МИ ФАЛИ „ТИТКАТА“

Забава Истакнато Магазин

Се ми се чини дека се претворивме во робови. Скоро сите до еден… Робови на работата, робови на обврските, испрани мозоци од медиумите … Одам на работа, онака со надеж дека ќе видам нешто поинакво, нешто поразлично или нешто што барем ќе ме врати во тинејџерските години, на пример како двајца средношколци избегале од час и се љубат на старата клупа во паркот.

Одејќи, сфаќам дека се е залудно. Гледам само машини… Онака забрзани… Брзаат за да стигнат до целта и ја исполната својата денешна монотонија. Како се претворивме во празнина? Каде ни е бојата? Каде е она убаво виножито во животот што секој ден ни го правеше среќен, насмевнат и полн со очекувања?

Во не толку далечно минато пред едно петнаесетина години, кога сите користевме Nokia 33 10 (мислам на тие циглите, на кои можеше само да се јавиш и да пратиш порака), пуштањето на сигнал на некој значеше дека го мислиш… Е тоа пуштање на сигнал (титкање) носеше такво убаво чувство на задоволство и неопислива чудна радост.

Се заборавивме драги мои. Прво самите себе а потоа и сѐ останато. Заборавивме дека ние сме единствените тие кои можеме да си го направиме нашето секојдневие игриво. Заборавивме да се смееме, да плачеме, да играме да живееме! Чест на исклучоците кои сѐ уште се радуваат ако симпатијата им намигне, чест на тие што од средата ги планираат авантурите за викендот. И секако на некој начин чест и на онаа која „испукала“ од љубомора, бидејќи нејзината колешка го освоила нејзиниот симпатија. Чест затоа што барем чувствува нешто. А штом чувствува тогаш и живее! 😉

Автор: Елизабета Најдоска Величкова