член на Македонската академија на науките. Заедно со својот сонародник Поленаковиќ и со Блаже Конески станува заштитник на македонизмот. Тој ги истражува корењата на македонскиот „јазик“ далеку во минатото и ги претставува сите македонски преродбеници како македонисти, борци против „наметнуваниот им“ бугарски јазик. Иљоски вели: „Секој дијалект може да се оформи во литературен, дури и оној, кој никогаш не бил таков“, бидејќи „сите литературни јазици на сите народи се оформиле од некој нивни дијалект или комбинација од дијалекти, вклучувајќи ги и литературните јазици, кои го сметале за свој дијалект“. Таков бил случајот и со „македонскиот јазик“, сметан од србите за српски, та може да вклучува и српски елементи.

Ете тоа се македонските корифеи и великани. Па дури оваа 2021 година е во ликот на србоманот Блаже Конески.

Но, ние кои сме вистинољупци, нѐ интересира вистината и само вистината. Да погледнеме што пишува српскиот филолог Александар Белиќ. Макар и голем шовинист, тој барем тука ја немал дрскоста да ја одрече вистината за бугарскиот карактер на Кирило-Методиевиот јазик. Во својата книга „Срби и Бугари у Балканском рату “издадена во Београд во 1913 година, тој пишува:

„Што се однесува до јазикот, познато е, дека во Јужна Македонија се наоѓа лулката на црковнословенскиот јазик, на кој се преведени првите книги на Светото писание во времето на браќата просветители. Тој јазик, заедно со јазикот на Источна Бугарија, претставувал еден бугарски прајазик“.

Прогласениот посмртно за Македонец бр.1 од македонската влада во времето на Никола Груевски, Крсте Петков Мисирков две години пред својата смрт во в. „Мир“, бр. 7155 од 19 Април 1924 година пишува:



loading...

Ние Македонците доброволно си избравме еден општ бугарски литературен јазик… уште пред ослободувањето на Бугарија, зашто последната не беше покултурна од нас и не можеше ниту културно, нити политички да ни се наметне. Со други зборови, ние си имаме литературен јазик, којшто си е наша работа и резултат на слободен избор.“

Основоположниците на „Младата македонска книжевна дружина“ со печатен орган списанието „Лоза“, од кое го добиваат своето име „лозарите“, беа првите, кои се занимаваа со јазикот на Македонија. Во книшка 2 од 1891 година, тие го направија следното историско искажување:

Да создадеме одделен „македонски јазик“ би било глупост од наша страна… Наше убедување е дека македонските наречја (говори, дијалекти) нема да претставуваат почва за образување на одделен, самостоен, литературен јазик…“

Дневникот на Крсте Петков Мисирков, кој го пишувал од 5 Јули до 30 Август 1913 година додека живеел со своето семејство во Русија, денес издаден од Државна агенција „Архиви“ на Р.Бугарија и Државен Архив на Р.Македонија, Скопје-Софија 2008, ни открива многу поразлични погледи и вистини, од тие ‘вистини’ кои ни ги сервираат нашите академици од МАНУ и Националниот институт по историја. Да погледнеме што Мисирков запишал во него:

„…Нема друга словенска нација каде што познавањето и почитувањето на националното минато би биле на толку ниско ниво како кај Бугарите… Нема словенски народ помалку националистички и повеќе космополистички настроен отколку што е бугарскиот народ. Бугарите… знаеја дека Македонија е етнички бугарска земјабугарската младина од бугарското средно училиште во Македонија…“.

„…Јас сум мирен затоа што се забележува пресврт на подобро во бугарските работи… а исто така и затоа што јас го исполнив својот долг спрема Бугарија…“.

„…како Македонец, во минатата година јас им се радував на настаните што доаѓаат. Како Бугарин, јас исто толку им се радувам на претстојните. Главно е дека Русија ќе ги брани својата чест и своите интереси и ќе нѐ поддржи нас, Бугарите…“.

„…Русија го поттикнува создавањето на голема Романија во исто време кога се исплашила од голема Бугарија. Русија му покровителствува и на создавањето на голема Грција и голема Србија и сето тоа за сметка на бугарскиот народ, кој се наоѓа во немилост кај Русите… Жестокоста на Русија спрема Бугарите достигнува неверојатни размери: спречувајќи ја да се бори, Русија бара Бугарија да признае дека е победена и засекогаш да се откаже од своите права кон Македонија, да влезе во балканскиот сојуз со тоа што во својство на сојузничка држава ќе се лиши од правото на протест поради насилното асимилирање на Бугарите од страна на Србите, Грците и на Романците… Русија ја задуши Бугарија, без да ѝ даде право и можност да писне…“.

Никој нема да нѐ негира како Македонци ако си го признаеме нашето минато. Напротив ќе бидеме уште поголеми Македонци. Со прифаќањето на историската вистина, еднаш засекогаш ќе го решиме и прашањето: Кои Македонци сме ние? Бидејќи денес Македонецот не знае каков Македонец е: Дали Словен? Дали антички? Дали бугарски? Грчки? Денес сме очевидци, дека тие Македонци кои си го спознаваат своето минато, се декларираат за Бугари. Дали вие кои седите во владата и се борите само за личен интерес, ви е од полза оваа поделба на нашиот народ? Решете го овој проблем (ако може така да се нарече), затоа што ќе имаме поделена нација, едни ќе бидат Македонци (Словенски, Бугарски, Антички, а има и од најлошите Македонци – србоманите), други ќе се декларираат за Бугари (ова не важи за другите народности).

Упатувам АПЕЛ до државните институции на мојата држава Македонија, до МАНУ, ДАРМ и до Институтот за национална историја да не ги кријат доказите и фактите, туку да ги извадат на виделина и да престанат повеќе да ја лажираат историјата. Некој рекол: Пред фактите и боговите молчат. Дојдено е времето да се застапите и да го заштитите вашиот, нашиот народ, зошто ако не го сторите тоа, Голготата што до сега ја поминал ќе биде залудна, а тоа што пак допрва ќе дојде ќе биде далеку пострашно и далеку попогубно од претходното…

Бидејќи денес во светот од страна на сите христијани се слави големиот христијански празник Рождество Христово – Божиќ, од сѐ срце им го честитам со познатиот поздрав „Христос се роди!“ Нека Христос се роди и во нашите срца, и во нашите животи. Да живееме според Неговото учење и да го направиме светот да биде едно утопистичко место, а Неговото учење е науката на ЉУБОВТА. Христос не сака поделби, не сака раздори, Тој сака сите да сме едно во Него, во Неговата љубов. Тој Самиот е Изворот на Љубовта… И така на сите ви упатувам една Божиќна порака, која и Христос ја упати до неговите ученици: „Љубете се за да ве познаат дека сте мои ученици“.

Автор: Тодор Вангелов

Продолжува…