| |

МАЛИ МАКЕДОНСКИ ПАРТИИ

  И конечно во Собранието стигна тој толку долго најавуван предлог од малите партии за промена на изборниот закон, чија содржина ни ја соопшти малиот лидер на Демократскиот Сојуз Павле Трајанов:

– Македонија да биде една изборна единица, со пропорционален модел, без изборен праг и со пресметка по Дантонов модел.

– Парламентот така ќе биде реален одраз на волјата на граѓаните, и повеќе партии ќе може да одлучуваат за круцијалните прашања.

– Ќе се создадат услови за департизација и деполитизација на државните институции, и ќе има можност да се отвори робусна борба против криминалот.

  Трајанов уште рече дека не е за отворени изборни листи, а аргументот му е – дека со отворени листи ќе имало многу неважечки изборни ливчиња (значи народот е глупав, нема да разбере како треба да гласа со отворени листи, и ќе има многу погрешени изборни ливчиња).

Е значи поголема лага, измама и катастрофа од малите партии не можеше да има. Лажеа дека се за отворени изборни листи, за пренесување на одлучувачката моќ од лидерите на граѓаните, слично како и првиот пат кога ја изнесоа оваа иницијатива, и сега наместо за отворени листи – се залагаат само за една изборна единица, а отворените листи не им чинеле зошто нашиот народ е глупав? Маските паднаа, и политичките полтрони си ги покажаа своите прави лица. И каде беше на пресот да се појави и лидерот на ЛДП Горан Милевски, кој толку многу се залагаше по медиумите и ги фалеше отворените листи? Се усрами од нас граѓаните? Брука!

  Ајде уште еднаш кратко да видиме која е разликата помеѓу изборните модели со една изборна единица и со отворени листи, и да видиме кој е кој и за што се залага. Може да прават што сакаат, ама не може да мислат дека сме глупави и ништо не разбираме, па без тронка срам – во очи и при здрава памет да не прават будали. Разликата од шест до една изборна единица е што така малите партии нема да губат гласови, и може да добијат еден или два пратеника повеќе во собранието. Па кој добива од ова, дали државата и ние граѓаните – или само лидерчињата на малите партии, да можат во парламентот подобро да се пазарат при гласањето на лошите закони, кои се во интерес само на мафиите во Македонија? Е сега, нема да имаме само три, нели, туку ќе имаме плус 7-8 „важни“ лидери, кои исто така ќе може добро да се омрсат од мафијата покрај главната тројка Заев-Мицкоски-Ахмети.   Значи, со една изборна единица повторно остануваат затворените изборни листи, што значи дека пак лидерите на партиите ќе одлучуваат кој кандидат ќе биде поставен погоре на изборните листи, а со тоа и кои ќе бидат идните пратеници, министри, директори на државни институции и т.н. Функционерите секогаш му се лојални и го слушаат оној кој ги поставил и од кого зависат, а тоа пак се – лидерите на партиите! А од кого зависат лидерите на партиите, кој нив ги поставува и кој ги финансира? Дали ние граѓаните ги поставуваме и бираме, и дали ние ги финансираме со платата од буџетот? Секако не!

Нив ги поставува и финансира мафијата, домашна и меѓународна, и тие си прават во државата што сакаат. За нив законите не важат, па можат и да ги донираат своите плати великодушно на социјалните случаи, како Заев и други министри. Жално е, да, и трагично, но тоа е вистината и треба отворено да се каже.

  И што вели Трајанов, со една изборна единица „ќе се создадат услови за департизација и деполитизација на државните институции, и ќе има можност да се отвори робусна борба против криминалот.“ Зошто, и според која логика? Па тој, Апасиев, Милевски и тие околу нив се тепаат за пратеник повеќе со една изборна единица – за да можат да добијат некоја функција или институција повеќе, не за да ја оправат Македонија туку за да дрпнат нешто повеќе за себе и своите послушници во партиите. До тука се нивната идеологија, визија и морал, ма каква Македонија какви бакрачи? Треба ли да веруваме во нивните лаги дека со една изборна единица нивните функционери и функционерите на светото тројство СДСМ-ДПМНЕ-ДУИ ќе престанат да вработуваат партиски војници во администрацијата, дека таа ќе се намали а со тоа ќе почне да се намалува и задолжувањето на државата? Дека со таквите „департизирани и деполитизирани“ институции ќе тргнеме во робусна борба против криминалот, која борба еве сега и Заев ни ја најавува со некаква прекрасно напишана програма? Па ако овие гнасни и мизерни лаги сѐ уште доволно луѓе ги голтаат – ние и не заслужуваме држава, и нека и натаму ни се случува ова што сега ни се случува – тотален распад на државата и беда и мизерија на народот.

Очигледно е дека партите во Макединија, без оглед на нивната бројност во членство и пратеници, беа и остануваат мали партии, со мали лидерчиња и ситни човечиња во членството. Какви патриоти, какви државотворци, сѐ се тоа бедни и ситни душички кои сакаат колку можат повеќе да пивнат од крвта на својата мајка, без да им е грижа што таа може секој момент да умре. За ситните душички Македонија се само тие самите, и евентуално, во ретки случаи, нивните најблиски. За другите во државата – баш им е гајле, а ако на другите не им чини – може слободно да умрат, или барем да се отселат, само да не им се маткаат пред очи и да им ја вознемируваат заспаната совест.

  Останува на младите, на кои секако не им е сеедно во каква држава ќе живеат и ќе прават семејства, да го кренат својот глас, за почеток преку медиумите и социјалните мрежи а понатаму и на улица, и гласно да им кажат на овие лидерчиња на малите партии дека не им поминуваат мизерните игри и манипулации, дека се прочитани и дека сакаме во најскоро време отворени изборни листи. Само со нив ние граѓаните ќе одлучуваме кој ќе биде наш народен пратеник и функционер во Македонија, а преку тоа и кои ќе бидат лидери на партиите и кој ќе ја води нашата заедничка Македонија. Доста ни е матни типови да не „владеат“, крадат и манипулираат, сакаме политичари кои ќе се борат за нас и ќе ни служат. А ако сме малку, се плашиме, не мрзи или не знаеме како да се избориме за отворените листи – ќе мораме да почекаме некој друг за нас да го направи тоа, во случајов ЕУ со преговорите, ама за тоа малку повеќе ќе почекаме, зошто мафиите и лидерчињата на малите партии нема лесно да ја предадат власта и буџетот, за кои крваво се изборија.

  Големите државници, лидери и партии секогаш се ставале над своите лични и партиски интереси, се жртвувале, му служеле на народот и се бореле за големите идеали и народни интереси – по цена на своите маки, страдања и мизерувања, а често и по цена на својот живот. Дали гледаме денес некоја голема државна идеја, и некој кој би се жртвувал за неа и за своите граѓани? Затворените изборни листи не дозволуваат големи идеи, тие во прв план го исфрлаат личниот интерес, криминалот и корупцијата, партизирањето и политизирањето на државните институции – практично заробувањето на државата. Големата идеја која ја ослободува заробената држава, која се бори за интересите на граѓаните и за која вреди да се жртвува – е изборниот модел со отворените изборни листи. Без оглед на бројноста, оние партии кои ќе се изборат за воведување на отворени листи – ќе станат и засекогаш ќе останат големи партии, со големи лидери. Очигледно е дека сега нема такви партии и лидери, а сегашниве партии засекогаш ќе останат запаметени како мали партии, кои ги воделе полтронски и криминални лидерчиња со ситни душички, и кои со воведување на  една изборна единица сакале само малку повеќе да штрбнат од државниот мед.

Автор: Елизабета Најдоска Величкова



Слични Објави