Министерот за транспорт на Бугарија Пеев: Акцискиот план вреден 23 милијарди евра меѓу Бугарија, Грција и Романија предвидува конкретни проекти до 2034 година
Тристраниот акциски план меѓу Бугарија, Грција и Романија, вреден речиси 23 милијарди евра, предвидува конкретни инфраструктурни проекти со рокови за реализација до 2034 година, изјави министерот за транспорт на Бугарија, Георги Пеев, пренесува БГНЕС. Финансирањето ќе се обезбедува главно од Европската Унија.
Планот опфаќа нови мостови над Дунав, автопати и железнички врски долж три главни оски – западна, централна и источна. Меѓу предвидените траси е и Солун – Кулата – Софија – Видин.
„Низ годините се потпишуваат многу меморандуми и договори. Важни се резултатите. Затоа, кога зборуваме за акциски план, тоа значи конкретни проекти со конкретни рокови“, нагласи Пеев.
Според министерот, средствата се очекуваат претежно преку „Поврзана Европа“, во рамките на следната финансиска рамка на ЕУ за периодот од 2028 до 2034 година.
„Затоа во овој акциски план се предвидени рокови до 2034 година, со јасно утврдени проекти“, рече тој.
Пеев ја истакна поддршката од Европската комисија, еврокомесарот за транспорт Апостолос Ѕиѕикостас и Европскиот парламент. Тој оцени дека проектите се значајни и за економијата и за безбедноста на источното крило на НАТО.
Министерот најави дека на почетокот на следната година во Бугарија ќе се одржи средба на високо ниво со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, посветена на „Средниот коридор“ и на Коридорот 8.
Осврнувајќи се на состојбите во транспортниот сектор по смртта на Илијан Филипов, Пеев изјави дека државата ќе преземе мерки за ублажување на можните потреси.
„Со оглед на обемот на неговата дејност, постојат одредени ризици“, рече министерот и најави разговори за да се спречат негативни последици.
„Ќе ги спроведеме соодветните разговори и се надевам дека компанијата ќе продолжи со својот подем“, додаде Пеев.
