| |

МЕЃУИНСТИТУЦИОНАЛНА КООРДИНАЦИЈА ЗА УТВРДУВАЊЕ НА ПРИЧИНИТЕ НА АВТОБУСКАТА НЕСРЕЌА

Заради координација и поголема динамика во постапувањето на сите надлежни институции при утврдувањето на причините на автобуската несреќа што се случи на автопатот Скопје-Тетово кај с. Ласкарци, во Основното јавно обвинителство Скопје денеска се одржа работен состанок на претставници од надлежното обвинителство, Министерството за внатрешни работи, Бирото за судски вештачења, Машинскиот факултет во Скопје и на Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија.
Со цел да се обезбеди динамика во утврдувањето на сите релевантни факти и причините кои доведоа до несреќата, Основното јавно обвинителство Скопје во текот на денешниот ден започна со испитување на очевидците на настанот, а во текот на неделата свој исказ пред надлежен јавен обвинител ќе даде и возачот на автобусот.

Од Министерството за внатрешни работи до Обвинителството денеска беа доставени скицата, фотодокументацијата и други писмени прилози во поглед на сообраќајната несреќа, а во текот на денот ќе биде доставен и записникот за извршениот увид на местото на настанот.

Претходно, постапувајќи по првичното известување од Министерството за внатрешни работи доставено во петокот, Обвинителството уште истиот ден изготви наредби за обезбедување други писмени докази од правното лице „Дурмо турс“ – сопственик на автобусот, како и од ресорните министерства за транспорт и врски и за внатрешни работи. До Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија беа доставени наредби за обдукции на сите починати лица, а од здравствените установи беше побарана комплетната медицинска документација за повредените. Исто така, беа побарани листинзите од мобилниот телефон на возачот, а за самиот телефон беше изготвена наредба за вештачење, со цел да се утврди дали ви критичното време возачот активно користел некоја од комуникациските врски на тој телефон. До Машинскиот факултет во Скопје во петокот беше доставена наредба за вештачење на техничката исправност на автобусот во моментот на несреќата.



Слични Објави