Марта Кос: Погребот на Ратко Младиќ ќе биде важен тест за Србија
Однесувањето на српските власти во врска со погребот на осудениот за воени злосторства Ратко Младиќ ќе биде важен тест за тоа дали Србија ги споделува европските вредности, изјави еврокомесарката за проширување Марта Кос, јавува БГНЕС.
„Ова ќе биде многу важен тест за тоа што ќе се случува во следните денови“, рече Кос, додавајќи дека прашањето ќе биде значајно и за оценката на усогласеноста на Србија со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
Ирскиот министер за европски прашања Томас Брн изјави дека државен погреб или учество на високи претставници на српската Влада во оддавањето почит на Младиќ би било неприфатливо за Европската Унија.
„Мислам дека државен погреб би бил неприфатлив. Но, и можноста високи претставници на Владата да му оддадат почит е неприфатлива“, рече Брн.
Авионот со телото на Младиќ, кој почина на 27 август во Хаг, пристигна на белградскиот аеродром „Никола Тесла“ на 3 септември. Ковчегот бил покриен со српското знаме, а го носеле припадници на српската армија. Неговиот син соопшти дека погребот ќе се одржи на 7 септември на гробиштата „Топчидер“.
Хашкиот трибунал на 8 јуни 2021 година го осуди Младиќ на доживотен затвор, откако беше прогласен за виновен, меѓу другото, за геноцидот во Сребреница во 1995 година, во кој беа убиени околу 8.000 Бошњаци.

