| |

„ МАЛИТЕ “ ПОЛИТИЧКИ ПАРТИИ ВО МАКЕДОНИЈА

Распадот на поранешната сојузна заедничка држава Југославија, донесе повеќепартиски систем и пазарно општество. Еднопартискиот систем, тоталитарен во суштина се замени со слободно партиско општество во кое граѓаните слободно можеа да се здружуваат во свои политички организации, т.е партии. Политичките партии најчесто се доброволни организирани групи, каде што одредена група на луѓе се себеидентификуваат најчесто според идеолошката компонентна. Непишано правило во целиот свет е дека на „ политичката потковица“ партиите се делат на пол. партии од  лев и десен политички  блок, и политички центар.

Новото време донесе и други партии, крајно радикални ( антиисламски и антиимигрантски во Европа)  , „ зелени“ , партии создадени од феминистички движења, партии исклучиво формирани за застапување на пензионери, односно целносообразени партии кон одредена граѓанска група. Потиснатиот политички систем во Република Македонија скоро половина век, после независноста на републиката , доведе до „ експлозија “ од формирање на политички партии во Македонија. Најчесто тие, не беа идеолошки мотивирани, туку се создаваа како резултат на личната желба на поединци или група на истомисленици најчесто од лукративни цели.

Освен  Социјалдемократскиот сојуз на Македонија( СДСМ) и Внатрешно македонско револуционерната организација – Демократска партија за македонско национално единство ( ВМРО-ДПМНЕ),  кои соодветно уште на самиот почеток ги заземаа и пополнија левиот и десниот политички простор на македонската политичка сцена, во изминатите две и пол децении ниту една друга политичка партија не се позиционираше трајно како резултат на нејзината идеолошка матрица. До некаде исклучок, можеби прават Демократската обнова на Македонија (ДОМ), позиционирајќи се како „ зелена партија“, која најчесто се бори за заштита на животната средина и екологијата, и новоформираната „ Левица“, која настана како партија, од нуклеусот на граѓанските здруженија „ Ленка “ и „ Солидарност“, кои се бореа за работничките права,социјална правда и правично општество.

Во Македонија има мноштво на партии кои лутаат низ идеолошкиот простор и времето, најчесто опстојуваат врз база на клиентилистичко- лукративен интерес на нивните лидери ( раководства), кои ја менуваат политичката страна во зависност од промената на власта. Најчесто нив , граѓаните и не ги препознаваат како реални политички партии со автентична политичка платформа, туку како „ ДООЕЛ приватни фирми“ на лидерот и неговите блиски истомисленици. Помалите партии во Република Македонија, за да опстојат како автентични пол. субјекти мораат да изградат свој долгорочен политички имиџ- јасна политичка визија, зацртана цел и автохтона политика.

Најголем интерес на една политичка партија е да ја освои и да партиципира во власта ( бидејќи само така ќе може институционално да делува), но  кај нас т.н мали партии се сведоа на „ политички привезоци„ на некои од големите два пол. блокови предводени од СДСМ и ВМРО –ДПМНЕ. Единствен обид за изместување на воспоставениот баланс на политичката сцена во Македонија, направи своевремено  Демократската Алтернатива, предводена од Васил Тупурковски, кон крајот на минатиот век, без чие партиципирање и политичка сила, не можеше да се формира парламентарно владејачко мнозинство, но истата брзо како „ кула од карти“ се распадна и за неколку години исчезна од политичката сцена во Република Македонија. Причина за ова, е најверојатно деидеологизираноста на самата партија, лукративно- клиентичистичките мотиви и пориви кај нејзиното раководство , а резултат на сето тоа е брзо испарување од политичката сцена во Македонија.

За да стане политичката сцена во Република Македонија политичко „ мени“, во кое граѓаните ќе имаат голем политички избор, треба политичките партии да изградат вистински партиско-политички платформи, базирани на долгорочна стратегија, визија и идеолошка матрица која ќе изискува повеќе време истата да биде промовирана и прифатена од пошироката јавност. Во нашето поблиско и пошироко опкружување  имаме примери кога помали, скоро маргинални политички партии станале владејачки и доминатни политички сили во земјите каде што функционираат. Еклатантен пример за тоа е СИРИЗА, која од една мала политичка групација, стана владејачка партија кај јужниот сосед Грција.

Македонија, заедно со Албанија останаа последните две балкански држави кај кој е вкоренет партискиот бипартизам,  без можност и простор за пробив на други опции. Виновни за тоа се можеби делумно граѓаните, но многу повеќе лидерите и самите т.н мали политички партии, кои не умееја или можеби и не сакаа доволно да се потрудат да го освојат македонскиот политички простор.

Автор: Благојче Атанасоски, историчар, м-р по политички науки

 

 

Слични Објави