МИЦКОСКИ БЕГА ОД ИЗВИНУВАЊЕТО ЗА ВЛАДЕЕЊЕТО НА ГРУЕВСКИ: БИ СЕ ИЗВИНИЛ АКО ЈАС ПОГРЕШАМ

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервју за најновиот број на неделникот „Фокус“, зборува и за неговиот претходник Никола Груевски. Тврди дека не се сретнал со него откако избегал во Унгарија, а избегнува директно да одговори на прашањето дали би се извинил за грешките на неговиот претходник.

ФОКУС: Кога ќе речете зошто не се извинат политичарите од актуелнава власт за случајот „Рекет“, дали вие ќе се извините за еден период од времето кога Груевски е премиер, кој беше хорор за многу граѓани. Зашто, дел од граѓаните можеби се незадоволни од оваа влада, но постои страв дека вие ќе продолжите таму каде што застана Груевски. Дали вие би се извиниле за маките на луѓето што беа под прогон на таа власт?

МИЦКОСКИ: Јас можам да се извинам доколку јас како политичар, во случајов лидер на опозиција, или утре, доколку би ја добил довербата на граѓаните, и бидам премиер на Владата на Република Македонија, направам нешто со што ќе го засрамам гласачот што мене ми ја дал довербата. Можам да се извинам доколку јас како политичар ја изневерам волјата на граѓаните и подготвен сум првиот момент, ако тоа се случи, да сносам одговорност, а не да барам бледи и стерилни оправдувања. Инаку, ако ме прашувате дали би се извинил како политичар за сите неуспеси на македонското општество во изминативе 28 години независност, навистина можам да кажам дека жалам што како држава не успеавме да создадеме општество што ќе понуди можност за секој еден граѓанин, базирана на неговите компетенции и квалитети, вели Мицкоски во интервјуто за најновиот број на „Фокус“.