| | |

Американските Македонци во балканскиот вител!

Пишува: Владимир Перев

Заминувањето за Америка би требало да означува заминување во Новиот свет, па следствено на тоа, да се замине во “нов“ живот. Припадниците на некои народи успеваат во тоа, додека некои никогаш не можат да се оттргнат од своите корени. Меѓу најнеприлагодливите секако се македонците/бугарите, грците, па бога ми и хрватите и србите…за италијанците се знае, никогаш не забораваат од каде се.

Македонците во Новиот свет никогаш немале проблеми со новата средина. Тие, како што е вообичаено на балканските простори, имаат проблеми со себе сѝ и со сопственото себепрепознавање. Тоа се проблеми кои ги имале и овде, па се носат како неопходен “багаж“ и во новиот свет.

Денес тоа честопати е придружено со полни куфери литература, весници и списанија, или филмови од татковината која ја напуштаат. Имаат обичај да лажат за себе сѐ и својата земја. Од искуство, најмногу лажат македонците и грците; за нив нивната Македонија или Грција е најдобрата, најбогатата и најдемократската земја на светот, ама ете, судбината сакала тие да ја напуштат. Со ваквите изјави, некои лажат затоа што толкав им е ителектуалниот капацитет и образованието, а некои лажат преднамерено, за да можат и во “старата“ татковина да имаат, тие и нивните семејства удобен статус, свесни за (не)демократските капацитети на родната држава.

Иселувањето од Македонија за Америка почнува некаде кон крајот на 19. век, за целата силина да ја покаже по Илинденското востание, па сѐ до денешни дни. Први организирано се иселуваат оние кои се препознаваат како грци, заминуваат и се сместуваат во огромни колонии низ цела Америка, слично на србите и хрватите кои заминале нешто пред нив. Потоа доаѓаат македонските бугари, односно оние кои себе си се препознаваат како бугари од Македонија. Дистинкцијата е јасна, бугарите од Књажество Бугарија се селат во Америка (по 1878 г.) како граѓани на слободна држава, а македонските бугари се поданици на султанот и се селат како бугарски ентитет, согласно законите на Отоманската империја. Така и се впишани во книгите во Елис Ајленд. Тоа е првата поделба на бугари и македонски бугари, на слободни бугари од Бугарија и на поробени/неслободни бугари од Османската империја. Така е и до денешен ден, само што окупаторот во Македонија се менувал во неколку наврати. Бугарија останува слободна, барем до 1944 година, за потоа, до 1990 година да ја има илузијата и мечтата за слобода.

Првата организација на македонските/неслободните бугари е Македонската патриотическа организација (МПО) формирана 1922 година во Форт Вејн, Индијана, претежно од преселници од Егејскиот дел на Македонија, како и некои помали групи од битолско-прилепскиот регион и од дебарско и тетовско. Програмските цели се вообичаени: борба за рамноправност на бугарите со другите народи во Македонија, формирање на самостојна македонска држава и барање социјални права. Јавна тајна е и никогаш не се криело дека тоа е организација-продолжение на ВМРО во Америка, а нејзините дејци се отворено на страната на Иван Михајлов, дури ако е потребно и против интересите и политиката на бугарската држава. Настаните од 1934 година, па и по 1944 година јасно го објаснуваат тој факт. МПО со воодушевување го прифаќа фактот на влегувањето на германските сили во Југославија и со нетрпение чека, бугарите да се решат конечно и да им се придружат на германските сојузници во Македонија.

Така е сѐ до оваа 2023 година, кога пред 101-та Конвенција на МПО, раководството воведе нова формула за бугарите од Македонија-поделба на македонски бугари и етнички македонци (во амадманите на Уставот е запишано дека за МПО, Македонец е секој кој има потекло од која и да било етничка група во историските и географските граници на Македонија бел. уред.), во овие вториве вбројувајќи ја поновата генерација на емиграција, талас дојден по шеесетите години од минатиот век. Сето ова со цел за некакво обединување на македонското ткиво на американскиот континет, цел племенита, но невозможна. Ова се плочките за “патот кон пеколот“, каде наместо обединување, македонското ткиво се раздели уште еднаш, на “етнички“ и оние другите “не-етнички“, значи бугари и некои други од Македонија.

Но, разделбите почнуваат и порано, но на идеолошка основа. Во градот Понтијак, во Мичиген, во 1929 година, во домот на илинденскиот војвода Смиле Војданов, се формира Македонскиот народен сојуз (МНС). За претседател е избран Смиле Војданов а за секретар, агентот на Коминтерна Георги Николов Зајков-Пирински, од Банско, Бугарија.

Македонскиот народен сојуз е нешто како вратничка на Коминтерната кон САД, а Пирински активно содејствува со забранетата Комунистичка партија на САД. Се издаваат весниците “Народна волја“, “Балканско здружение“ и “Трудова Македонија“. Целта на македонскиот народен сојуз е да се сруши МПО и да се девалвира нивното гласило “Македонска трибуна“. Тоа е само прикритие на реалната цел-организирање на синдикални борби за промена на режимот во државата. Поточно речено, отворање револуција и воведување “диктатура на пролетаријатот“. Заради тоа, Георги Пирински е обвинет за повикување кон насилно рушење на американската влада и осуден на 10 години затвор, или да замине од земјата. Тој одбира да остене во сигурните американски затвори, наспроти несигурната иднина во сталинистичка Бугарија. Сепак, американците во 1951 година го репатрираат.

Интересна е судбината на Георги Пирински. Живеел во неколку држави и во два режима, два пати бил женет за сопруги-литванка и словенка, и двете со еврејско потекло. Кога американците го репатрираат тој сака да дојде во Југославија, но Сталин забранува. Симнат е од авион во Прага и таму чека девет месеци за “Хазјаина“ да му ја реши судбината. Сепак, дозволено му е да се врати во Софија, каде е пречекан како херој. Умира во 1992 година, признавајќи дека “Аз няма да си простя, докато съм жив, че в името на партийната дисциплина в оня фанатичен вид, в който тогава я разбирахме, не проявих историческа далновидност“. Неговиот син Георги Пирински, по добриот бугарски, русофилски и болшевички обичај, беше претседател на Парламентот на Бугарија во периодот од 2005-09 година.

За разлика од образованиот и агентурно формиран Георги Пирински, претседателот на МНС Смиле Војданов-Азем (Лактиње, 1872- 1958, Понтијак, САД) е револуционер и борец, но со скромно, речи си никакво образование. Војвода во Илинденското востание, потоа пријател и соборец со генарал Александар Протогеров, за конечно, со војводата Петар Чаулев и со албанските првенци од Реканскиот крај, да го води Охридско-Дебарското востание против српската власт во Македонија. Заедно со писателот Стојан Христов, организира помош за НРМакедонија по војната и учествува во собирањето донации за изградба на болницата во Скопје. Доаѓа еднаш во Македонија, но по враќањето во Америка, дава изјави за недемократскиот режим во Македонија и прогоните и убиствата без суд и пресуда на македонските бугари. Потоа, во официозот “Нова Македонија“ е обвинет за велобугарски национализам за конечно, никогаш повеќе, до својата смрт да не се врати во родниот крај.

Накратко, ова би бил “багажот“ на етничко македонската и македонско бугарската емиграција во САД во последниве стотина години. Ама денес во МПО нема никој кој знае македонски или бугарски, нема никој кој може на родените таму да им ги раскаже овие истории на идеологија, национални исклучивости и политички недоследности. Пред сѐ, на македоно-бугарските традиции, толку различни од традициите на оние кои се нарекуваат етнички македонци, па што и да значи тоа.

Треба да се присуствува на конвециите на МПО за да се види сета различност во поимањето на историјата, нацијата и демократијата. На емпеовските конвенции на чело се фотографиите на Тодор Александров и Ванчо Михајлов, на убиените петмина струмички студенти, на Мара Бунева, усмртениот од комунистите Јордан Чкатров заедно се неговиот стрелан брат Димитар, на редактите на “Македонска трибуна“ и ред други паднати како жртви на српската, грчката и комунистичката окупација на Македонија. Како до нив ќе се најдат “култните“ фотографии на Тито, на Лазо Колишевски, па ако сакате и на Мисирков, дали ќе има фотографија и на Георги Димитров (кој толку многу направил за македонците?!), како и ред други дилеми. Како ќе седнат на иста маса да разговараат…и за што ќе разговараат. Веројатно како се прави зелник и турли тава, ама и тука ќе се појават непремостливи разлики…етничките македонци нема да признаат ништо што нема некаква врска со Александар Македонски, Тито (ни ја даде нација и државата, нели?!), Лазо Колишевски, Темпо и ред други сатрапи на македонските бугари.

Не може да има мир и единство на македонците (било какви) на американскиот континент или било каде на друго место во светот, ако нема мир и единство во Македонија. Тоа може да стане само ако бидат признати човечките права на сѐуште потиснатите македонски бугари, права рамни на оние на бугарите во Бугарија, права кои ќе го гарантираат нивното достоинство како основачи на оваа држава. Македонската патриотическа организација може да се соединува со кого сака и да се дели како сака, но нема право да решава за идентитеот на “македонците“ овде. Тоа е само право на оние кои овде живеат, на нивниот договор за иднината на земјата и на позициите на меѓународната заедница.

Ние и само ние овде, решаваме за судбината на македонските бугари, за нивното име и место во општеството. Тоа праве е стекнато со нашето битие, но и помогнато со оправданото и целисходно ангажирање на бугарската држава и меѓународната заедница. Демократијата и човековите права на сите во Македонија се единствената опција за опстанок на оваа држава и овој напатен народ.

Слични Објави