МИЛИ МОИ, ТАКА НАРЕЧЕНИ PROTESTERS OF NORTH MACEDONIA, НЕ МЕ „ПИТАТЕ“, АМА МОРАМ ДА ВИ КАЖАМ НЕШТО

//

Не, не морам, туку сакам да ви кажам нешто исто како вие да сте агата од песната „Нешто ќе те питам бабо“, а јас да сум бабата, па право ќе ви го кажам…

Дојдов во Македонија, пред 14 години, како воспитан и убеден „антички“ Македонец. Што да правам кога сум плод на мајката Природа и татко- член на ОМО „Илинден“. Дојдов и разбрав дека меѓу младите што ги запознав, бројот на тие што израснале со песните на Васка Илиева, Сариевски, Бадев и ред други, никако не е голем. Како да ви го кажам по просто: За време на пијанките во Студентски речиси сите ја знаеа цела „Срце је моје виолина“, ретки беа тие кои ја тераа до крај „Милке душо“… мислам дека веќе се разбираме.

И сега да не испадне работава дојде овој и седна да ни се фали колкав Македонец е, а ние треба да му симнеме шапка. Не, нема да се фалам. Напротив. Понесен од некаква необјаснива за мене (од денешна перспектива) еуфорија и јас ги мразев „клетите Татари и Шиптари“. и Грците ги мразев, ама оти до тогаш немав видено Грк со голо око, нив како да не ги мразев толку. Напишав една песна-акростих посветена на Хашкиот трибунал во вид на обраќање кон еден Шиптар со бело капче на главата. Се сликавме со едни другари во стил ИСИС, цела деценија пред  таа да се појави- сами можете да се досетите кој беше „џелатот“, а кој „жртвата“ во приказната, дури имав испринтана слика од Тигрите на Аркан, заедно со самиот Аркан и едно тигарче… ја знаете бе, позираат пред еден тенк. Ја тргнав сликата после некое време, но не е ни важно. Поубаво да ви го кажам јас тоа, отколку некој мој „душегрижник“ да се појави од Ништото и да добие 5 минути слава додека ви раскажува, како денешниот борец за нормалност, пред само неколку години бил далеку од ова што сега го дроби на нет… сум направил уште еден куп глупости, правам глупости, и ќе продолжам да правам глупости, но поентата не ми е да се оправдувам. За ништо што сум го мислел или направил не жалам… сум созреал, сум се променил, а некои мои поранешни другари, дури ме обвинија дека сум се продал…

Сума сумарум пред околу 3 години чашата прелеа…

Ми се скурчи да мразам. Да драги мои protesters of North Macedonia, ми дојде преку поранешниов „антички“, а денешен македонски знаете што.

Годината е 2015, јас печалбарам со „татарскиот“ пасош во џеб и разбирам дека во Македонија, некој кој сака преку омраза да ќари нешто ги однел во смрт 8 македонски специјалци. Реприза на 2001-ва? Не!!! Нешто друго е, и јас не сум толку паметен да ви го објаснам. Не можев повеќе. Не можев повеќе да мразам, оти смртта боли и кине живо месо од оној што ја видел како му ги зема најмилите. Мене ми земала.

Арно ми текна на речиси 30 години да прекинам да мразам. Да ми даде Господ уште барем 30 во кои ќе сакам, нема да биде лошо.

Годината е… ма што е важна годината, ова не е хронолошка таблица.

Синоќа во главниот град на мојата Македонија имаше протест. Јас не бев на терен иаку се водам новинар и по диплома. Протестот беше повеќе од легитимен. Се собраа луѓето да го искажат својот револт, бидејќи не сакаат промена на уставното име на нивната земја. Еден мој другар, ми испрати видео на кое еден поп кажува нешто во стилот: „ако треба и оружје во рака ќе земеме“. Разбрав дека имало и испади дека „ќе горело од Гевгелија до Куманово“, па да прашам нешто.



Какви се тие попови што повикуваат на оружје и какви се тие патриоти кои ќе ја палеле Македонија? Која Македонија ќе ја палите вие? Мојата Македонија?! Нема да ви дозволам. Мојата Македонија нема да гори пак, оти вие што денеска се јачате со тубите бензин, утре ќе се криете под Јорган планина, или пак ќе бидете некаде далеку на завет од местото каде ќе гинат луѓе и каде ќе се „плетат“ црните шамии на нивните мајки. Нема да ви дозволам вие да си го прчите некаде надоле на краците и откако ќе заврши се, да се вратите овде и да раскажувате приказни за „херојски колежи“ за кои нели некој другар ви кажувал. Сум се наслушал на приказните за тој еден другар, што познавал некој што бил 2001 во војната, јасни ми се тие фори.

Попот од синоќешното видео само сакам да го потсетам дека е свештено лице, а ние не се наоѓаме во времето на Питу Гули за да се пали толку. Нит ни дошле Турци в село да ни ја рушат републикава, нит ќе дојдат. Ајде да пазиме малку на вокабуларот, како прв чекор во победата врз омразата.

Поради таа истата омраза, забораваме нешто многу важно. Пред Господа сите сме исти. И сите патиме од заедничките проблеми што ја мачат нашата земја од самото нејзино осамостојување, па и од пред тоа.

Токму тие проблеми треба заеднички да ги решаваме. Исто како што направи новинарот, кој ја однесе онаа женичкана од Тимјаник, која дошла да протестира против изградбата на домот за децата со посебни потреби, на сред село на 50 степени, па таа да си види за какви деца станува збор. Така се прави, земете пример од мојот драг колега Фуркан Салиу.

Имам уште еден куп позитивни примери, ама за жал позитивизмот не продава, го уништија со омраза и донекаде со турбофолк. Го уништија како што вели еден мој другар, со порнонационализам.

Не бидете порнонационалисти туку патриоти и не палете ја Македонија од Гевгелија до Куманово. Слободно можете да ме пцуете и колнете, само неа не палете ја… оти немате претстава колку ја сакам.

Автор: Атанас Величков



Претходна статија

МАКЕДОНИЈА МОЖЕ СКОРО И ДА НЕ СТАНЕ ЧЛЕНКА НА НАТО И АКО ГО ПОТПИШЕМЕ ДОГОВОРОТ СО ГРЦИЈА

Следна статија

ВОИНОТ НА КОЊ ЌЕ СЕ ПРЕИМЕНУВА ВО ХЕЛЕНСКИ ВОИН НА КОЊ

Најново од Истакнато

Последниот атентатор (8)

Спомени на Крсто Петрушев (1913-2007) од Богданци, припадник на ВМРО, запишани од Владимир Перев. На почетокот