МАКЕДОНСКИОТ БАЈ ГАЊО ОД ВЕВЧАНИ

Гревот што го запали бугарското знаме во Вевчани си мисли дека направил нешто навистина патриотско. Се послужил со огнот за да ги избрка лошите „татарофашистички“ духови од Македонија. Духови коишто најбезобразно го реметат „вековниот идентитет“ на Македонците. Ништо од тоа. Единственото нешто што го постигна е да им даде уште еден адут на политичарите во Софија. Да бидат уште покрути и се разбира да немаат можност за компромис бидејќи, ако го направат ќе се судрат со гневот на бугарскиот народ.

loading...

Како некои овде да заборавиле дека празникот Василица, треба да биде духовно обединување на еден народ, искажано преку карневалите, во коишто ќе се исмеваат пред се сопствените маани и неспособности, за потоа да излезе „прочистени“ и обединети.

Омразата кон „туѓите“ не треба да биде чин во деновите на почитување на нашите светости.

Порнонационализмот посеан во вжештена и празна глава, носи со себе само актови на очај. Ќе запалиш знаме, ќе вратиш пасош, ќе напишеш некаков дебилен напис или смешка за да се убедиш самиот дека ти вредиш, а тие што стојат од спротива не чинат, ќе се закануваш, виртуелно, ќе сакаш да општиш сексуално за цена од две червени, бидејќи и самиот толку вредиш како човек и интелект и секако ќе се правиш на жртва на некого, на кого му дошло преку глава од твоите комплекси дека веќе фармерки има и кај „оние кои двка имаа видено само на реклама“.

Запали им го знамето на бајгањовците, мамето нивно „татарофашистичко“… Бај Гањо, бидејќи веќе го спомнав, е главниот лик од серија сатирични фељтони на генијалниот бугарски писател Алеко Константинов. Во неговиот лик, авторот ги собрал сите негативни црти на просечниот Бугарин и на еден мајсторски начин успеал да ги претстави и исмее онака на купче. Бај Гањо ја има својата еволуција, од итар и необразован трговец кој предизвикува смеа со своите постапки додека продава масло од рози низ Европа, до бескруполозен лик кој има политички амбиции и дури во еден период издава весник. Добро е да се знае дека се нашол еден бугарски автор кој собрал храброст да ги опише сите негативни особини на своите сонародници. Самоиронијата е вештина само на големите луѓе по дух.

Сурушот што го запали бугарското знаме во Вевчани, може комотно да се искористи како прототип на еден македонски бај Гањо, но што пишувам јас по ѓаволите… Батето со знамето е најубав, најпаметен и сите му завидуваат, а неговата постапка не е плод на неговиот испржен мозок, туку е одговор на провокациите од соседна Бугарија, која никако да сфати дека и сто факти да се изнесат за бугарскиот карактер на мнозинскиот дел од населението во Македонија од пред 100 и повеќе години, истите можат да се толкуваат како што ѓаволот го чита Евангелието. Точка! Крај! Ние не сме бајгањовци, но по страшното е тоа што македонскиот Алеко Константинов никако да се појави. На хоризонтот се гледаат бугарските коњи кои ја пустошат околината на Пехчево, се гледаат и импотентните обиди на некој „новинар“ од Канал 5 да биде духовит со козерии од типот „Захариева барала ова или она“, некаде таму далеку се слуша и крикот на македонските вечни Југословени, но од македонскиот Алеко ни абер нема. Ние сме идеални!


loading...

Ние ли напишав? Тие се идеални… Очајни, груби, невоспитани и жални. Ако се најде јунак да им ги собере сите „убави црти“ во едно или повеќе дела ќе го прогласат за странски платеник и така ќе си ги измијат рацете. Сега во ова корона време миењето раце е задолжително, но не е лошо да му обрнат внимание и на образот… Очаден им е од пушекот на знамето што го запалија. Знаме под кое се бореле голем број македонски херои, ама тоа е странска платена пропаганда, нели така, господа македонски бајгањовци?!

Фото: 24.мк

Автор: Атанас Величков